Ако ме прашате кој е најсилниот поддржувач на македонскиот јазик во земјава, тоа е Делегацијата на ЕУ која ги промовира делата на големите македонски автори како Ацо Шопов, Горан Стефановски, Кочо Рацин. Исто така, финансиски го поддржавме преводот на 420 европски литературни дела на македонски јазик, ја поддржуваме и наградата „Вавилон“ која веќе 10 години се доделува за најдобар превод на европски дела на македонски јазик. Станува збор за тоа како процесот може да го зајакне идентитетот, јазикот и културата на земјата, вели евроамбасадорот Гир во интервју за „360 степени“
Еден од основачките принципи на ЕУ е почитување на владеењето на правото и оди дури и подалеку – членките на ЕУ функционираат на основа на меѓусебна доверба, доверба дека владеењето на правото ќе биде спроведено во земјите членки зашто ако тоа не е така, тогаш ќе нема инвестиции, зголемена трговија, работници од различни земји кои би патувале и тоа не само што би го поткопало единствениот пазар, туку и довербата во соработката во ЕУ. Значи, тоа би имало кородирачки ефект и затоа за држава која сака да ѝ се приклучи на ЕУ суштински е да ги спроведе овие реформи за владеењето на правото – нема кратенки (покус пат), нема компромиси и затоа толку внимателно ја следиме секоја фаза од процесот, вели Гир
Во овој деликатен момент во кој се наоѓа земјава, со блокиран процес на уставни измени, критикувани интервенции во Кривичниот законик, наводи за пазарења зад сцената, правосудство со доверба на историски минимум, а сето ова во предизборен период, „360 степени“ во најновото магазинско издание разговараше со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
360°: Амбасадоре, владеењето на правото и независноста на судството и Јавното обвинителство остануваат еден од најголемите проблеми за општеството и извор на фрустрација на граѓаните, без каков било знак на светлина на крајот од тунелот. Работата на оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет се смета за алатка која можеби може да промени нешто на подобро. Каков е извештајот на мисијата, дали и кога ќе биде објавен и кои би биле заклучоците на оваа мисија?
Гир: „Да почнам со владеењето на правото, па ќе се вратам на оценската мисија за работата на Судскиот совет. Исклучително сме загрижени за ситуацијата со владеењето на правото, нешто што одблизу го следиме. Загриженоста во делот на Судскиот совет го предизвика активирањето на оценската мисија, но иако нејзиниот опсег на работа е фокусиран на Судскиот совет и на настаните од летото кои покренаа прашања за независноста, интегритетот и професионалноста на Судскиот совет, нашата загриженост е многу поширока – за судството, за обвинителството, за судскиот систем. Можеби би прашале зошто сме загрижени за овие прашања и јас на тоа би одговорил – ова е земја кандидатка која сака да ѝ се приклучи на ЕУ и е апсолутно критично да напредува во владеењето на правото. Еден од основачките принципи на ЕУ е почитување на владеењето на правото и оди дури и подалеку – членките на ЕУ функционираат на основа на меѓусебна доверба, доверба дека владеењето на правото ќе биде спроведено во земјите членки зашто ако тоа не е така, тогаш ќе нема инвестиции, зголемена трговија, работници од различни земји кои би патувале и тоа не само што би го поткопало единствениот пазар, туку и довербата во соработката во ЕУ. Значи, тоа би имало кородирачки ефект и затоа за држава која сака да ѝ се приклучи на ЕУ суштински е да ги спроведе овие реформи за владеењето на правото – нема кратенки (покус пат), нема компромиси и затоа толку внимателно ја следиме секоја фаза од процесот. Да се вратиме на оценската мисија. Таа имаше екстензивни состаноци со сите соговорници, се врати во Брисел и ќе подготвува заклучоци и препораки, ќе разговара за нив со Европската комисија и комисијата ќе реши кои ќе бидат следните чекори. Би било погрешно од мене да го антиципирам епилогот на тие препораки и заклучоци, но она што можам да го кажам е дека мисијата ја напушти земјава со една јасна идеја каде лежат проблемите. Дали е доволно што има оценска мисија за да се осигура дека работите навистина се подобриле, секако дека не. Ќе има препораки за кои се надевам дека ќе бидат многу полезни и ќе го покажат патот напред, но за некоја промена да се случи, потребно е надлежните – судиите, обвинителството, сите засегнати во сферата на владеењето на правото, а во случајот на Судскиот совет, оние што седат во советот, навистина да го направат неопходното за имплементирање на реформите и да се спротивстават на обиди за вмешување во правдата, независно дали биле од политичките партии или поради финансиски интереси“.
360°: Ако би требало да антиципираме, или, да речеме, да нагаѓаме, дали една од препораките можеби би било распуштање на актуелниот Судски совет?
Гир: „Нема да антиципирам, нагаѓам или што било друго… Треба да видиме што ќе кажат заклучоците. Но, тоа беше една мошне сериозна мисија спроведена на многу сериозен начин“.
360°: Велите дека владеењето на правото е една од најважните работи за која било земја аспирантка, особено земја која ги почнува преговорите… Има многу критичари кои велат дека реакциите на ЕУ по неодамнешните измени на Кривичниот законик, во најдобар случај, биле благи. Кој е вашиот одговор на критичарите и дали пропаѓањето на многу случаи на поранешни високи функционери токму поради измените на законикот може, на куси патеки, да го загрози процесот на пристапување на земјата, дури и ако Северна Македонија некако успее да ги усвои уставните измени? Слушнавме дека некои од земјите членки, како, на пример, Холандија, јасно ги изнела своите забелешки до Владата.
Гир: „Не мислам дека одговорт на ЕУ беше благ, тој беше многу јасен и беше испорачан од Брисел за да се покаже важноста и сериозноста што се придаваат на ова прашање. Пораките беа… Прво за начинот на кој овој закон беше сменет, се критикуваше употребата на европското знаменце, што подразбира скусени процедури. Во вакви ситуации кога имате законски измени со потенцијално значајни импликации за неказнивост, важно е да има јавна дебата и можност за критичка опсервација на легислативата. Првата работа која ЕК ја кажа беше дека употребата на ЕУ-знаменцето во овој контекст не беше во ред. Второ, се гледаше суштината на измените и беше изразена загриженост дека како резултат на тоа може да има неказнивост за лица кои се дел од бројни предмети за корупција на високо ниво. Секако, она што сега треба да го направиме е одблиску да ги следиме разните предмети како се движат низ судската постапка за да видиме дали навистина тоа ќе се случи. Но, реалната загриженост е тука. ЕК ја акцентираше важноста на тоа дека во случаи со висока корупција треба да има ефективна санкција која е пропорционална и која ќе одвраќа во ваков контекст, и истовремено ЕК кажа дека ќе продолжи исклучително одблизу да ја следи ситуацијата во идниот период. Оттука, одговорот на вашето прашање е дека ова е дел од целокупната слика за владеењето на правото, одблиску го следиме, загрижени сме, продолжуваме да го анализираме импактот на овие измени и ќе продолжиме да следиме и во иднина“.
360°: А што ако има случаи на неказнивост?
Гир: „Ако има случаи на неказнивост како резултат на законските измени, тогаш за нив ќе коментираме и разговараме со надлежните и да им ја пренесеме нашата загриженост. ЕК и земјите членки ќе го оценуваат вкупното влијание на овие закони. Секако, наредните чекори кои ги очекуваме се напредок во пристапниот процес, да видиме патоказ, особено во делот на владеењето на правото. Претпоставувам дека ова се прашања кои треба да бидат вклучени, но тоа е прашање за кое ќе решаваат земјите членки. Но, како што реков, нема куси патчиња (кратенки) или компромиси“.
360°: Дали знаете за некакви пазарења – амнестија за поддршка на уставните измени? Опозицијата вели дека во позадина, зад завесите, има игра меѓу поранешниот премиер Груевски и владејачката коалиција.
Гир: „Видов многу шпекулации во јавноста за ова прашање. Не сакам да дополнувам нешто на таа шпекулација, или да коментирам за домашен политички развој“.
360°: Кога сме кај уставните измени, што сметате за ставот на опозицијата? Изгледа дека уште повеќе се вкопаа во рововите со тоа што кажаа дека се против какви било измени под бугарски диктат.
Гир: „Кога зборуваме за уставните измени, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да видиме неколку факти. Прво, поширокиот контекст во Европа во моментот. Живееме во исклучително трагични и историски времиња кои се резултат на руската агресија врз Украина. Еден од резултатите на ова е дека донесе интензитет на разговорите за проширувањето во кои земјите членки и многутемина инволвирани гледаат дека проширувањето не е само просперитет и демократски вредности, кои секако се многу важни, туку е и за стабилност и безбедност. Мислам дека гледаме едно интензивирање, нов момент во проширувањето потврден со вонредната одлука за доделување кандидатски статус на Украина, Молдавија и Босна, почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и други чекори. Неодамна видовме дебати кои беа длабински и интензивни за реформа на ЕУ за да се подготви за проширување, можни датуми итн. Сево ова покажува дека има момент и сериозност и она што ние сакаме да го видиме е Северна Македонија да биде во можност да има корист од оваа можност и решавачки да напредува на својот пат. Во врска со самите уставни измени – прво би кажал дека тие се дел од договорот постигнат во јули 2022 кој создаде можност за оваа земја конечно да напредува. Го видовме скрининг-процесот и други активности кои оттогаш се случија. Наредниот чекор зависи од промена на Уставот, но тоа е нешто што зависи исклучиво од земјава, тоа е одлука која вие треба да ја донесете. Дополнителна одлука, од страна на ЕУ, не е потребна, дополнителни чекори, од страна на ЕУ, не се потребни… Ако тој чекор се преземе, ќе се придвижиме директно кон наредната фаза од проширувањето. На крајот, за самите предлози, секако, тоа е суверена одлука на оваа земја да ја донесе, но промена на Уставот за да се вклучат луѓе кои се самоидентификуваат како Бугари би изгледало како зајакнување на и онака добро досие за меѓуетничките односи“.
360°: Се плашите ли дека ако овој момент во ЕУ, создаден поради геополитичката ситуација, не е зграпчен ЕУ-возот, на одредени патеки ќе замине?
Гир: „Не сум само јас, мислам дека бројни посетители на Скопје доаѓаат за да се обидат да објаснат дека овие развои во ЕУ и пошироката слика се можност која сега постои и дека има момент. Како што знаете, момент во политиката и во меѓународните и дипломатските односи се ретка работа и повикуваат на искористување на тој момент и да не ја испуштите оваа можност“.
360°: Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека додека странските политичари кои доаѓаат во Скопје за да вршат притисок за уставни промени, всушност притискаат етничките Македонци да прифатат дека имаат бугарска историја и јазик со бугарско потекло, не одат во Софија и од тамошното раководство барем да побараат да се спроведе некоја од пресудите на Европскиот суд за човекови права. Како ги коментирате овие изјави знаејќи дека доаѓаат од главната опозициска партија?
Гир: „Бројните посетители на Скопје доаѓаат како пријатели, а не да вршат притисок или да ја натераат земјата на нешто. Тие доаѓаат како пријатели за, од една страна, да го објаснат поширокиот политички контекст и приликата која сега постои, и, од друга страна, да слушнат, да ги споделат своите погледи и искуства од проширувањето. Во однос на прашањата поврзани со идентитет и култура – никој не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ, тоа е искуството на сите земји членки кои се приклучија. Напротив, она што го гледате е резултат на зачленувањето во ЕУ – земјата станува посилна, а со тоа и нејзината култура, идентитетот и разбирањето на сопствената историја. Според мене, ниту едно од тие прашања не се загрозени. Во врска со јазикот – дел од договорот од јули 2022 е дека македонскиот јазик е јазикот што ќе се користи во Преговарачката рамка и во самите преговори. ЕУ-законодавството ќе биде преведено на македонски јазик и веќе со Договорот со Фронтекс видовме дека има договор потпишан на македонски јазик заедно со другите јазици на ЕУ, сите третирани како рамноправни. Она што го видовме е зајакнување на македонскиот јазик. Ако ме прашате кој е најсилниот поддржувач на македонскиот јазик во земјава, тоа е Делегацијата на ЕУ која ги промовира делата на големите македонски автори како Ацо Шопов, Горан Стефановски, Кочо Рацин. Исто така, финансиски го поддржавме преводот на 420 европски литературни дела на македонски јазик, ја поддржуваме и наградата „Вавилон“ која веќе 10 години се доделува за најдобар превод на европски дела на македонски јазик. Станува збор за тоа како процесот може да го зајакне идентитетот, јазикот и културата на земјата“.
360°: Како се справувате со стравувањата кај опозициските политичари, при разговорите со нив, за истите овие прашања – македонскиот јазик, култура, историја?
Гир: „На речиси ист начин на кој тоа го прават бројните странски посетители политичари кога доаѓаат во Скопје. Тие дојдоа, исто така, за да пружат осигурување за сите овие прашања и секако, во сите мои дискусии, не само со припадниците на опозицијата, јас патувам и низ земјата и се среќавам со многу луѓе во различни градови на убави настани – безмалку тоа се градски собири во локалните кафулиња, разговарам со нив и ги споделувам овие гледишта. Тие, секако, имаат свои гледишта, но мислам дека можам да ја споделам таа јасна перцепција дека на патот кон ЕУ ја гледате земјата како целина, како се зајакнува вклучувајќи го и нејзиниот идентитет и чувството за себе“.
360°: Многу се зборува за нова динамика во проширувањето на ЕУ која почна со руската агресја врз Украина. Сега веќе зборуваме за конкретни тајминзи – 2030. Тоа е интересно, од една страна имаме конкретни датуми, но од друга видовме и многу неисполнети ветувања од ЕУ. Мислите ли дека 2030 е реален рок?
Гир: „Човекот кој неодмна ја спомена 2030 беше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на настапот во Блед. Мислам дека тој таму беше јасен – како и јас сега го објаснуваше целиот контекст и интензивирањето на разговорите за проширувањето, сериозноста со која сега му приоѓаме на прашањето, но истовремено велејќи – има можност тука, 2030 година е датум што е можност која можеби ќе ја искористите за дотогаш да ѝ се приклучите на ЕУ. Тоа беше едно гледиште, но тој велеше – ова е шанса. Дали или не ќе се случи тоа, многу не зависи од ЕУ, туку од тукашната динамика и за тоа неколку нешта треба да се завршат. Но, најважното нешто е политичарите од различните страни, како и луѓе од разни сектори на администрацијата, институциите, да седнат и на ова прашање да му пристапат како на национален проект. Реформите кои се во согласност со ЕУ-стандардите се клучниот приоритет во наредните години. Ако тоа се заврши, ако сите работат заедно, не е потребно во коалиција, може да бидат и во опозиција… Но, ако се договорат за овие суштински реформи и притиснат напред на еден решителен начин, тогаш може да се оствари. Токму тоа го стори Хрватска. Во Хрватска, во текот на преговарачкиот процес, имаше неколку смени на влади, имаше силни политички разлики, но имаше договор за суштинските прашања. Успеаја тоа да го постигнат – да се приклучат на ЕУ и таа иста решителност се покажа во примерите со воведувањето на еврото и влезот во Шенген-зоната“.
360°: Значи, бидејќи ја знаете ситуацијата во земјата и во општеството, мислите дека – сега е 2023, дека до 2030 година, ако има консензус за зачленување, Северна Македонија може да ја оствари таа цел?
Гир: „Сѐ е во рацете на раководството и на луѓето инволвирани во носењето одлуки“.