Ова богатство, рече премиерот Ковачевски, го нема никаде на друго место во светот, а во ова време-невреме во кое живееме, според него, веќе јасно согледавме дека домашното производство на храна е приоритет.
Со музика, домашна храна и разни пијалаци денеска е исполнет Градскиот парк во Скопје кој е локацијата каде се одржува Првиот национален саем за храна и пијалаци.
Саемот се одржува под мотото „Вкуси ја традицијата“ и во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу Фуд“ Македонија.
На него учествуваат 40 здруженија и над 200 изложувачи на вкусна храна и пијалаци, а организаторите се надеваат дека истиот ќе прерасне во традиција.
„Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни“,
рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на саемот.
Ова богатство, вели тој, го нема никаде на друго место во светот, а во ова време-невреме во кое живееме, според него, веќе јасно согледавме дека домашното производство на храна е приоритет.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, пак, рече дека клучната порака што сака да ја испрати од денешниот саем да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот.
„Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект“,
рече Николовски.
Иста желба има и Николче Николовски од „Слоу Фуд“ Македонија, која заедно со Министерството е организатор на денешниот настан.
„Денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители кои прв пат, здружени заедно, ги презентираат автентичните вкусови на македонското земјоделство и гастрономија. Овој настан е почетна точка во здружените напори да се зачуваат традициите, бројните автентични производи и рецепти, како и руралните средини во кои произведуваат малите производители“,
рече Николовски.