Околу 17:20 часот, додека поголемиот дел од Скопје немаше електрична енергија, жителите на селата и населените места околу економската зона Бунарџик забележале пожар на далекуводите. Петар Димитриевски, жител на селото Ајватовци, на својот Фејсбук профил објави видео од околу 40 секунди на кое се гледа и слуша дел од настанот.
„360 степени“ го контактираше Димитриевски кој ни објасни дека на дел од кадарот може да се препознае и фабриката на Ван хол. Прво слушнал силна бучава, која е присутна и на видео записот, а потоа и светлина.
Каква врска има пожарот во Бунарџик со Скопје?
Скопје немаше електрична енергија нешто повеќе од половина час. Во првите моменти, медумите го фокусираа своето внимание кон ЕВН, како компанија – дистрибутер на електрична енергија до домаќинствата. Од таму веднаш одговорија дека проблемот не е кај нив, туку кај државната компанија МЕПСО, која е задолжена за високонапонската мрежа.
„Немаше електрична енергија поради експлозија на високонапонска мрежа на МЕПСО за што ние немаме целосна информација што се случило, но нашите екипи секогаш стојат на располагање и се на услуга на МЕПСО за да може да се приклучи Скопје под електрична енергија“,
изјави портпаролката на ЕВН Ленче Карпузовска за „360 степени“.
Од МЕПСО, пак, првата реакција беше на директорот Орхан Муртезани, кој за порталот СДК.мк изјави дека напојувањето со електрична енергија е прикинато поради пожар на трафостаница во Пинтија, односно струјата е изгасена за да пожарникарите да можат да го изгасат пожарот. Немаше и објаснување – кои се причините што воопшто се случил пожарот.
Но, подоцна, компанијата излезе со соопштение дека всушност имало два инциденти. И пожар во Пинтија и испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик.
„Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле. Овие два фактори го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија.
Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување. Во оваа прилика АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија но единствено во насока на сoздавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“,
соопштија од МЕПСО.
Сепак, и по второто соопштение, не е јасно кои настани биле причина а кои последица. Односно, дали пожарот на трафостаницата е причината за испадот на далекуводот кон ТС Бунарџик или обратно – проблеми во мрежата ги предизвикаа пожарите и на далекуводите и на трансформаторската станица.