Една година од трагедијата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 лица. Кај семејствата и блиските на настраданите болка и тага, но и горчина зашто истрагата на бугарското обвинителство сè уште не е завршена, а тапка и постапка за обесштетување. Досегашната истрага вината ја лоцира кај возачот, кој возел со прекумерна и неприлагодена брзина. Но, бугарски адвокати што застапуваат семејства на загинатите велат дека не може да се занемарат недостатоците на коловозот и отсутвото на соодветна сигнализација на патот. Погледнете го видеото
Без малку една година по несреќата, на автопатот Струма само венец на претседателот Стево Пендаровски потсетува дека на ова место се случи трагедија на автобусот на „Беса транс“ во која од 52 патници, животот го загубија 45 лица, а само седум преживеаја. Туристите се превезуваа од Турција кон Македонија. Сите починати настрадале од термички шок и задушување.
Една година подоцна, и истрагата на бугарско обвинитeлство не е затворена. Сијка Милева, портпаролка на главниот обвинител Иван Гешев, вели дека се чека одговорот на барањето за правна помош доставено до македонското јавно обвинителство кое требало да ги запознае роднините на настраданите со нивните права и да ги праша дали сакаат да направат увид во доказите. Во Софија имаат информација дека одговорот веќе патува кон нив.
„Кога во бугарското обвинителство ќе пристигнат материјалите од барањето за правна помош, истрагата ќе продолжи и се надевам дека во најкус можен рок случајот ќе заврши суштински.
360°: Што значи тоа, што следува после тоа?
Тоа значи дека случајот, кој во моментот е запрен, ќе продолжи. Кој од наследниците сака да се информира за доказите во предметот, ќе треба да се запознае со нив, а после тоа случајот може да биде затворен“,
вели таа.
Милева вели дека трагедијата е резултат на два последователни настани – удар на автобусот во оградата, па пожар. Вештачењата покажале дека во автобусот немало пиротехники или други лесно запаливи материјали, ниту пак дека се работи за терористички напад. Туку:
„Експертизата докажа дека возачот на автобусот возел со прекумерна и неприлагодена брзина и дека причината за сообраќајната незгода е човечка грешка“,
децидна е таа.
Милева посочува дека бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на сите бугарски патишта, но дека независно од наодите, тоа не ја менува досегашната теза дека вината е кај возачот.
Сепак, адвокатски тим од Бугарија, кој застапува пет семејства на загинатите од Македонија, веќе ја оспорува досегашната истрага.
„Сметаме дека во кривичната постапка се пропуштаат работите утврдени од две специјализирани државни институции. Едната институција е Агенцијата за патишта и мостови, таа е под контрола на Агенцијата за патна инфраструктура и самата вели дека има многу неправилности на патот. Друга комисија, по налог на тогашниот министер, изготви наоди што ви ги презентиравме, од кои се гледа има мноштво неправилности на површината на патот. Возачот не знаел каде се наоѓа коловозот, недостигале ознаки, имало лошо поставен асфалт. Ако заштитните огради одговарале на барањата на Европската Унија, а требало да одговараат, немало да се заглави и вратата на автобусот. И според нас, треба конкретни луѓе да бидат обвинети и да одат во затвор“,
тврди адвокатот Николај Димитров.
Тој вели дека компанијата во која е осигуран автобусот е согласна да ги обесштети семејствата на загинатите по бугарските, односно европските лимити, кои одат до 5,2 милиони евра вкупно за сите настрадани. Дополнително, преку граѓанска постапка против тамошната Агенцијата за патна инфраструктура, правниот тим се надева дека ќе издејствува фамилиите да поделат уште 10 милиони евра отштета.
„Истрагата се одолговлекува како од македонската, така и од бугарската страна. Единствениот документ за да почне осигурителната компанија да исплаќа оштета, кој се уште не е подготвен, е полициски извештај што треба да се вметне во полицискиот протокол – за бројот на починатите лица и со тоа да се потврди дека тие биле во автобусот. Затоа ја повикувам македонската истрага да дејствува побрзо за да можат луѓето да добијат отштета, тоа барем малку да ги излечи иако трагедијата е огромна, а ние не гледаме никакво дејствија од страна на македонската истрага да се добие тој документ и да се помогне осигурителната компанија да ја исплати оштетата.
360°: А сте барале?
Баравме многу пати“,
вели Димитров.
„360 степени“ се обрати до македoнското Јавно обвинителство и до полицијата – дали и зошто не е изготвен документ врз чија основа, како што тврди адвокатот Николај Димитров, семејствата на загинатите би можеле да добијат парична отштета.
Од македонското обвинителство потенцираат дека несреќата се случила на територија на друга држава и дека истрагата ја води бугарското обвинителство. Вeлат дека можат да помогнат само по барања за меѓународна правна помош и тоа, како што велат, доставени преку законски предвидените канали. Ист одговор добивме и од МВР.
Голем дел од загинатите во автобуската несреќа близу Софија се од скопско Студеничани. Општината го изгуби и матичарот во чие сеќавање е изгравиран неговиот личен потпис во подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги. Работното место го наследил неговиот син, но и тој, како и многу други блиски на загинатите, не собра сили пред камера да зборува за трагедијата. Во несреќата ја загубил и мајка си.
Со роднините, тагуваат и соселаните.
-Тоа беше многу жалосен момент. Не само село Студеничани што се чувствуваше тажно, болно, туку цела Република Македонија. Сите ние што сме овде, живееме тука и ден денеска нема да го заборавиме тој настан.
-Многу тешко, имав преку 10 души моја фамилија, блиски сме биле, многу тешко…
-Божем ќе даваа нешто за мртвите луѓе и од тоа ништо нема.
-Катастрофа за тие луѓе, помина една година, ништо нема,
велат жителите.
Малкумина имаа среќа да преживеат, како Лулзим и Медина. Тие понудата на туристичката агенција ја виделе на Инстаграм и како штотуку верени решиле да отпатуваат за Истанбул. Сега се во брак и живеат во Прешево, Србија, но не можат да ја заборават кобната ноќ.
„Кога го скршив стаклото, паднав сосе него долу. Другите сами излегоа, кој имаше среќа да излезе. Јас не успеав никого да спасам затоа што автобусот беше висок и имаше пламен од четири страни, така што, кога го скршив стаклото, паднав заедно со стаклото, не можев да ја спасам ни Медина, бидејќи остана во автобусот, а потоа излезе сама“,
вели за „360 степени“, Лулзим Сулејмани, еден од преживеаните патници.
„Господ сакаше да ми се врати дишењето и еден човек кога ми падна на гради, ми се врати дишењето. Во тие моменти видов дека врне и дува ветер, не знам ниту како излегов од таму. Скокнав од прозорец, кога паднав се онесвестив, само кога дојде Лули, ме фати и се тргнавме затоа што се плашевме дека автобусот ќе експлодира“,
посведочи и Медина Сулејмани.
Велат дека освен во болница, после несреќата, никој не ги контактирал.
„Не очекувавме од институции да ни помогнат, но барем да се јавеа на телефон, да нè прашаа дали сте добро, како се чувствувате, значи, никој не ни се јавил“,
додава Лулзим.
Од македонското обвинителство, пак, тврдат дека ги контактирале наследниците на загинатите и дека ги известиле за текот на постапката и нивните права. Во Македонија веќе започна судски процес против управителот на „Беса транс“ за фалсификување лиценци. Само за една година, со лажна јавна исправа, автобус на „БЕСА ТРАНС“ 20 пати ја преминал државната граница. Во предистрага е и случајот со станицата за технички преглед во скопско Глумово. Наместо МВР да ја затвори поради пропусти во функционирањето уште во август лани, таа работела, а на последен технички преглед таму во октомври поминал и автобусот на „БЕСА ТРАНС“ што изгоре во Бугарија.
Ќе изгори ли и надежта за правда?