Кој е власт во најголемиот локален парламент во земјава – Советот на Град Скопје, по разидувањето на градоначалничката Арсовска со партиите што ја поддржаа на изборите? Одговорот го побаравме лично од советниците. Погледнете го видеото
Победата на кандидатката за градоначалничка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на ланските локални избори беше надополнета и со мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Од 45 советници, колку што брои Советот, мнозинството го формираа 18-те члена од ВМРО-ДПМНЕ, двајцата од Алијанса за Албанците и четворицата од Левица. Во опозиција останаа СДСМ со 12 советници, ДУИ со 5 места и Зелен хуман град и коалицијата ЛДП-ДОМ со по двајца членови. Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ беше избран за претседател на Советот, а структурата на мнозинството се преслика и во распределбата на директорските места во градските јавни претпријатија.
Една година подоцна, Славески вели дека во Советот, за секоја одлука, поединечно се формира мнозинство, но и дека сè уште смета на поддршка од Левица и Алијанса.
„Ние имаме мнозинство, имаме 23-24 советници, од 45“,
вели Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
Но:
„Јас моментално не можам да проценам што е владејачкото мнозинството во Советот.
360°: Вие како се декларирате?
Ние сме 4 советници на Левица кои функционираат просто по основа на продуктивноста на одлуките што треба да ги изгласаме“,
ни одговори Амар Мециновиќ од Левица.

„Ние веќе дадовме изјава дека не соработуваме со ВМРО во Град Скопје, значи во Советот.
360°: Како дејствувате?
Согласно потребите на граѓаните“,
посочува Бујаре Абази од Алијанса за Албанците.
Од друга страна, иако ДУИ доби три директорски места во јавните претпријатија, досега не е промовирана нова коалиција на власт во Скопје.
„Моментално нема ново мнозинство“,
уверува Незране Рустеми од ДУИ.

Штрајкот во ЈСП беше кулминација на турбуленциите во локалната власт во главниот град. ВМРО-ДПМНЕ првично поднесе иницијатива за пренамена на дел од средствата од градскиот буџет за плати во ЈСП, која не беше поддржана од сите советници и од градоначалничката, што доведе до тврдења за коалиција на СДСМ, едно крило од ДУИ и Арсовска.
„Со иницијатива проблемот не се решава, проблемот се решава со предлог-одлука, ваква каква што имаме денеска на дневен ред.
360°: Што значи ова, коалиција СДСМ, едно крило на ДУИ и Арсовска?
Тоа прашајте ги нив, не знам што значи.
360°: Има таква коалиција?
Не. Не. Навистина не знам што значи тоа“,
вели Љубица Јанчева, советничка од СДСМ во Град Скопје.

Славески е поблаг од реакциите на неговата матична партија – ВМРО-ДПМНЕ.
„360°: Чиј градоначалник е сега Арсовска кој стои позади неа во Советот?
Па, мислам дека и самата не знае, кога има поддршка од само еден советник, тоа е советникот кој пребега од нашата коалиција, Александар Трајановски – новоназначен заменик на градоначалникот од партијата ГРОМ, велам и самата не знае затоа што немајќи мнозинство во Советот, декларативно се претставува како позади неа да стојат граѓаните, но во демократиите, граѓаните не можат да бидат присутни и да учествуваат во носењето одлуки, ние сме, советниците, претставници на граѓаните овде“,
вели Славески.

Советниците од Алијанса за Албанците, кои први го напуштија мнозинството што произлезе од изборите, исто така, не знаат дали има мнозинство што стои зад Арсовска.
„Искрено јас го немам одговорот и не знам како се мисли понатака, со оглед на тоа што гледаме од седниците нема некое друго мнозинство за кое се збореше, а можеби потајно го има, или можеби и понатака и ќе се покаже, меѓутоа, во случајов нема некое мнозинство градоначалникот на Град Скопје“,
вели советничката Абази од Алијанса за Албанците.
Од Алијанса прашуваат како може ДУИ повторно да се дел од градската власт, кога логиката на предизборните коалиции била заедно со СДСМ да се испратат во опозиција.
„Иако бев заменик-градоначалник, ниту имав од нејзе објаснување, ниту имаше Алијаса за Албанците зошто се поставуваат кадри и кој е договорот меѓу госпоѓа Данела и ДУИ“,
вели Абази.

Од ДУИ, и покрај внатрепартиските превирања, тврдат дека сите петмина советници од оваа партија делуваат заеднички и за дел од предлозите гласаат во интерес на граѓаните, а не за да ѝ прават мнозинство на Арсовска. Инаку, тројцата нови директори на јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“, како и на средното економско училиште „Арсениј Јовков“, се сметаат за припадници на „огнената група“.
„360°: Ако велите вие дека сте опозиција, би било логично да не се прифаќаат функции.
Директорите, како што кажав се в.д. кои се назначени од страна на градоначалничката на Град Скопје, бидејќи таа е независна и има право да има кадри со кои ќе соработува.
360°: Вие се согласувате што прифатија да бидат директори?
Јас мислам дека е направен еден добар баланс, бидејќи Град Скопје има и македонска страна и Албанци и Турци, и Бошњаци и Роми, така да е направен добар микс, да има од сите страни, од сите заедници“,
тврди Незране Рустеми– советничка во Град Скопје од ДУИ.

И додека траат препирките за медарски и непринципиелни коалиции, продолжуваат бунтовите во јавните претпријатија, меѓу кои, најнов пример е Водовод.
„Сакам да апелирам до вработените во овие јавни претпријатија да не дозволат да бида тинструмент, односно маша на неколкумина поединци којшто сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки“,
кажа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција за овој проблем.

Чија е одговорноста ако продолжат проблемите со основните сервисни услуги на Градот кон граѓаните?
„360°: Градоначалник е неприкосновен во раководењето, таа назначува, таа разрешува директори и градоначалникот е најодговорен.
360°: Зарем вие не чувствувате никаква одговорност за случувањава во градот?
Не ние со жалење гледаме што се случува и правиме се што може да се разложи состојбата, но немаме ингеренции“,
вели Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
„Понатаму, многу скептично, многу скептично“,
оценува Мециновиќ од Левица.
„Верувам дека ќе се надминат себе си и мнозинството и градоначалничката, своите лични интереси, своите политички интереси и интересот за провизии да го стават на страна. Нам граѓаните не ни ја дадоа довербата за тоа“,
рече Јанчева од СДСМ.
Според Законот за локална самоуправа, градоначалникот има неприкосновен мандат од четири години, а Арсовска сѐ уште не е ниту на половина пат. Единствена опција за нејзина евентуална смена е распишување референдум на кој граѓаните би одлучиле дали ќе ја разрешат, но засега нема најави од ниту една партија за такво нешто. Арсовска нема „бланко“ поддршка од ниту една партија во градскиот Совет, а нападите против неа се сѐ почести. Затоа побаравме да ги слушнеме и нејзините ставови на оваа тема, но таа не прифати да зборува.
Дали мандатот започнат помпезно е на пат да заврши неславно?
