Многумина граѓани синоќа решија Новата година да ја дочекаат на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје. Покрај скопјани, за новогодишната ноќ во главниот град дојдоа посетители и од други градови од земјава, а забележливи беа и странски туристи.

Граѓаните се трудеа да ја одржат новогодишната еуфорија на отворено и покрај маглата и загадениот воздух. Коментираа дека годинава на плоштадот било скромно, но сепак се забавуваа и во првите минути од новата година се слушаа извици „Среќна Нова година“.
Музичката програма ја збогатија познати естрадни имиња од македонската музичка сцена, а точно на полноќ Новата година на сите им ја честита поп-дивата Елена Ристевска.
Имаше и огномет што дополнително придонесе за новогодишната атмосфера. Луѓето си ја честитаа новата година со пријателите и најблиските и си посакаа убави желби со надеж за поубава и посреќна 2023 година. Најупорните на плоштадот останаа до доцна во ноќта.
