Од 23-цата министри, 20 ќе бидат со ресор, а тројца без портфолио. Поделбата на ресорните министерства би требало да изгледа вака: 13 за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пет за коалицијата „Вреди“ и две за ЗНАМ
Актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, се спомнуваат како кандидати за прв човек на МВР. Тимчо Муцунски и Александар Николоски се можните министри за надворешни работи и за одбрана или обратно. Вицепремиер за политички систем би бил Љупчо Димовски од Социјалистичката партија
24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи за кое, според нашите информации, во игра се две имиња – актуелниот технички министер Панче Тошковски и поранешниот партиски генерален секретар Игор Јанушев.
Двојна комбинација се спомнува за надворешни работи и за одбрана – во едното сценарио Тимчо Муцунски би бил шеф на дипломатијата, а Александар Николоски – цивилен шеф на одбраната. Во второто сценарио – двајцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ги ротираат позициите. За кадровските решенија во овие три ресори – МВР, МНР и Одбрана важен е и ставот на главните земји партнери во НАТО. За потсетување, Наќе Чулев не стана технички министер за внатрешни работи зашто не доби амин токму од стратешките партнери.
Третата потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, се смета за сигурна за позицијата во Финансии. Четвртиот потпретседател Владо Мисјаловски се спомнува за ресорот транспорт и врски, кој го водеше во една од владите на Никола Груевски. За министерка во новото Министертво за енергетика речиси извесна е Сања Божиновска, експертка во областа, која во февруари беше кооптирана во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Со дигитална трансформација – исто така нов ресор, се очекува да управува Стефан Андоновски. Проверени партиски кадри ќе ги преземат и министерствата за образование и за земјоделство – пензионираната универзитетска професорка Весна Јаневска и сегашниот технички заменик-министер Цветан Трипуновски. Според најавите, актер ќе биде иден министер за култура – Зоран Љутков, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Слично, спортист ќе менаџира со новиот ресор спорт – поранешниот ракометен голман Борко Ристовски. Се уште е нејасно кој ќе биде прв човек во Министерството за локална самоуправа. За потенцијален министер во новото министерство за односи меѓу заедниците се врти името на Иван Стоиљковиќ, лидер на Демократската партија на Србите, која е дел од коалицијата „Твоја Македонија“.
Едниот од тројцата министри без ресор ќе биде иден вицепремиер за политички систем. Се очекува оваа позиција да оди кај Социјалистичката партијата и нејзиниот лидер Љупо Димовски. Вториот министер без ресор се планира за некоја од партиите на Ромите кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Влен“ или „Вреди“, како коалиција ќе „прокнижи“ пет ресори. Едниот е Животна средина каде во министерска фотелја се очекува да седне лидерот на Демократско движење Изет Меџити, кој би бил и вицепремиер.
Потоа Здравство – со кое ќе раководи гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, Социјална политика е ресорот за кој како можен министер се спомнува Фатмир Лимани од Беса, поранешен заменик-директор на ЕЛЕМ, во времето кога прв човек таму беше Христијан Мицкоски.. Со новото Министерство за европски прашања, досегашен секретаријат, според партиски извори, можно е да шефува Адмирим Алити, кадар на Алтернатива, кој едно време беше министер за информатичко општество и администрација. За Министертвото за економија и труд се спомнува Бесар Дурмиши, актуелен претседател на Советот на Општина Тетово од редовите на Беса. Како можна министерка без ресор, која би ги покривала темите за добро владеење и отчетност, во игра е Бујаре Абази од крилото на Таравари, која своевремено беше и заменичка на скопската градоначалничка.
Околу учеството на ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски во идната влада засега се знае дека добива два ресора – оној за правда и новиот за администрација.
Од завчера, со конституирањето на Собранието, тече уставниот рок од десет дена во кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова треба да го додели мандатот за формирање на новата влада. Потоа мандатарот има дваесет дена за да предложи предлог состав и програма за работа на владата. Според партиски најави, таа треба да биде избрана и да стапи на должност до 20 јуни.