Украина и меѓународната заедница бараат одговори за илјадници деца на кои им се губи трагата по почетокот на руската инвазија. Постојат бројни сведоштва и документирани случаи во кои руските сили плански и систематски одземале деца и ги пренеле во Русија каде што тие се „превоспитуваат“ дека не се Украинци. „360 степени“ беше во Украина и трагаше по одговори
Она што Владимир Путин не го спомена во обраќањето пред повеќе од 4 години кога ја најави целосната инвазија на руската армија врз Украина беше дека на 24 февруари 2022 почна и процес на релокација, одземање на илјадници украински деца кои се најдоа на окупираните територии – своевидно одродување на дел од новите генерации од Украина. Се калкулира со бројка од речиси 20 000.

Тие влегоа со смислена стратегија за уништување на идејата за украинството, идејата за украинската држава, вели Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Зеленски.
Социјални служби ми помогнаа да извлечам шест деца на територијата на Украина од окупираната територија, вели Татјана Ставицка, старателка на неколку деца, од кои две самата спасила пред руските сили да ги земат.
Немам никакви информации за мојот син оттогаш. Не знам ни дали е жив, сведочи Хана Замишљаева, мајка на момче за кое ништо не знае од 2022 година.
Ова е сторија, со два примера, за дел од тие деца…

Херсон ги поврзува двете приказни – едната со добар, другата со неизвесен крај. Двете се случуваат токму таму во Херсонската Област, една од првите која падна под руска контрола на почетокот на војната во 2022. Таму му се губи трагата на Антон, кој тогаш имал 20 години.
Антон се родил предвреме. Му била дијагностицирана хидроцефалија – состојба при која во мозокот се собира течност – ликвор. Само во првата година му биле извршени неколку операции, следела инфекција… Потоа ситуацијата почнала да се стабилизира. Антон добил сестра.

„Кога се роди Настја, кај Антон почна да се забележува огромен напредок. Настја почна многу рано да лази, многу рано да седнува, многу рано да оди, а тој некако сè по неа, по неа, по неа… И на сликата дури и изгледаат како близнаци. Не се забележува дека меѓу нив има голема разлика во години. И тој почна да зборува… Во принцип, горе-долу, дојде до својата возраст емоционално, физички, и во развојот почна да стигнува до својата возраст. Тргнаа заедно во училиште, во иста година тргнаа на училиште. Настја имаше шест, тој имаше речиси осум години, но беа во различни класови бидејќи… Тој сè уште беше во инклузивен систем, односно се движеше, но имаше некако послаби мускули… За разлика од децата со контрактури, неговите беа некако меки, имаше слаб тонус на мускулите“,
ја раскажува Хана својата приказна.
Таквата состојба резултирала со неколку негови падови, скршеници што не зараснале добро. На 12 години Антон веќе бил во инвалидска количка. Хана, која се развела од таткото на Антон, морала да направи тежок избор – за негово добро да го смести во центарот „Олешки“, институција за луѓе со посебни потреби, во Херсонската Област, близу до местото каде што живееле. „Беше добро примен, убаво се грижеа за него“, вели Хана. Последен пат го видела за Нова година 2022, месец и половина пред инвазијата.

„Олешки беа окупирани речиси веднаш. На почетокот уште имаше украински мобилен сигнал, и сè уште можеше да се јавиме. Зборував со воспитувачите, со медицинските лица… Ми кажаа дека во принцип сè е во ред, волонтерите носат храна, лековите засега се во ред, топло е, не нè навредуваат… На почетокот сè беше во ред. Потоа ми се јави една воспитувачка и ми рече дека некој германски фонд кој се грижел за нив понудил евакуација. Дали се согласувате? Реков, секако дека се согласувам. Ние и самите седиме тука под окупација. Се согласив. Но, Русите не дозволија евакуација“,
вели Хана.
Уште додека Херсон е под руска окупација, Хана, заедно со сестрата на Антон, успева да се префрли на слободна територија. Оттогаш е во областа Виница, во мало село, до кое во зима тешко се стигнува и со теренски возила.
Живее во лоши услови, во повеќе од скромна куќа која сопствениците ѝ ја дале на користење, од каде што се обидува да дознае повеќе за судбината на Антон. Комуницирала со украинските власти, но нема одговори.
– Не знаете каде е, дали е добро?
„Не знам ни дали е жив. До денес нема официјални информации. Имам само некои претпоставки, некои работи… Ми пратија, прегледував видео од изнесувањето на децата и забележав многу слично момче. Едноставно, не му го видов лицето, но според некои други знаци видов дека тоа е Антон. Значи дека го одвезуваа, видов дека го одвезуваа. Но, тоа беше во 2022 година“,
објаснува Хана.
Хана ме испраќа со замолница – ве молам да објасните што се случува, што правите, да комуницирате со надлежните и да прашате за овој случај.
За конкретниот случај прашавме во канцеларијата на украинскиот омбудсман, но очекувано, поради бројот на предмети, одговор сè уште не добивме.
За пронаоѓање на Антон помагаат од „Reckoning project“ – една од организациите која се занимава со потврдување на случаите на земени деца и нивно лоцирање.

Нашата организација документира воени злосторства и ние баравме случаи токму за депортација на деца. Случајот со интернатот „Олешки“ е прилично обемен, бидејќи оттаму беа депортирани 84 деца и возрасни сирачиња, како и деца со попреченост, во октомври и ноември 2022 година. И случајот на Антон Волкович, за кого зборуваме сега – е еден од многуте кога е депортирано лице со попреченост,
вели Наталија Сиробаб од „Reckoning project“.
И Татјана, исто како Хана, е од Херсон. И таа побегнала во 2022, со таа разлика што покрај четирите деца на кои им била старателка, зела уште две и ги извлекла од пред носот на Русите.
„Во моментот кога започна војната имаше четири, но се додадоа уште две, бидејќи моравме да спасуваме деца од интернатот ‘Радост’ во Каховка. Таму руските окупатори постојано се обидуваа, на секакви начини, со лаги и измами, да ги одведат децата на руска територија. Директорката побара помош од нас, од семејствата кои веќе бевме згрижувачи, од детските домови од семеен тип и старателите. Една година во нашата населба, Горностаивка, од самиот првиот ден на војната бевме под окупација. Една година поминавме таму, но децата мораа да се спасат. И социјалните служби ми помогнаа да извлечам шест деца на територијата на Украина од окупираната територија. Ги извлекувавме преку разни изговори. Немавме можност едноставно да ги изнесеме децата, бидејќи руските окупатори сметаа дека тоа се нивни деца. За да ги извлечеме, моравме да поминеме 13 контролни пунктови“,
раскажува Татјана Ставицка.

Сега живее во мал стан во градот Виница заедно со децата. Досега, заедно со сопругот кој останал во Херсон, исчувала 11, вклучувајќи ги и двете деца што самата ги евакуирала од домот за деца без родители.
– Дали знаете што се случи со другите деца од тој дом за сираци, од тој интернат? Дали сите успеале да избегаат или некој останал таму и можеби бил одведен од руските сили?
„Да, сите ги извлекоа. Сите беа извлечени“,
вели Татјана.
– Колку деца имаше таму?
„Не можам точно да кажам. Ги собираа по семејства и ги извлекуваа кон Киев, дури и самата директорка го правеше тоа. Бидејќи јас цело време одржував контакт со неа. И херсонското обвинителство беше вклучено. Бидејќи во Херсон ги одведоа децата од домовите за доенчиња, од интернатите, обвинителството постојано беше на линија со нас, правевме фотографии за да покажеме дека децата се во ред. Се грижеа, многу се грижеа за овие деца. Многумина беа извлечени. Но, децата од домовите за доенчиња ги изнесуваа без документи. Едноставно, ги носеа на територијата на Русија, им ги менуваа имињата, презимињата, имињата на татковците и годините на раѓање. Затоа сега е многу тешко да се најдат тие деца. Речиси невозможно“,
објаснува Татјана.
По патот од Виница назад кон Киев, на места се забележуваат кратери од руските проектили. Во главниот град, за прашањето на исчезнатите деца, разговараме со Михајло Подољак, еден од најблиските соработници на претседателот Володимир Зеленски.
„Особено на југот, ние го видовме тоа, со автобуси изнесуваа деца. Го видовме тоа и на истокот на Украина. И тоа беше концепт, бидејќи мислеа дека никој нема да го види тоа. Но денес, поради фактот што Украина, прво, пружа отпор, и второ, активно следи кој од каде исчезнал, го утврдува местото и така натаму. Денес има 19 400 кривични случаи за конкретни презимиња на деца кои исчезнале. Односно, кои биле однесени во Русија и асимилирани. Ова се конкретни фактографски случаи. Ова им се предава на нашите партнери на различни нивоа. Односно – има кривично дело, утврдени се околностите како исчезнало лицето, како исчезнало детето, каде се наоѓа, и бараме различни начини да го утврдиме тоа. И исто така, гледаме што може да се направи за да се извлечат. И до денешен ден имаме примери каде што сме успевале да вратиме деца“,
објаснува Подољак.

Во Киев ја посетивме и невладината Украинска мрежа за права на децата. Организацијата досега успеала да врати 341 дете – 250 од окупираните територии, а 93 директно од Руската Федерација.

„Нема никаква официјална, соодветна комуникација, ниту, пак, ‘зелени коридори’, како што многумина зборуваат, кои директно би помогнале во извлекувањето на овие деца. Затоа се појавуваат тешкотии во потрагата по нив. Русија, на пример, активно се обидува да ги даде украинските деца на посвојување. На тој начин тие можат да им ги променат имињата, да им ја променат возраста, некои лични податоци, да им ги украдат украинските документи или дури и да ги уништат тие украински документи. Соодветно на тоа, идентификацијата на лицето станува многу потешка. Затоа понекогаш многу процеси се одолговлекуваат. На пример, еден од најдолгите случаи за враќање кај нас траеше приближно девет месеци“,
ни кажува Анжелина Касјанова од Украинската мрежа за правата на децата.
Организацијата помага и откако децата ќе бидат вратени во Украина.
„Обновување на документите или нивно повторно вадење бидејќи понекогаш, на пример, кога доаѓаат родители со новороденчиња, при раѓањето им ги земаат украинските документи, во принцип, на мајката, и им даваат руски. Имавме случај каде мајката ги дала документите само за да може да ги зачува и своето име и името и презимето на детето. А по документите, веќе следуваат исплатите и хуманитарната помош. И во секој случај нудиме психолошко советување во текот на целиот процес на поддршка“,
изјави Ина Осеченко од оваа организација.
– А што ако овие деца дојдат со некаква траума, мислам на психолошка траума, поради тоа што биле чувани подалеку од нивните домови?
„Апсолутно. Дури и кога ќе ни се вратат момчиња кои имаат повеќе од 18 години, ние им помагаме на млади луѓе до 23 години. Дури и ако тие покажуваат дека сè е во ред, дека сè е најнормално, во секој случај се чувствува тензија. Ние им нудиме консултации, спроведуваме дијагностика и ги водиме низ процесот“,
одговара Осеченко.
Децата се меѓу најпогодените од војната која трае повеќе од 4 години – често тие се најбројни меѓу загинатите цивили при руските напади на станбени објекти.
Судбината на исчезнатите и насилно раселени украински деца, во актуелната ситуација, не е меѓу главните теми на разговорите за мир. Но, дека е исклучително значајно прашање зборува и фактот дека за наводна вмешаност, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Владимир Путин и руската комесарка за права на децата, Марија Лвова-Белова.

Тешко е да се утврди точната, прецизна бројка на украински деца кои руските сили ги зеле и насилно ги релоцирале или во Русија или во подрачјата под контрола на Москва. Тешко е дека некогаш и воопшто ќе се утврди таа бројка. Она што, исто така, е малку веројатно е дека некогаш ќе се дознае судбината на тие деца, како и можноста за нивно повторно соединување со родителите или роднините.
Продуцент: Серхиј Солодко
Снимател: Дмитро Глукхaњки
*Оваа сторија е продуцирана во соработка со „The Reckoning Project”, глобален тим на новинари и правници кои документираат, објавуваат и подготвуваат случаи за воени злосторства
