Од „Топлина“ велат дека имаат добри деловни односи со „Гранит“, но дека парцелата не е поврзана со тендерот во РЕК Битола. Преддоговорот за продажба на парцелата, како и исплатата на целата сума за истата, биле направени уште во 2024-тата година
Станува збор за атрактивна парцела веднаш зад хотелот „Палас“ од 7 709 м2 на која во моментов е предвидена изградба на спортска сала и други додатни објекти, како апартманско сместување, деловен простор и друго. Од општината велат, веќе е започната процедура за измена на Генералниот урбанистички план за тој простор
„Топлина“ е името на компанијата од охридско Подмоље која пролетоска го доби еден од најголемите тендери во државата – за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола.
Одговорот на прашањето, како фирма со годишни приходи од околу 13 милиони евра дојде до тендер кој може да достигне 25 милиони е во тоа што има подизведувачи. Меѓу нив и „Гранит“.
Остана дилемата зошто домашниот гигант не се пријавил сам на тендерот, туку одлучил да биде помош на фирма со десетпати помалку вработени. Сега дојдовме до сознанија за нова соработка меѓу партнерите во РЕК Битола.
Парцела во Охрид
Охриѓани го викаат полигон, а за туристите тоа е само уште еден од паркинзите во градот. Но, парцелите со број 15561/1 и 15547/20 кои се водат под катастарската општина Охрид 3, имаат и тоа како поголем потенцијал.

На хартија, до неодамна, парцелата со број 15561/1 со вкупни 7 655 м2 и 54 м2 од соседната парцела 15547/20 биле во сопственост на „Гранит“. Така било се до 30 април 2025 година, кога „Гранит“ склучил купопродажен договор за отуѓување на атрактивната парцела. Купувачот е „Топлина“ од Подмоље.
Ако се направи хронолошки преглед на соработката меѓу „Топлина“ и „Гранит“, датумот на продажбата (30 април 2025 година) доаѓа три недели (7 април 2025 година) откако „Топлина“ го добива тендерот од 25 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК „Битола“. Тендер во кој големиот „Гранит“ и е подизведувач на далеку помалата „Топлина“. На 21 мај 2025 година, договорот е солемнизиран, а од 23 мај имотот гласи на име на „Топлина“ во Агенцијата за катастар.

Цената на трансакцијата е 4 000 000 евра за 7 709 квадрати или околу 519 евра за квадратен метар. На сумата, сепак, треба да се додаде дека имотот е оптоварен со хипотека за кредит.
Тоа што оваа деловна трансакција се случува речиси паралелно со заедничкиот настап на овие две фирми и добивањето државен тендер, не е единствената причина поради која има јавен интерес во овој случај.

Намената на земјиштето, она што вас претпоставувам ве интересира, е намената е спортска сала со компатибилна намени на хотел, сместување, деловни и трговски центри, така што Б6 е намената таа којашто е на просторот којшто во моментов е ваш предмет на интерес.
изјави за „360 степени“ градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Измена на ГУП
Така е сега. Но, на нашето прашање, дали од неодамна има иницијатива за промена на сегашната намена на земјиштето, градоначалникот на Охрид ни одговори:
На предметната локација постои иницијатива за ГУП, за промена на ГУП. Значи, генерален урбанистички план којшто опфаќа простор од кај полигонот до пресек со улицата „Македонски просветители“, „Партизанска“ и „Димитар Влахов“.
360 степени: Добро и што би се предвидело на тој простор, односно ако сега имаме Б6, што се предвидува, што е иницијативата?
Се разработува иницијативата. Кога ќе се заврши, ќе ги добиете податоците. Не знам точно бидејќи немам информации. Таа иницијатива треба да помине институции, нормално. Вклучувајќи ги сите надлежни министерства, вклучувајќи го и Министерството за транспорт и на крај Националната комисија за УНЕСКО којашто одобрува или неодобрува да продолжи, да стигне финално самиот урбанистички план на Совет на Општина Охрид.
360 степени: Иницијатор кој е, дали знаете?
Веројатно сопственикот на местото.
Значи, дали ќе има или ќе нема пренамена на парцелата ќе зависи од министерството за транспорт, кое го предводи Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, инаку охриѓанец по потекло, и од неговиот сопартиец Зоран Љутков, министер за култура, кој ја води и Комисијата за УНЕСКО.
Крајниот збор ќе го има охридскиот совет каде најмногу советници има повторно ВМРО-ДПМНЕ, но нема мнозинство без гласовите на дел од советниците на СДСМ. Ќе бидат потребни неколку месеци за да се стигне до гласање.
И покрај тоа го прашавме градоначалникот:

360 степени: Добро, на принципиелно ниво, дали сте за да се замени намената на земјиште во центарот на Охрид наменете за спортски објекти претежно со компатибилни намени, со да речеме згради.
Кирил Пецаков: Значи, нема само спортски. Има апартманско сместување, има угостителски објекти има деловен трговски центар. Така што, не е тоа со компатибилни туку може да се има… сега спортски сали во Охрид има две. Една со 3 000 капацитет, една мала. Не е битно дали јас и принципиелно сум за или не. Развојот на еден детален урбанистички план, парцела или Генерален урбанистички план, се носи исклучиво врз основа на Закон за градење, урбанистичко планирање и над тоа – планот за Управување на охридскиот регион… Тоа е исто како да ме прашате кое е моето мислење за одредена локација, дали треба да е вака или така. Јас не можам да дадам мислење. Мислење дава законот, дали може или не може нештото коешто го замислил сопственикот на местото на приватна парцела на крај да го реализира.
одговори градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Принципиелно, додаде Пецаков, нему му е жал што стариот полигон воопшто станал сопственост на приватна компанија. „Гранит“, кажа тој, ја добил парцелата како компензација за долг од Општина Охрид.
Топлина: Парцелата и тендерот не се поврзани
А, дали последната промена на сопственоста има врска со државни работи, овојпат соработката на тендерот во РЕК Битола, прашавме кај двете страни, продавачот „Гранит“ и купувачот „Топлина“.

Од „Топлина“ ни одговорија дека имале преддоговор со „Гранит“ за парцелата уште во март 2024 година и целата купопродажна вредност била уплатена како аванс истата година.
Со АД ГРАНИТ нашата компанија има долгогодишна деловна соработка и секако оваа бизнис-зделка беше склучена во 2024 со заемна согласнот и волја на двете страни.
Тековниот проект во РЕК Битола по јавната набавка за ископ на јаглен и јаловина за кој нè прашувате, започна со реализација од април 2025 г. Таму настапивме со АД ГРАНИТ како подизведувач и тоа е сосема друг договор и не e во никаков контекст и интерес за гореспоменатата недвижност во Охрид.
ни одговорија од „Топлина“.
На нашето прашање, пак, каква пренамена на земјиштето ќе побараат со иницијативата за измена на Генералниот урбанистички план, од „Топлина“ ни одговорија:
Нашата фирма како сопственик на недвижноста има свои законски права да бара во рамките на законските можности иницирање за промена на ГУП. Промени до денес не се извршени, а доколку дојде до било каква пренамена и промена ќе бидете навремено информирани.
Од „Гранит“ не добивме одговор.
Тендерот за ископ на јаглен и јаловина, кажавме, „Топлина“, го доби на 7 април годинава. Освен „Гранит“, подизведувачи се и струшки „Илинден“, кавадаречката „Градба-промет“ и скопски „Топ-билд“.

„Топлина“ претходно самата беше подизведувач при ископите во РЕК Битола, на „Марковски компани“. Последниот договор „Марковски“ го потпиша во времето на СДСМ. Неколку месеци по смената на власта беше раскинат. Новото раководство на Електрани на Северна Македонија по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ обинуваше и обвинува дека изведувачот не работел согласно оперативниот план.

Односот на ископот меѓу јаглен и јаловина е 10:1. Значи треба да ископаш 10 тони јаловина, земја, за да добиеш еден тон јаглен. Но, тие биле фокусирани само на јагленот и дојдовме сега да немаме рамнотежна состојба, да не можеме да вадиме јаглен и тоа веројатно плански се правело за да се овозможи на одредени компании да увезуваат јаглен во државата.
кажа Зоран Коњановски во интервју за „360 степени“ во ноември 2024 година.
Оваа критика и целата одговорност, сепак, падна само на „Марковски“. А „Топлина“ од подизведувач, по новоспроведен тендер, стана нов главен изведувач на ископот на јаглен и јаловина во РЕК Битола.
Иднината на фирмата се чини светла. Не само затоа што го доби државниот тендер, а потоа купи и атрактивна парцела во центарот на Охрид. „Топлина“ веќе почнала да гради една, а има купено земјиште и за други станбени згради на дел од поранешниот расадник на охридски „Градинар“.
Таму, продавачи се физички лица кои го добиле земјиштето со денационализација. Деталниот план предвидува згради, според Пецаков, уште од 2011 година.
Најголемата брана дека развојот што се случува и ќе се случи во Охрид е одржлив е Планот за управување со Охридскиот регион. Тој забранува високи згради и во Охрид и во Струга, особено во зоните во или до старите градски јадра.