„Силен револт“ се зборовите кои денеска ги употребија граѓанските организации, опишувајќи го нивниот став за односот на Владата кон Советот за соработка меѓу извршната власт и невладиниот сектор. Бараат итна средба со премиерот бидејќи на извршната власт не и се слушаат советите и критиките од граѓанските организации
Начинот на кој владата се однесува кон граѓанскиот сектор е еден од клучните показатели – на кое ниво е демократијата во едно општество
А пред пет години беше формиран Советот за соработка меѓу владата и НВО секторот, токму за да се да се восптоави канал за комуникација меѓу двете страни со цел – унапредувае на државните одлуки и политики. Александар Димитриевски.
Во мај 2018 година се основаше Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор – форум кој требаше да ја искористи експертизата на невладините организации во креирањето на владините политики и одлуки.
Следниот месец се одржа и јавна дебата на која требаше да присуствува тогашниот премиер.
„Ова ќе е редовна пракса и тој ќе биде присутен на следните средби кога ќе се одржуваат секој месец“,
изјави на 8 јуни 2018 година, тогашниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Соработка – колку да се каже
Денеска, пет години подоцна, не само што нема редовни средби и дебати со кои извршната власт би покажала колку го цени придонесот и критиката на невладиниот сектор туку воопшто не функционира ниту Советот за соработка.
„Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на клучните негови препораки и заклучоци, што е основна негова надлежност како советодавно тело на Владата“,
соопштија денеска граѓанските организации кои членуваат во Советот за соработка.
Дел од луѓето што стојат зад ова соопштение се Снежана Камиловска Трповска од МЦМС – Македонскиот центар за меѓународна соработка и Андреј Сених од Здружението „Заедно посилни“. Тие се двајца од вкупно 16 претставници на граѓанскиот сектор во Советот за соработка со Владата.
Денеска тие побараа итна средба со премиерот Димитар Ковачевски во обид да се спаси смислата на постоењето на Советот.

„Она што го очекуваме од една средба со претседателот на Владата е тој, во име на Владата, да ги појасни политиките на Владата кон граѓанското општество. Да најдеме заеднички јазик за проблематични прашања кои веќе сме ги покренале и, едноставно, да се возобнови дијалогот како што доликува на една земја што е кандидат за член на Европската Унија“,
изјави Андреј Сених, од здружението „Заедно посилни“.
„Престанокот на комуникацијата и дијалогот кој беше воспоставен во минатите години, уште од почетокот на 2022 година беше евидентен. Повеќекратни беа барањата до премиерот и до високи претставници на Владата. За жал, не вродија со плод. Искрено, се надеваме дека овојпат премиерот ќе има слух за барањата на граѓанскиот сектор“,
изјави Снежана Камиловска Трповска од МЦМС – Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Причините поради кои граѓанскиот сектор инсистира на средба со Ковачевски се:
- Усвојувањето на измените за Законот за здруженија и фондации кои се донесоа без консултација со Советот за соработка;
- Префрлањето на распределбата на средствата за поддршка на граѓанските организации кај Министерството за политички систем од Генералниот секретаријат;
- Доцнењето на реформата за државно финансирање на граѓанскиот сектор;
- Игнорирањето на граѓанскиот сектор при консултативниот процес за реформата на државната управа – која минува низ сериозен процес на рационализација на институциите.
Камиловска Трповска и Сених велат дека прашањата за финансирањето не се централни во нивната реакција туку принципот и односот.

„Еве, конкретно во областа на здравството, граѓанскиот сектор од почетокот на годината алармираше за повеќе прашања. Што видовме во оваа година? Видовме кратење на буџети. Огромно кратење на буџетите за превенција. Видовме кратење, намалување на буџетот за здравство во период на криза за дури 586 милиони денари (9,5 милиони евра н.з.)за 2023, во споредба со првично предвидениот за минатата година. За сите овие работи, граѓанските организации реагираа, алармираа, директно до институциите и преку Советот. Меѓутоа, резултатот е тој“,
вели Сених.
„Во сето ова гледаме дека на почетокот на 2023 година го гледаме истиот тренд на несоработка. Значи, со креирањето на буџетот на 2022 година, гледаме дека повторно продолжува трендот на начинот на финансирање на граѓанските организации, односно во буџетот за 2023 година, од ставката на Генерален секретаријат не се предвидени средства за финансирање на граѓански организации, исклучиво повторно ќе одат преку Министерството за политички систем“,
додава Камиловска Трповска.
Премиерот не ја коментира поканата
Сумата што Владата досега ја одвојуваше за граѓанскиот сектор, на годишно ниво, беа симболични 250 000 евра, пари кои Генералниот секретаријат ги делеше меѓу неколку десетици организации. Граѓанскиот сектор ја критикува промената тие средства сега да ги дели Министерството за политички систем, затоа што гледаат обид се што е врзано со невладиниот сектор да се канализира преку институција која нема мандат за таква работа.

360 степени праша во владата – како ќе одговори премиерот на барањето за средба со граѓанскиот сектор и дали ќе бидат преземени чекори за подобрување на односите. Не добивме одговори во рокот кој го поставивме.
Колку властите се подготвени да го слушаат граѓанскиот сектор е важно прашање и за Брисел – како еден од клучните показатели за демократијата во една земја. Во последниот извештај за земјава, од октомври 2022 година, Европската комисија забележува дека во земјата има „овозможувачка“ средина и дека Советот за соработка е главен канал за вклучување на граѓанското општество во носењето одлуки и политики. Но, нотирано е и дека се потребни поголеми напори за вистински да се вклучи НВО секторот.
Па, прашавме во Делегацијата на ЕУ во Скопје – дали оваа оценка ќе остане иста или би се променила ако Владата остане глува?

„ЕУ целосно ги поддржува напорите за продолжување на работата на владиниот Совет за соработка со граѓанското општество, согласно првичната функција. Многу е важно Советот да продолжи да работи како главен структурен механизам за дијалог и вклучување на граѓанското општество во креирањето на политики и во советувањето на државните институции – како да промовираат овозможувачка средина за НВО-оата … Делегацијата на ЕУ ќе продолжи внимателно да го следи развојот на настаните во врска со Советот и односот меѓу државните институции и граѓанското општество“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, на прашањата на „360 степени“.
Од мисијата на Европската Унија во земјава потсетуваат и дека имаат дадено значајна поддршка на Владата за градење на подобри односи со граѓанскиот сектор.
Ако продолжат тензиите на релација НВО сектор – Влада, тешко би можело да се каже дека домашните институции научиле нешто со помошта од Брисел. На потег е премиерот.