Всушност, видеото со кое Груби му го честита роденденот на Ахмети најверојатно е снимено во ноември 2022 година. Дел од него е објавено од Груби во март 2023 година, како најава за митингот што ДУИ тогаш го одржа во Чаир. Во видеото што тогаш го објави Груби, го нема делот со кој тој денеска му го честита роденденот на Ахмети. Но, ако се погледне атмосферата, па и облеката што ја носат Ахмети и косовскиот пејач Шаќири, лесно се забележува дека станува збор за ист настан, снимен од различни агли
Првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави видео со кое на својот партиски лидер Али Ахмети му го честита 65-тиот роденден.
На видеото се гледа како во весела атмосфера во кабинетот на Груби, Ахмети заедно со косовскиот пејач Илир Шаќири и во придружба на музичари со традиционални инструменти пее албанска патриотска песна.
Всушност, видеото со кое Груби му го честита роденденот на Ахмети најверојатно е снимено на 22 ноември 2022 година, пред свеченоста по повод Денот на албанската азбука. Дел од него Груби има објавено во март 2023 година, како најава за митингот што ДУИ тогаш го одржа во Чаир.
Во видеото што тогаш го објави Груби го нема делот со кој тој денеска му го честита роденденот на Ахмети. Но, ако се погледне атмосферата, па и облеката што ја носат Ахмети и косовскиот пејач Шаќири, лесно се забележува дека станува збор за ист настан, снимен од различни агли.
Тогаш Груби објави други кадри, а под видеоснимката напиша: „Нацијата е прва меѓу нас вечерва! Заедно за ЕУ.“
Покрај видеото, Груби напишал и порака со пофални зборови со која му го честита роденденот на Ахмети.
„Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја прават историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат! Али Ахмети со сè свето за албанството на плеќи, денеска полни 65 години“,
напиша Груби на Фејсбук.
Ова не е прв пример во кој вицепремиерот Груби во својот кабинет приредува настани што не се во описот на неговата работа како министер во Влада.
За тоа дека Груби го злоупотребува министерскиот кабинет за партиска промоција и потреби, досега неколкупати реагирале надлежните институции.
Пред речиси една година тој објави фотографии и видео направени во неговата канцеларија во Министерството за политички систем, на кои се гледа како како заедно со останатите министри од ДУИ, се рекреираат играјќи фудбал и кошарка.
На снимките се гледаше дека во просториите на министерството има поставен мал пластичен гол, а поставен е и кош.
Тогаш Груби рече дека е спортски тип и согласно реорганизацијата на органите на државната управа, Агенцијата за млади и спорт треба да стане дел од Министерството за политички систем.
„Многу ми е интересно затоа што нема амбасадор што не е дојден во мојата канцеларија и нема шутирано фудбал, и од тоа се објавени слики. Пред некој ден, на пример, Словакот беше последниот што шутираше и вие објавивте, во порталите беше. Тоа не беше скандал, ова денеска е скандал. Ова е таа хистерија за која зборувам, за двојните стандарди, за селективни правди, за измислување теми само за да се дефокусира со нешто. Значи, дојде градоначалникот на Тирана, дури со пета даде гол“,
им укажа тогаш Груби на новинарите.