Во врска со денешното поптишување на оговорот „влада со влада” меѓу Велика Британија и Северна Македонија, „360 степени” разговараше со британскиот амбасадор Метју Лосон за клучните прашања поврзани со целиот процес – како ќе оди текот на парите, дали веќе се знаат британските компании што би влегле во проектите во Македонија, зошто прво се потпишува документ за економска соработка, а не договор за стратешко партнерство
„Тоа е формалност. Може да се потпише во секое време. Мојот премиер е среќен јас да го потпишам. Ќе биде тешко во блиска иднина повторно да се соберат премиерите, но тоа е формалност. Тој го обединува целиот спектар на нашата соработка и не мора да биде потпишан за да стапи во сила“, вели амбасадорот Лосон
360°: Амбасадоре, се потпишува договор меѓу владите – влада со влада – меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Се очекува да се потпише и договор за стратешко партнерство меѓу двете земји. Оттука, би сакал да ве прашам што точно опфаќа тој договор влада со влада и дали не би било, да речеме, пологично прво да се потпише договор за стратешко партнерство зашто тој ја опфаќа целокупната иднина на соработката помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија?
Метју Лосон: Ви благодарам многу. Убаво е повторно да сум гостин во вашата емисија. Првото нешто што би го рекол е дека ова е навистина клучен момент во односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Веќе имаме значајна трговска релација, како и одлична билатерална соработка како блиски партнери во НАТО. Овие два документа, во кои договорот за стратешко партнерство претставува општ рамковен договор, а договорот влада со влада претставува значаен чекор во трговската и инвестициската релација, се вистинска пресвртница во нашите билатерални односи. Многу сме возбудени. За да одговорам директно на прашањето – мислам дека двете влади одлучија, во друг главен град – прекрасната Тирана, во делумно хаотична атмосфера поради одржувањето на Самитот на Европската политичка заедница, дека не беше вистинскиот момент да се седне и да се потпишат документите. За обете страни најважно беше тоа што нашите премиери се сретнаа и го објавија стратешкото партнерство. Ги носиме владините претставници, вклучително и заменик-премиерот, кој мислам дека ќе го придружува и заменик-премиерот Меџити, прекрасно е што успеавме да го добиеме и него, за оваа недела во Велика Британија да се потпише договорот влада со влада. Тоа е само прашање на редослед – формалност во потпишувањето, но договорот влада со влада е важен затоа што ги содржи финансиските компоненти и затоа тој договор треба да се потпише што е можно побрзо за да почнеме со испорачување на значајни трговски проекти кои со опфатени со овој договор.

360°: А што со стратешкото партнерство?
Метју Лосон: Како што реков, тоа е формалност. Може да се потпише во секое време. Мојот премиер е среќен јас да го потпишам. Ќе биде тешко во блиска иднина повторно да се соберат премиерите, но тоа е формалност. Тој го обединува целиот спектар на нашата соработка и не мора да биде потпишан за да стапи во сила.
360°: Досега деталите за Договорот влада со влада се непознати. Да бидеме отворени – од каде ќе доаѓаат парите? За колкава сума зборуваме? Кој ќе ги даде парите, какви се каматните стапки и роковите за отплата? Можете ли да бидете попрецизни? Знаете, ѓаволот е во деталите.
Метју Лосон: Секако, многу драго ми е што го поставувате прашањето. Како што веројатно видовте денеска, има соопштение од самото потпишување кое дава повеќе детали. Дозволете ми да го објаснам тоа за гледачите. Договор влада со влада претставува пресвртница во стратешко инвестициско партнерство меѓу нашите две земји. Тоа вклучува соработка меѓу компании и влади, техничка помош од британски владини институции за поддршка на инфраструктурни проекти. Веќе слушнавте дека Владата веќе ги наведе двата приоритета – брзата железница и здравствениот сектор – болници. Што може граѓаните да очекуваат? Квалитетна и брза изградба на инфраструктура со британска експертиза, според британски стандарди. Во рамки на договорот влада со влада ќе донесеме и институции од нашата страна за техничка поддршка. На пример, ќе имаме специјалисти од јавното здравство кои ќе соработуваат со вашата влада за изградбата на болниците. Исто така, ќе го имаме и конзорциумот „Кросреил“, ако Владата го сака, а тоа е истиот оној што го изгради и дизајнираше комплексниот инженериски потфат на железничка мрежа исток-запад во Лондон. Значи, ќе ја понудиме оваа техничка експертиза. Што се однесува до финансирањето, постои британска извозна финансиска рамка која го нуди договорот за финансирање. Вкупната рамка е 5 милијарди фунти и досега владата разгледува искористување на околу 2 милијарди фунти, што е малку повеќе во евра, за стратешките проекти во железницата и болничката инфраструктура. Значи, многу бројки се во игра, но треба да бидеме јасни што значат тие. Во смисла на инвестиции и градење на трговската размена, слушнав некои луѓе прашуваат зошто Британија го прави ова сега. Одговорот е – ние сме втор најголем инвеститор тука, а повеќе од половина од трговијата на Британија со Западен Балкан е со преку Северна Македонија. Од наша страна тука станува збор за градење на трговските односи, за стотици милиони фунти економска корист за Северна Македонија и стотици милиони фунти економска корист за Обединетото Кралство. Тоа е дел од владината стратегија за раст и тоа е дел од нашата понуда за подобрено билатерално партнерство.
360°: Тоа ме води до следното прашање. Има ли увид кои конкретни британски компании би се пријавиле за вакви инфраструктурни проекти во железницата и здравството? Затоа што, да бидеме искрени, договорите влада со влада, според британската влада, примарно се инструменти кои ја поддржуваат британската економија. Значи, има ли интерес кај конкретни британски компании кои би сакале да работат во Македонија?

Метју Лосон: Апсолутно добро прашање. Искрено кажано, секако дека би сакале британски компании да бидат дел од овие проекти. Работиме со нив за да дадат најдобри можни понуди за под овој договор влада со влада, да пристапат до британската извозна финансиска рамка. Како и кај другите слични рамки, има минимално условено британско учество – најмалку 20% од договорите треба да бидат со британски компании. Точните детали од набавките и тоа кои точно компании ќе учествуваат и во каква форма, тоа ќе зависи од вашата влада. Веќе претставивме неколку британски компании во процесот, но сè уште не можам да ги именувам, но штом ќе можеме ќе ги соопштиме, ќе бидеме отворени и транспарентни. Формалните услови се јасни – тоа е рамката за финансирање, најмалку 20 проценти мора да биде британско учество, но тоа и остава на владата доволно простор самата да реши што е добро за неа. Ние сметаме дека британските компании се светска класа, имаме фантастична понуда и би сакале да ги видиме во стратешка пол-позиција во однос на овие договори.
360°: Рековте дека постои голем британски економски интерес во Северна Македонија. Од 2009 година земјата има безвизен режим во шенген-зоната. Сега зборуваме за стратешко партнерство и уште поголеми инвестиции на британски компании во Северна Македонија. Но, од друга страна, не гледаме укинување на визите за македонски граѓани кон Обединетото Кралство. Може ли да очекуваме напредок за ова прашање кое е важно за многу граѓани?
Метју Лосон: Одлично прашање. Искрено, како што реков на прес-конференцијата минатата недела, јас како британски амбасадор би сакал да го видам олеснувањето на визниот режим. Не би се изненадиле колку многу луѓе зборуваат и тоа го бараат. Со толку силна трговска релација, има многу аргументи во полза на вакво олеснување. Но, ќе бидам исто толку искрен – прашањето за миграцијата е огромен внатрешен притисок за британската влада – можеби најголемото прашање за британските гласачи. Притисокот од глобалната миграција е толку големо и врз Обединетото Кралство и тешко е за британската влада да најде начин дури и за една држава. Тоа беше тема и оваа недела во разговорите и преговорите со ЕУ изнаоѓање начин за олеснување на визниот режим. Ќе продолжиме да разговараме, бизнис-заедницата го сака тоа, се надеваме… Ќе ве информираме како напредува процесот, но има многу аргументи за тоа. Од граѓаните разбирам дека визниот режим е една од работите за кои сакаат промена, вашата влада го покренува ова прашање секој пат кога ќе дојде во Лондон. И очекувам пак да го покрене. Ќе продолжиме да разговараме.
360°: ЕУ-интеграцијата на Македонија е блокирана. Дали мислите дека Владата, во овие околности, ги користи или ги претставува овие договори со Лондон како некаква замена за ЕУ-пристапување? Имаше реакции од опозицијата дека ваквите чекори на Владата, во однос на позајмувањето, не стратешките договори, покажуваат дека таа не е толку за ЕУ.
Метју Лосон: Одлично прашање. За да бидам сосема јасен – политиката на Обединетото Кралство за ЕУ-пристапувањето на оваа земја не се сменила. Ја поддржуваме целосно. Често разговараме за тоа и тука сме да помогнеме во секој аспект од процесот. Но, главниот мотив за двете земји за економската компонента од ова ново партнерство, а тоа се овој договор влада со влада, трговијата и инвестициите, меѓу веќе значајни трговски партнери. Нема избор меѓу едното или другото. Можно е земјата да напредува на патот кон ЕУ, а британската влада апсолутно се надева дека тоа ќе се случи што е можно побрзо. Од друга страна, исто така е подеднакво можно да се имаат договори влада со влада меѓу поединечни ЕУ-партнери. Оттука, нема реален избор меѓу Британците и другите. Она што го имаме, она на што се фокусираме, е дека имаме одлични британски компании тука, нова бизнис-асоцијација и сега станува збор за чекор напред за унапредување на инвестициско партнерство. За тоа станува збор.
360°: Да го поедноставиме, велите – соработувајте со нас економски, но истовремено продолжете со политичките реформи и патот кон ЕУ.
Метју Лосон: Апсолутно точно. Тоа редовно го дискутираме со Владата. Нема лажен избор. И навистина се надеваме дека земјата наскоро ќе стане полноправна членка на Европската Унија.