На објавеното видео се забележува како група малолетни лица дивеат во доцните ноќни часови во скопската населба Капиштец
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа побара од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира на вандалското однесување на одредени поединци – малолетници во населбата Капиштец во центарот на Скопје. Тој на социјалните мрежи објави видео на кое се забележува како малолетни лица кршат шишиња, пукаат петарди и се тепаат во доцните ноќни часови во населбата. Герасимовски напиша оти веднаш ќе го пријават случајот и оти очекуваат МВР да поведе истрага.
Ова не е прв ваков настан во населбата. На средината на ноември, група малолетници обиле багер, го вклучиле, се возеле и попат удриле во еден автомобил и оштетиле систем за наводнување. Инцидентот, како што на Фејсбук тогаш соопшти градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, се случил во паркот во Капиштец каде што багерот бил паркиран поради реконструктивни зафати во тој дел од населбата.
Пред неколку месеци беа објавени видеоснимки од група тинејџери како уништуваат дел од опремата во детско игралиште во Капиштец.