Мониторингот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 50 профили на инфлуенсери на социјалните мрежи за време на локалните избори 2025 г. лоцираше над 300 објави со изборна и политичка содржина. Затоа, Агенцијата предлага измени во Изборниот законик со кои би се регулирало платеното политичкото дејствување на инфлуенсерите за време на кампања
Здруженијата и меѓународните експерти предупредуваат дека процесот мора да се води внимателно за да не се загрози слободата на говор, во отсуство на меѓународни примери
Промотивно видео за кандидатот за градоначалник на Теарце, Назим Таипи, кој е од редовите на коалицијата предводена од ДУИ.
Споделено промотивно видео за кандидатот за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи, исто така од редовите на коалицијата на чело со ДУИ.
Критички настроен извештај дека актуелниот градоначалник на Тетово и кандидат од Влен за нов мандат, го заборавил селото Шипковица.
Ова се само дел од објавите на Невриј Адеми во последните денови пред првиот круг од локалните избори во 2025 година. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) му избројала вкупно 217 објави поврзани со политика за време на изборите. Го набљудувале како дел од истражувањето – однесување на инфлуенсерите за време на кампањата.
„Добро, прво ќе кажам дека јас по професија сум новинар, а новинар ме прави дипломата од Државниот универзитет во Тетово, што ми ја дава титулата новинар и медиумски работник. Потоа, новинар ме прави и работата што ја извршував. Долго време работев како новинар во неколку медиуми, а неодамна отворив и свој медиум ‘Македонија Прес’“,
вели Невриј Адеми – новинар.

Сепак, соочен со фактот дека во објавите промовирал одредени кандидати додека критички опсервирал други, тој вели:
„Функционирав врз основа на тоа што сметав дека е најдобро да им понудам на јавноста и на моите следбеници, покажувајќи им пред денот на изборите, тој фамозен ‘ден Д’, врз основа на тоа што го нудам јас, да видат која е најдоверливата опција за нив за да гласаат за водење на институцијата што утре ќе биде нивен дом и во која ќе бараат асфалтирани улици, подобра средина и подобри услови за живот. Јас им презентирав што нудат кандидатите за кои утре ќе гласаат за институцијата општина.“
Профилот на Невриј Адеми е само еден од вкупно 50 кои биле предмет на набљудување од ААВМУ за време на локалните избори. Целна група биле инфлуенсерите, што Агенцијата во правилник ги дефинира како физички лица кои редовно објавуваат на интернет со цел да информираат, забавуваат или образуваат, кои имаат најмалку 10 000 следбеници и чија активност има и економска димензија – преку спонзорства, монетизација или комерцијални соработки.

Освен квантитативното мерење, тимот експерти ја следел и содржината. За Адеми, кого го издвоивме затоа што според ААВМУ бил убедливо најактивниот инфлуенсер во земјава за политички теми за време на изборите, заклучокот е следен:
„Најзастапени поттеми беа: политички обвинувања – 57 објави, видеа или најави за или од политички настани или митинзи – 37 објави, саркастични коментари – 32 објави, повици за поддршка или гласање за некој субјект – 29 објави, спотови, фотографии со платено политички рекламирање или ППР – 16 објави.“
За 19 дена кампања пред првиот круг, Агенцијата регистрирала вкупно 810 објави на профилите што ги следеле, од кои 306 биле на тема избори и политика. Инфлуенсерите станале предмет на интерес бидејќи имаат голем потенцијал да влијаат на јавното мислење при избори, но за разлика од другите медиумски содржини – за нив нема никаква регулација.
„Во таа насока, при идни измени во изборната регулатива, можеби, треба да се разгледа можноста за нивно соодветно опфаќање барем во делот на транспарентноста и означувањето на платеното политичко рекламирање, како и почитување на правилата за време на изборниот молк“,
вели Марина Трајкова – ААВМУ.

На конференцијата на која беше презентирано истражувањето присуствуваше и вториот човек на Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини (ИКС), Димитар Атанасовски. Тој вели дека не се против транспарентност и регулација, го поддржуваат предлогот за означување платено политичко рекламирање, ама и предупредуваат на можните замки.
„Но истовремено мора да бидеме свесни дека ова прашање треба да се уреди внимателно и прецизно заради тоа што проблемот овде не е инфлуенсерот. Видовме една презентација во која се зборуваше што објавувале инфлуенсерите. Сметам дека овде проблемот е во прикриеното политичко рекламирање. Тука треба да се биде многу внимателен за да не се направи замена на тезите, а тоа е – наместо да се регулира платената политичка содржина, да се почне да се регулираат луѓето, нивните мислења и нивниот јавен настап“,
рече Димитар Атанасовски – претставник на Здружение ИКС.

Дали и како треба да се регулира политичкото рекламирање кај инфлуенсерите е тема која се отвора во период кога е формирана работна група за измени на Изборниот законик, при Министерството за правда. На барање на ова министерство, ААВМУ ги доставила своите предлози за измени во нивната област, но како институција не се поканети да бидат на масата.
Па, прашавме дел од поголемите политички партии, кој е нивниот став? Дали треба и како може да се регулира активноста на инфлуенсерите за време на изборни процеси?
„Нам ни е чест што сме тука да дискутираме, да ги слушнеме релевантните институции, да ги слушнеме здруженијата што јасно кажаа кои се нивните ставови по однос на ова прашање. Така што, сметам дека треба да се дискутира и помеѓу политичките парии и помеѓу институциите за да направиме еден квалитетен Изборен законик што ќе биде во рамките на Европката Унија и европските закони“,
вели Валентин Mанасиевски – ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку инфлуенсер е платен од политичка партија, кандидат или друг политички субјект за промоција, јавноста треба да биде информирана дека станува збор за платена соработка. Но, кога инфлуенсерот изразува личен политички став без надомест, тоа треба да остане дел од слободата на говор и да не се третира како политичко рекламирање“,
велат од Вреди.
„Пред да изградиме став, треба да го видиме предлогот на ААВМУ за ова прашање и треба да слушаме како размислуваат и самите инфлуенсери како таргет група“,
велат од ДУИ.
Од опозицискиот СДСМ велат дека не учествуваат во работната група за измени во Изборниот законик бидејќи, како што велат, власта на шверцерски начин и без консензус ја укинала техничката влада.
„Оттука и коментирање на било какви решенија и предлози поврзани со законот, надвор од работната група, би било нечесно и лицемерно“,
велат до СДСМ.
Магнус Оман е директор на регионалната канцеларија за Европа на ИФЕС – меѓународната фондација за изборни системи. Тој вели дека сè повеќе политички партии и кандидати ги користат инфлуенсерите во изборните кампањи и во тоа нема ништо погрешно. Но, додава, потребна е транспарентност за трошењето на средствата што им се исплаќаат. Потенцира дека сè уште нема меѓународен пример за ваква регулација, но дебатата сепак е глобална.
„Има многу примери во кои инфлуенсерите играат значајна улога. Изборите во Романија во 2024 година се клучен пример за ова. Таму самите избори беа поништени поради обвинувања за плаќања кон инлуенсерите. Во контекст на искуствата во други земји за регулација на ова прашање, нема буквално ништо. Нема држава што го регулирала ова прашање досега“,
смета Магнус Оман – директор, регионална канцеларија на ИФЕС во Европа, виш советник за политичко финансирање.

Тој вели дека при овој процес не треба да се брза со законски измени и со воведување силна регулација, туку да се вклучат инфлуенсерите, да се разгледаат можните алтернативи и полека да се оди напред.
„Важно е да се размисли што може да биде ефективно. Да се воведе многу тешка регулација, со барање за обемни финанскиски извештаи итн., може да не биде ефективно. Инфлуенсерите често се млади ентузијасти и активисти. Можно е да немаат многу административно, финансиско и сметководствено искуство. Многу е важно да се вклучат инфлуенсерите и институциите во дискусиите“,
додава Оман.
Нашиот соговорник од Гостивар, кој според ААВМУ бил најактивен инфлуенсер за време на последната изборна кампања, вели дека поддржува регулација.
„Да, сакам да има регулатива, сакам да има закон според кој би работел и можеби би бил вреднуван врз основа на мојата работа и законот. Зошто сакам закон? Затоа што и тие што даваат и тие што примаат ќе бидат посигурни. Тогаш ќе знам на кого да му се обратам и на што да се повикам во врска со тоа што треба, а што не треба да правам. Би сакал да се регулира, но не тоа да ни натовари на плеќи нешто што не можеме да го носиме“,
вели новинарот Адеми.
Пред институциите е изнаоѓање баланс меѓу контролата на трошењето за онлајн политичко рекламирање, барањата на инфлуенсерите и заштитата на слободата на изразувањето. Со оглед на недостигот од примери за решенија во поразвиени земји, можеби македонското решение за регулација ќе биде пример за други – ако биде соодветно и квалитетно.
Оваа активност е подготвена во рамките на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско управување и избори“ (BRIDGE), финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, и на Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, спроведувана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачите.
