Предметите против Рашковски кои беа во фаза на истрага сега се споени во еден. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал веќе најави обвинение, откако ќе завршат уште неколку дејствија
Дополнително, Обвинителството отворило уште една постапка – предистрага за сомнежите за манипулации со софтверот за полагање државни испити
Истрагата против екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е пред обвинение. Заврши вештачењето на доказите, следува распит на осомничените.
„Нормално, според законот тие можат да дадат своја одбрана, може да се бранат и со молчење“,
вели шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска.
Паралелно, тече нова предистражна постапка во која се проверува дали имало манипулации со софтверот за полагање државни испити.
„Се што има побарано обвинителството, се им е доставено“,
вели генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.
Рашковски е во домашен притвор, но има дозвола да излегува од домот од здравствени причини. Откако се појавија овие фотографии, обвинителството најави дека ќе проверува дали осомничениот излегувал од дома вон дозволеното време.
8 март 2021 – Сторија
Пред повеќе од шест месеци „360 степени“ ја објави првата од серијата истражувачки стории, во која обелоденивме дека екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, купил софтвер за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци од 81 000 евра.
„Софтверот треба да биде дел од целокупниот „Сејф сити“ систем“,
тврдеше Рашковски.
Единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Во одбрана на Рашковски, сепак, застана премиерот Зоран Заев.
„Чуму ние би правеле софтвер ако немало некоја причина заради МВР?
„Лично јас проверив постапката е целосно законито направена“,
тврдеше премиерот.
За случајот прво се заинтересира Антикорупциската комисија. Откако објавивме дека софтверот што го купил Рашковски е речиси идентичен со негов претходно регистриран патент и дека бил платен пред да биде тестиран, во приказната се вклучи Обвинителството.
18 март 2021 – Предистрага
Веста дека е покрената предистражна постапка против него, Рашковски ја слушна на одмор во Мексико. Од функцијата секретар во кабинетот на премиерот се повлече дента кога објавивме дека вози луксузен џип што не фигурира во неговиот анкетен лист.
16 април 2021 – Приведување
Неколку дена по оставката, Рашковски беше приведен, а предметот против него напредуваше во истрага. Освен тој, беа осомничени уште три лица. Премиерот Заев продолжи да покажува разбирање.
„Никој не е виновен додека не се докаже вината“,
рече премиерот по приведувањето на Рашковски на 16 април.
Првичната одлука на судот беше 30-дневен куќен притвор за првоосомничениот Рашковски и второосомничениот, Даниел Станчев.
„Ќе следи жалба на таквата одлука, со мерката на куќен притвор сметаме дека и натаму ќе постои опасност од влијание на сведоците“,
рече обвинителката Ивана Трајчева.
21 април 2021 – Притвор во Шутка
На 21 април Рашковски и Станчев влегоа во Шутка.
18 мај 2021 – Нова истрага
Од Шутка, Рашковски ја слушна веста дека против него е отворена втора истрага за други набавки и склучување авторски договори.
„Работиме, собираме документација и сослушуваме сведоци за набавка на уште еден софтвер“
рече шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
По месец и половина затворски притвор и две истраги против него, Апелацискиот суд во Скопје го пушти Рашковски во куќен притвор.
20 септември 2021
Денес, предметите против Рашковски кои беа во фаза на истрага се споени во еден. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал веќе најави обвинение, откако ќе завршат уште неколку дејствија.
„Материјалното-финансиското вештачење е веќе готово и беше доставено до нас, го доставивме и до одбраната. Се чека уште едно вештачење и од следната недела се почнува со распит на осомничените. Нормално, според законот може да дадат своја одбрана или да се бранат со молчење“,
вели Русковска.
Дополнително, Обвинителството отворило уште една постапка – предистрага за сомнежите за манипулации со софтверот за полагање државни испити. И тој тендер го склучи Драги Рашковски како генерален секретар и тоа со фирмата која е под истрага за софтверот за сообраќајни прекршоци – Инвока. Со тој систем, своите испити електронски ги спроведуваа 13 институции, меѓу кои и Академијата за судии и јавни обвинители.
„Знам дека се вршеа одредени вештачења во таа насока, но не можам во детали да ги знам сите предмети. Но, бидејќи колешката при редовно реферирање на овој предмет нема споменато ништо во таа насока, веројатно дека и нема некои елементи за кои би можеле ние да постапуваме“,
вели Русковска.
Обвинителството во неколку наврати барало информации за истрагите од повеќе институции, меѓу кои и Владата. Според сознанија на „360 степени“, некои предмети кои ги набавувал Рашковски во спорните тендери а никогаш не ги искористил, се најдени во простории надвор од Владата.
Наследникот на Рашковски, актуелниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, ја потврди само соработката со Обвинителството.
„Се изврши вонреден попис, пописната комисија си ја заврши работата и за сето тоа за што беше заинтересирано обвинителството веќе има добиено одговор. Ние не сме дел од истрагата, ние технички помагаме со тоа што тие се обраќаат официјално за тоа што им е потребно и ние навремено им одговараме за нивните потреби во однос на истрагата“,
вели Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.
Една од последиците од истрагите против Рашковски е заплената на компјутери кои се користеа за полагањето државни испити. Поради тоа, системот е се уште блокиран. Интервентно, владата нашла нова фирма за да се спроведе испитот за прием на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. Останатите ќе го чекаат неодамна распишаниот тендер за таа намена.
Зошто се чекаше толку долго од моментот на заплената на компјутерите?
„Мораше повторно да се контактираат сите институции, да се прашаат дали се согласни да се направи повторно групна набавка за сите, и од сите институции коишто беа вклучени во групната набавка претходно сега само две не се дел од истата. Мислам дека Министерството за здравство не е бидејќи имало направено законски измени и повеќе нема да им се потребни испити коишто ги извршувале претходно и Инспекциски совет, ако не грешам. Сите други институции се согласија повторно да бидат дел од групната набавка затоа што финансиски е поисплатливо отколку секоја институција посебно да направи јавна набавка за истата работа“,
вели Зеќири.
Адвокатите на Рашковски одбија да ги коментираат предметите против нивниот клиент. Своите ставови засега ги преточуваат во жалби пред надлежните институции, како онаа во која понудија половина милион евра во имот и пари за Рашковски да излезе од Шутка. Со гаранцијата се согласи и Вишото обвинителство, но Апелацискиот суд, на крај, не ја зеде предвид. Сепак, делумно ја уважи неговата жалба и го прати во куќен притвор. Поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, судот забрани Рашковски да употребува телефон и други средства за комуникација.
Откако Рашковски дојде дома, обвинителството побара да биде вратен во Шутка, бидејќи ги прекршил забраните за комуникација. Кривичниот суд го отфрли барањето со неочекувано тврдење, дека такви мерки, во тој момент, не постоеле.
Проблемот е што кога советот во Кривичниот суд, на барање на обвинителството, го продолжил куќниот притвор на Рашковски на 2 јули, во решението не ги ставил и мерките за забрана на комуникација. Ставот на судот е дека постапиле така, бидејќи обвинителството не ги побарало.
„Кривичниот совет донел решение согласно предлогот на Јавниот обвинител, кое решение било доставено до надлежниот обвинител и потврдено од Апелациониот суд“,
велат од Кривичниот суд.
Обвинителката Русковска потврдува дека не предложиле мерки за претпазливост, но бидејќи такво нешто не се барало кога се продолжува мерка притвор.
„Имаше едно соопштение за еден медиум од страна на Апелациониот суд во Скопје и во соопштението е многу добро објаснето дека обвинителството само бара продолжување на мерката притвор или куќен притвор, но не и на веќе определените мерки и тоа јасно стои и во соопштението на Апелациониот во Скопје“,
вели Русковска.
И „360 степени“ се обрати до Апелацискиот суд. Прашавме – зошто го потврдиле решението на Кривичниот суд без забраните за комуникација, кои токму Апелацискиот суд ги определил со првичното решение за куќен притвор.
Одговорија дека на спорното решение од Кривичниот суд се жалел само Рашковски, па немале основа да донесат решение со нови елементи на негова штета.
„Во конкретниот случај против решението од КИОК-КС.бр179/21 од 02.07.2021 година, не била изјавена жалба од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, па согласно одредбата чл. 428 од ЗКП, Апелацискиот суд Скопје немал законска можност на штета на осомничениот да го преиначи решението КИОК-КС.бр.179/21 од 02.07.2021 година, на начин што дополнително би определил мерки на претпазливост, кои претходно биле определени со решението КСЖ-277/21 од 04.06.2021 година“,
велат од Апелацискиот суд во Скопје.
Во моментов, Рашковски повторно има мерка за забрана за комуникација. Како забраната привремено „исчезна“, останува нејасно. Со тоа, останува неодговорено – дали и колкава штета нанел Рашковски на истрагата додека можеше слободно да комуницира, па и со осомничените и сведоците во предметот.
Минатата недела, пак, во јавноста излегоа фотографии од Рашковски како се шета додека е во куќен притвор. Објаснувањето е дека Основниот суд му дозволил во одреден период од денот да користи здравствени услуги. Но, обвинителството побарало лицето кое го „уловило“ Рашковски да го достави телефонот кај нив, за да се види дали шета во дозволеното време. Ако се докаже спротивното, ќе се бара повторно да биде вратен во Шутка.