„360 степени“ продолжува со серијалот теренски истражувања во кои го тестираме квалитетот на услугите што државните институции им ги испорачуваат на граѓаните
Овој пат ја ставивме на тест државната Пошта на Северна Македонија. Пративме писма и пакети до шест адреси низ Македонија за да провериме каква услуга добиваат граѓаните од државната фирма
„И да врне и да вее и бура да коси, тоа за мене ништо не е, поштар пошта носи“. Овој стих од првите буквари на македонски јазик ја опишува задачата на поштарот. По скопскиот земјотрес, на пример, поштарите пешачеле и по 18 километри дневно за поштата да стигне на вистинската адреса.

Оваа фотографија е направена ден по земјотресот. Скопјани веќе имале импровизиран пункт зашто доставата на пратки не смеела да трпи и покрај околностите.
И денес, поштата и пратките стигнуваат до одредиштето – со комбиња, скутери, велосипеди, но се почесто тоа се комбиња, скутери и велосипеди на приватни, често и странски фирми. Зошто граѓаните и бизнисот се почесто бираат други, а не државната Пошта на Северна Македонија?
За да провериме каде се појавуваат недостатоци, ги тестиравме двете основни услуги на државните пошти – испраќање писма и пратки. Прво, телефонски прашавме за деталите во врска со овие услуги. За клучни работи добивме произволни одговори, како на пример за доставата на пратките.
„Па би требало да е на адреса, не знам што да ви кажам. Јас сум во друг дел. Обично на адреса треба стигне ама некој на одмор, некој ваму и знаете Пошта како е“,
ни одговори во телефонскиот разговор вработена во Пошта.
Со уверување дека тоа што ќе го пратиме „би требало“ да стигне на адреса, подготвивме неколку писма и пакети. Поточно, испративме три писма до три различни адреси – едно препорачано до село Копанце, Тетовско, а второто и третото обични писма до нашата редакција во Скопје и до адреса во Кочани.

Спакувавме и три пакети. За да не бидат празни, ставивме книги со различна тежина. Ги пративме на три домашни адреси, на приматели во Куманово, Кратово и Македонска Каменица. Вкупно шесте пратки ги однесовме во „Пошта 2“ во Скопје. Прво, сакавме да ги пратиме писмата, но никаде не најдовме јасно известување каде може да се направи тоа. Откако вработенa во друг сектор ни ги посочи шалтер 16 и 17 три врати подолу, ги пративме писмата.
360°: Кажете ми за колку дена ќе стигне писмово?
„Не знам, утре да ви речам, или понеделник, вторник најдоцна. Не верувам повеќе“,
рече жената од другата страна на шалтерот.
Сумирано, очекувањата на вработените во Пошта беа дека писмо до адреса во земјава стигнува за еден до три работни дена.
Пакетите се носат во друга просторија.
„Обично, со тракинг бројче, значи како препорачана пратка оди, во понеделник веќе е во поштите.“
360°: А таму дали ќе им го однесат пакетот до дома на адреса или ќе им се јават да си го подигнат?
„По редот на нештата треба да го однесат меѓутоа ќе наведете и телефонско бројче претходно да се слушнат“,
рече вработената во Пошта.

Тука очекувањата на вработените беа дека пакетите испратени во земјава патуваат по еден работен ден и дека и тие, како и писмата, треба да стигнуваат на домашна адреса.
Еден по еден ги адресиравме и ги измеривме на вага. Вкупно пакетите не чинеа 455 денари. Со ова, ги пративме сите шест пратки. Почнавме да одбројуваме за достава.

Наместо еден до три дена, потребни беа околу две недели за да сумираме како нè услужи Пошта на Северна Македонија. Еве и зошто. Кај писмата, препорачаното до тетовско Копанце стигна за еден работен ден. Но, обичното писмо до нашата редакција, која е оддалечена помалку од километар од Пошта 2, патуваше три работни дена. Писмото до Кочани патуваше осум работни дена или речиси две недели сосе двата викенда помеѓу. Пакетите, пак, сите стигнаа за еден или два работни дена по испраќањето. Но, само еден дојде на домашна адреса, во Македонска Каменица, и тоа поради среќна околност – и поминал низ рака на комшика на примателот која работи во пошта. Примателот во Куманово доби картонче – да оди на шалтер за да си го подигне пакетот. И примателот во Кратово мораше сам да си го подигне пакетот, откако доби – не картонче, туку телефонски повик од поштата.

Пакетот од Кратово потоа повторно го пуштивме на пат, овојпат до адресата на нашата редакција. Стигна брзо, но до Пошта, а од таму телефонски ни јавија да дојдеме и да си го подигнеме.
360°: А, да ве прашам, зошто до канцеларија не ни го донесовте?
„Е, не носат нешто шофериве. Не знам што е проблемот. Едно време носеа, сега не носат веќе. Не знам што е“,
рече вработениот на шалтерот.
Се на се, нашето искуство покажа дека ниту една пратка не се загуби по пат. Но, за некои пратки да стигнат беше потребно повеќе од една недела, што може да се смета за несоодветно долго. Друг голем проблем е што Пошта не сака или не може да испраќа пакети до дома – што патем е бизнис кој добро им оди на помали приватни компании.

360°: Зошто пакетите не ги доставувате до соодветната адреса, туку треба примачот да ги подигне самиот од Пошта?
„Овде од повеќе аспекти не можеме да ја доставиме пратката до конкретната адреса бидејќи во нашите подружници ширум Македонија немаме доволен број возила за да можеме испораката да ја вршиме на домашна адреса.“
360°: Значи имате проблем и во човекови и во технички ресурси?
„Апсолутно. Како секаде, така и кај нас“,
вели Васко Стефанов – генерален директор на Пошта на Северна Македонија.
Дел од возниот парк снимивме на паркингот кај „Пошта 2“ во Скопје. Повеќето возила личат како да се за расходување, надвор од употреба. Според статистиката, Пошта има 188 моторни возила и 279 скутери.

360°: Преземате ли нешто за да се подобри состојбава? Пратките да се носат на домашна адреса.
„Возилата што сте ги виделе, дел се за расходување, меѓутоа дел уште ги користиме. Ги одржуваме и користиме. Решението е едноставно, треба да се обнови возниот парк. Во моментов, финансиската ситуација на Пошта не го дозволува тоа со не знам каков ефект, но тоа не нè амнестира да почеме полека да го обновуваме возниот парк за да можеме да вршиме побрза и понавремена достава на пратки“,
вели директорот.
За писмото до Кочани кое патуваше речиси две недели, директорот рече дека ќе мора дополнително да провери што се случило.
Според статистичките податоци на Агенцијата за пошти, во 2021 година имало 1006 рекламации за пречекорен рок на достава и за изгубена пратка, што е зголемување на бројот на рекламации за 1,3 отсто споредено со претходната година. Најчесто, поплаките се за изгубени пратки. Пошта лани прифатила и обесштетила половина од рекламациите. Ова за директорот е незначително во однос на вкупниот број пратки во 2021 година – 30 559 811.
„Според најновите податоци за првиот и вториот квартал од 2022 година вкупно се примени 278 рекламации што е значително намален број на рекламации“,
рече Стефанов.
Пошта на Северна Македонија има 2 192 вработени, меѓу кои 686 поштари. Во април тие почнаа генерален штрајк, по што раководството се согласи да им ги покачи платите линеарно, за 3 000 денари. Средната плата во пошти, изјавуваа тогаш синдикалните претставници, била околу 17 000 денари.
Не се памети ни кога државната фирма ја завршила годината со позитивен резултат. Само лани, загубата е речиси 3 милиони евра. Па, од година во година, АД Пошта разнесува се помалку и помалку пратки.
За да се врати довербата, да се врати работата, што би значело и пратките повторно да почнат да стигаат дома, потребна е челична волја – како онаа кога Скопје и државава мораа да се кренат од правот.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.