Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, не го исполни ветувањето дека до март ќе ја отстрани дивоградбата кај зградата на владината Служба за општи и заеднички работи, за која известувавме во неколку наврати
Првите соседи на СОЗР, чии имоти се оградени како во кафез, поднеле кривична пријава против директорот Пеце Мирчевски, оти сметаат дека со неспроведување на решенијата за отстранување на дивоградбата, тој ја злоупотребува службената положба. Погледнете го видеото
Освен годишното време, ништо друго не се сменило три месеци по нашата сторија за пристапниот пат до зградата на владината Служба за општи и заеднички работи. До неа води асфалт со рампи и странична ограда – целосно изградени на диво, за што блокираните соседи се жалат и институционално и пред камерата на „360 степени“.
„Не може да пристапи тука ниту пожарна, ниту брза помош“,
„Со кое право они затвораат пристап на приватна сопственост, ни пешки не можеш да поминеш, ни со кола, мене стварно не ми е јасно“,
реагираа соседите јавно уште во јануари.
По пријава на жителите, општинскиот инспекторат констатираше дека улицата рампите и оградата се дивоградба и издаде рок на Службата за општи и заеднички работи сами да ги отстранат. СОЗР не презема ништо, а во таков случај, обврската за рушење паѓа на општината, чекор за кој градоначалникот во февруари јавно даде збор дека ќе го направи.

„Временски тоа би значело отприлика месец дена, отприлика месец дена до кај негде март, да се спроведе целата постапка за рушење, доколку во меѓувреме не ја отстранат СОЗР самата рампа“,
кажа градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, за „360 степени“ на 16. 02. 2022.
Март помина, а дивоградбата остана. Зошто?

На хартија, Деталниот урбанистички план за просторот околу зградата на Службата за општи и заеднички работи предвидува пристап до објектот по т.н адвокатска улица. Во пракса, спротивно од тоа што е испланирано и одобрено од општинскиот совет, владината институција, на своја рака ,изградила улица, но од другата страна – која поминува и преку тротоар и излегува директно на булеварот „Филип Втори Македонски“.
Бидејќи СОЗР доби решение со рок сами да ја урнат дивоградбата, што не се случи, а Општината вети дека во таков случај таа ќе руши, што исто така не се случи, повторно се обративме до градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. За разлика од пред два месеца, локалната власт сега ретерира – велат, ќе се руши кога ќе се реконструира делот кај адвокатската уличка.
„Разговарано е многупати и со директорот на СОЗР, како што и со нашите инспекциски служби, таму иамме добиено средства од ТАВ, ќе се прави улицата, брзаме што побрзо да ја отшпочнеме, продолжува на делот што го има СОЗР и асфалтирано и со отпочнување на улицата, ќе се отстрани и оградата којашто е поставена од СОЗР“,
вели сега Герасимовски.
Градоначалникот образложува и дека за реконструкција на тој потег се чекаат документи и од Град Скопје, но уверува дека кога-тогаш дивоградбата ќе се урне.
„Таму има решение за отстранување, така да истата ние ќе ја отстраниме, нема да остане таму сигурно. Но, идејата беше со отпочнувањето со улицата, требаше да почнеме до сега, но, поради процедура со самата документација, по отпочнувањето ќе ја отстраниме и оградата која е поставена“,
додава Герасимовски.

Но, првите соседи се изморени од чекање, бидејќи дивоградбата е поставена пред две години. Даниел Георгијевски е адвокат на соседите на СОЗР, кои одлучија да одат уште еден чекор понатаму – поднесоа кривична пријава против директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски. Соседите го обвинуваат дека со тоа што не постапува по решението на општинскиот инспекторат за отстранување на дивоградбата, ја злоупотребува службената положба.
„Тоа е основната појдовна точка, од којашто се води оваа кривична пријава. Таму има налог конкретно до пријавениот, во својство на директор на СОЗР да преземе дејствија за отстранување на она што е бесправно поставено и изградено“,
вели Георгијевски.

Пријавениот директор, Пеце Мирчевски во изјава за „360 степени“ пред три месеци, прво тврдеше дека не го добил решението на општинскиот инспекторат.
„Дали е спротивно на законите поставена или не, има институции кои..
360°: Го утврдиле веќе тоа.
Го утврдуваат.
360°: Го утврдиле“,
Вие велите го утврдиле, јас не сум видел решение дека го утврдиле. Ако вие сте го виделе тоа е друга работа, јас решението не сум го видел. Кога ќе го достават решението, ние ќе ја тргнеме оградата и ќе постапиме како што инспекторот кажал“,
кажа Мирчевски во изјава за „360 степени“ на 25 јануари годинава.

Подоцна, СОЗР писмено известо дека согласно интерната процедура за движење на документацијата, решението за рушење на дивоградбата било примено, ама директорот го видел по снимањето на интервјуто и ветија дека ќе постапат согласно законот. И сега, по три месеци, повторно прашавме кога ќе постапат, но одговор не добивме.
Соседите, чии имоти се оградени како во кафез, се надеваат дека директорот Пеце Мирчевски ќе мора да даде одговори пред Обвинителството, од каде ни потврдија дека добиле кривична пријава против него. Од Обвинителството велат дека надлежен обвинител ги проверува наводите, пред да донесе одлука што понатаму со кривичната пријава против Мирчевски, со чиј „амин“, во срцето на главниот град, никна државна дивоградбата која државата не сака или не може да ја урне. За какво владеење на правото зборуваме тогаш?