Време е за нов гроздобер во Тиквешкиот регион во Северна Македонија, а на дел од овдешните лозари сè уште не им е исплатена ланската берба. Револтирани од децениските перипетии, изгубиле верба дека нешто ќе подобрат ако јавно се пожалат.
„И јас бев како нив, пред пет-шест години – понижуван од страна на откупувачите, враќан, и тоа во мене создаде револт за да почнам сам да си го преработувам грозјето и да имам бенефит од тоа“,
вели Александар Клинчаров, средовечен жител на Кавадарци.

Тој основал мала семејна винарија и годинава очекува од 20 000 килограми собрано грозје да произведе солидно количество вино. Речиси на секој агол од неговиот двор има по некое парче опрема за винско производство, а домаќинот прво ни покажа поголем пластичен сад.
„Веќе е при крај, треба да ја направиме мацерацијата и да го извлечеме сокот, виното. Треба да го извлечеме само и директно со пумпата и долу во иноксниот сад“,
објаснуваше Клинчаров, задоволен од тоа како тече процесот.

Микровинаријата „Клинчаров“ е создавана чекор по чекор, а центарот на производството е во куќниот бетонски подрум. Пред да почне да инвестира во опрема, Клинчаров прво како физичко лице се впишал во државниот Регистар на производители на вина. За кратко време стигнала и државна помош – неповратен грант од 10 000 евра што придонело да го напушти застарениот метод на производство.
„Со грантот инвестиравме, пред сè, во опрема за ладење на виното. Моментално, со чилер, на одредена температур се ладат 2 000 литри, за што имаме контролирана ферментација. При крај е тивката ферментација, така што за неколку дена ќе дојде и преточувањето на самата ‘темјаника’. Има изразени ароми, одличен ароматичен потенцијал“,
задоволен е Клинчаров.

Недалеку од Клинчарови, е и семејната куќа на Јаковлевски – уште една локација од каде се дистрибуира вино за продажба, а може да се купи и „од праг“. За производството се грижи најтесниот круг на фамилијата.
„Во производството на нашите вина, пред сè, има многу, многу љубов. Ова е нашата семејна винарија, ова се производите што ги произведуваме, вината, вињак, маџун. Се е со потпис на Јаковлевски – имаме ‘темјаника’, ‘куве бјанка’, ‘вранец’, ‘каберне’, ‘траминец’, познатата автохтона сорта ‘станушина’“,
ни раскажуваше Горан Јаковлевски, претседател на Здружението „Тиквешки семејни винарии“, додека се симнувавме во неговото производствено катче.

Виното се прави во иноксни садови и барик буриња. Температурата во подрумите е контролирана, а при производството се консултираат и со енолози.
„Има три овластени три лаборатории во државата и виното што ние го произведуваме, мора да добие одобрение од овластена лабораторија за да можеме да пуштиме во оптек. Тој пат буквално го одат и големите винарски визби. Со тоа одобрение ние го пуштаме виното во промет“,
вели Јаковлевски.

Во последните три години само во Тиквешијата се регистрирани околу 40 семејни винарии. Тоа значи дека секоја микровинарија засебно се грижи за целиот процес – од обработка на лозјето до производство и пласман на вината. Процесот на регистрирање е поедноставен преку законски измени од 2019 година, а со тоа олеснета им е продажбата, но и положбата на пазарот. Семејните винарии почнуваат да се китат со награди и признанија и на домашни и на меѓународни натпреварувања. Извозот засега им останува пречка зашто се регистрирани како физички лица, а само правни субјекти може да извезуваат. Но, здружените сопственици на мали винарии преговараат со државата за да им го отвори патот и кон странскиот пазар.
„Има комуникација, мислам дека за брзо треба да го надминеме и тоа. Станува збор за некои технички работи што треба да се средат, да се изменат некои подзаконски акти, за во тој дел да вршиме и извоз на вино. Имаме и добра винска публика, производите се барани и во странство“,
вели Јаковлевски кој сега вината ги продава само низ државата.
И додека се чека можност за извоз, приказната за малите винарии се шири низ Северна Македонија. Во моментов, од 139 регистрирани винарски визби – 71 се мали семејни винарии, што е повеќе од половина. Да се биде микровинарија значи производствениот капацитет годишно да биде до 50 илјади литри.

Сопствениците на микровинариите велат дека бизнисот засега им е исплатлив, а како што лобираат за тековните пречки, така – со лобирање, се избориле и за својата почетна позиција.
Пратеникот Панчо Минов од Кавадарци е во редовна комуникација со лозарите од Тиквешијата. На негово барање, собраниските служби направила економска ретроспектива и дошла до следниов податок – три буџети наназад Агенцијата за финансиска поддршка и Министерстото за земјоделство преку ставка субвенции и трансфери добивале пари, но не ги потрошиле целосно. Ова му послужило на пратеникот да поднесе амандман на тековниот буџет, со кој побарал неискористените пари да се наменат за семејните винарии.
„За среќа, амандманот беше прифатен и од предлагачот, стопроцентно го поддржа и Комисијата за финансирање и буџет и исто, како составен дел на буџетот, беше донесено. Потоа, врз основа на тоа се направи и програма за условите и критериумите за доделување на тие грантови и многу од семејните винарии беа корисници на овој грант“,
вели Минов.

Ресорното Министерство за земјоделство ја унапредило првичната поддршка. Сега семејните винарии се дел од редовна програма на Министерството и досега вкупно 59 од нив добиле неповратен грант од 10 000 евра.
„Сега тие влегуваат во инвестиција токму во периодот пред откупот и верувам дека тој тренд ќе биде запазен и натака. Оваа програма ќе ја имаме и 2023 година за поддршка на старт ап винариите, заради тоа што бројот расте.
360°: Како ги контролирате?
Исто како сите останати оператори за храна. Тие ги исполнуват сите услови и нивната храна и нивните пијалоци се безбедни, проверени од Агенцијата контролите се унифицирани, тие ги исполнуваат стандардите и затоа само го олеснуваме процесот на регистрирање како оператори во Агенцијата“,
вели министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Малите винарии претходната недела потпишаа меморандум за соработка со големи винарии. Министерот Николовски вели дека винскиот сектор е важен оти Северна Македонија е втор најголем извозник на вино во регионот, што значи 60 милиони евра девизен прилив. Тој потврдува дека се работи да им се овозможи и на малите винарии да се пробијат на странскиот пазар.
„Новата програма во 2023 ќе биде поддршка и за задруги. Здружувањето, единството, окрупнувањето, ќе донесе до тоа да можат сите овие локални производи да се најдат и во европските маркети, на светските пазари. Ова е наредно кое што треба да го решиме, како да извезуваат, но на крајот и како да бидеме препознаени, како Република Северна Македонија и македонското вино да бидат препознаени во Европа и во светот“,
вели Николовски.
Во исчекување на засилена кампања за вински туризам, сопствениците на семејни винарии, не се плашат со малите бизниси да имаат големи амбиции. Тие ги поттикнуваат лозарите да се обидат да инвестираат и гордо родниот крај го споредуваат со италијанска Тоскана, која патем е на слична надморска височина како Тиквешијата.
„Со поглед на Тиквешко езеро, со поглед на планината Вишешница, на врвот Орл’ – ова наликува на македонската Тоскана. Грозјето е многу квалитетно, има одлични киселини, изразени, високи шеќери и од тоа произлегува доста квалитетно вино“,
вели Клинчаров сопственик на мала винарија.
