Проблемот е во тоа што посебните матични броеви што ги добиваат лицата без документи се разликуваат од стандардните, па институциите не ги препознаваат како валидни
Додека надлежните најавуваат решенија три месеци пред истекот на важноста на законот, невладиниот сектор и Народниот правобранител критикуваат дека реакцијата е задоцнета
Две години по донесувањето на новиот закон за лицата без документи – тие остануваат невидливи за државата.
„Што ми вреди овa? Ова не е ништо!“,
вели жител од Тетово со посебна лична карта, извадена според новиот Закон за неевидентирани лица.
Со посебни, привремени лични карти, т.н „фантоми“ требаше да добијат и привремен идентитет и пристап до основни права. Но, државата не им ги признава документите што самата им ги издава.

„Се прават напори да се надмине тој проблем“,
велат од Управата за водење на матични книги.
Додека надлежните најавуваат решенија три месеци пред истекот на важноста на законот, невладиниот сектор и Народниот правобранител критикуваат дека реакцијата е задоцнета.
„За жал, ова укажува на пропуст уште од самиот почеток“,
вели Васка Бајрамовска, заменик-народен правобранител.
Има ли се уште надеж за „невидливите“ или и со новиот закон – ќе останат фантоми?
Џеват Красниќи повеќе од четири децении живее во едно од најсиромашните населби во Тетово. Роден е во домашни услови, па не поседува никаков доказ за својот идентитет.
„Се запишав 2010 г. Ама нигде ги нема документите. Сега брзо, ако нема седум-осум месеци откако ме впишале во матична книга,“
вели тој.
Првото парче хартија со негово име и презиме и посебен матичен број, Красниќи го добил со новиот Закон за неевидентирани лица донесен во февруари 2020.

Со законското решение, овие лица требаше да добијат привремени документи се додека не се впишат во редовната матична книга на родени, со цел во меѓувреме, да можат да имаат здравствена и социјална заштита, образование, вработување…
Но:
„Бев во социјално пет-шест пати. Имам рани, не можам да седам многу во количка. Пет–шест пати. Дојди после Нова година, дојди утре, дојди задутре. И ми стигна решение одбиено“,
вели Красниќи.
Образложението на институциите што ги одбиле барањата на Красниќи за социјална и здравствена заштита се дека тој не поседува важечка лична карта. Привремените документи издадени од Управата за водење на матични книги и МВР, не му ги важат како доказ за неговиот идентитет.
„Што ми вреди овa? Ова не е ништо. Ова е, ако прајш некоја беља, да одиш во затвор, да те заведат таму во полиција, а не можеш ни книшка, ни осигурување, ни помош, ни ништо не можам да земам со ова“,
вели Красниќи.

Ист проблем има и неговиот брат. И тој има посебен матичен број и лична карта, издадени според новиот Закон за неевидентирани лица.
„Овде сум јас роден, на ова место. Документи немам. Сега си извадовме овие со Северна македонија, ама не ни дават ништо, ни книшка, ни социјално, ништо“,
вели Ракип Красниќи.
Дека не станува збор за индивидуален, туку системски проблем, потврдуваат и активистите кои на овие граѓани им нудат правна помош.

„Законот дека не функционира увидов пред околу три-четири месеци кога почнав теренски да соработувам и да ги посетувам домаќинствата за да видиме колку навистина можат да ги остварат нивните права,“
вели Мелиса Кариман, теренски соработник во Институт за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“.
Од Институтот „Ромалитико“ испратиле и допис до Министерството за правда во кое го повикуваат да спроведе надзор врз имплементацијата на Законот и да утврди каде е проблемот.
„Во одговорот пишуваше дека надзорот ќе се спроведе, сега остануваме на тоа како ќе се спроведе. Не беше точно посочено кога и како ќе се спроведе“,
вели Кариман.
Зошто Законот и по две години не функционира во пракса – прашавме и ние и тоа во повеќе институции.
Клучни алки за носењето и спроведувањето на Законот за лицата без документи се Министерството за труд и социјална политика и Министерството за правда. И двете министерства ги игнорираа сите прашања кои „360 степени“ им ги упати во врска со овој проблем.

Единствено, одговори добивме од Управата за водење на матични книги. Велат дека проблемот е во тоа што посебните матични броеви што ги добиваат лицата без документи се разликуваат од стандардните, па институциите не ги препознаваат како валидни.
„Тој интегриран систем не ја препознава формулата по која што е определен идентификацискиот број. Се прават напори сега да се надмине тој проблем. Реално, според мене, е тоа малце доцна. Но, добро е кога би се надминало сето тоа и луѓето, конечно, да ги добијат правата за кои, сепак, е создаден овој Закон“,
Тонско: Јасна Пецевска од Управата за водење на матични книги.
Според Пецевска, ова е и причината што голем дел од лицата без документи не побарале да бидат впишани во посебната матична книга на родени.
При теренското мапирање на овие граѓани, во земјава беа лоцирани 723 лица без документи. Но, до крајот на март, само 318 од нив побарале и добиле упис во посебната матична книга на родени. Стотина други се запишале во матичната книга по стариот закон, додека останатите имаат рок до крајот на јуни, кога престанува да важи законот, а со тоа и нивното право да побараат упис во посебната матична книга на родени.
„Со оглед на тоа дека не се пријавија сите, најверојатно, ќе има продолжување на рокот на примена на овој закон. Сепак, тоа треба да биде некој оптимален рок, бидејќи не може да се оди во недоглед“,
вели Пецевска.
И додека од Управата за водење на матични книги посочуваат дека во овој период се потребни засилени теренските кампањи за да се допре до засегнатите граѓани, од канцеларијата на Народниот правобранител критикуваат за задоцнета реакција.
„Не требаше да се чека 2 години од донесувањето на законот за во последните три месеци пред истекот на важноста на овој закон, да излеземе на терен и да ги утврдиме слабости, бидејќи една од нашите препораки во мај лани беше токму тоа“,

Народниот правобранител неодамна ги повикал на средби надлежните институции за имплементација на Законот и укажал на потребата од дополнителни законски измени и координација за негова имплементација. Планираат да се обратат и до Владата и да побараат санкции за сите надлежни органи и службеници кои не го спроведуваат законот.
„Се префрлува топката „ние сакаме, другиот орган не сака“ итн. Ќе повториме. Не е работата дали некој сака, овде е работата дека некој мора, треба, бидејќи законот е сила, има правна сила и сите овие повикани органи треба во пракса да го имплементираат. Да седнат заеднички, да најдат начин и модуси како тоа да го направат, бидејќи донесовме решение кое е поздравено и од Европска комисија, а за жал во пракса ги држиме граѓаните во неизвесност, да имаат нешто што се нарекува документ, кој е парче хартија и не можат да остварат права“,
вели Васка Бајрамовска – заменик-народен правобранител.
Но, освен што Законот не функционира и државата не им ги признава на граѓаните посебните лични карти, има и други проблеми. Главната цел на реформата беше лицата што ќе добијат посебни документи, во рок од пет години да бидат впишани и во редовната матична книга на родени. Но, досега Управата не ја завршила оваа постапка за ниту едно лице, иако за тоа е законски обврзана.

„Кога ние ќе им ги пренесеме тие информации, дека сте запишани во посебната матична книга на родените, но за да преминете во другата, треба цел сет од докази, тие едноставно исчезнуваат и нема интерес од нивна страна“,
велат Пецевска од Управата за водење на матични книги.
Според дел од невладиниот сектор, пропустот е и во самото законско решение, но и во инертноста на институциите.
„Ние апелиравме дека се работи за навистина сериозно прашање кое се решава, судбината на овие луѓе, и треба да се запазат законските рокови“,
вели Александра Ефремова од Македонско здружение на млади правници.
Александра Ефремова од Здружението на млади правници потсетува дека токму впишувањето во редовната матична книга на родени беше крајната цел. Затоа, вели, мора да се прецизира што се може да се бара од лицата како доказ за нивниот идентитет, бидејќи постојниот закон нуди можност за широко толкување и различна примена од службените лица, а со тоа и одолговлекување на постапките.

„Да, вие работете на изнаоѓање на тие лица, нека се продолжи рокот, меѓутоа за тоа време додека се запишуваат во посебната матична книга, дајте понудете некое решение да спремиме добар закон и веднаш да се почне со упис во редовната матична книга. И пола од тие лица да бидат запишани во редовната матична книга и да добијат државјанство, според мене, половина веднаш ќе добијат државјанство, бидејќи барем еден од родителите е македонски државјанин, вие пола од проблемот сте го решиле, а со донесување на добро законско решение ќе превенирате и во иднина вакви случаи да се појават“,
вели таа.
Регистрирање на сите Роми во матичните регистри е една од приоритетните задачи што земјава ги презеде со усвојување на Познанската декларација во 2019 година, прифаќајќи да ги зајакне напорите за постигнување рамноправност и целосна интеграција на Ромите. Но, додека надлежните не најдат начин како да ја спроведат реформата што ја донеле, ќе продолжат да се создаваат нови генерации фантоми.