Фирмите Бул-Мак, Пофикас, Кит-Го, Биотек, Сетек, ФОН Универзитет, Катлановска бања, Радика Резорт, ИГМ Вратница, Стокомак се само десет од стотици компании кои се наоѓаат на списокот кој ЕВН го има доставено до неколку надлежни институции, а кој е составен од компании кои од почетокот на годинава ја смениле сопственоста на нивните броила на помали фирми
За сите правни субјекти на списокот (компании и општини) владата тврди дека ќе ги врати на слободниот пазар, односно дека ќе им забрани пристап до струјата наменета за домаќинствата и малите фирми. Засегнатите компании кои беа транспарентни да одговорат на прашањата на 360 степени велат дека не прекршиле ниту еден закон
Минатата недела ги објавиме имињата на 20 општини кои, според ЕВН, а и според Владата, недозволено ги префрлиле броилата од големи на мали правни субјекти за да трошат од поевтината, струјата за домаќинствата.
Општините одговорија дека не кршат ниту еден закон и најавија контра-удар.
„Тоа што можам да го најавам е дека ги разгледуваме сите возможни механизми во овој момент да водиме и соодветна постапка против ЕВН“,
изјави градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, на 9 декември 2022 година.
Владата одговори со нова, попрецизна одлука, која значи прекин на снабдување со електрична енергија од ЕВН за општините и фирмите кои ги смениле броилата од големи на мали правни субјекти, веќе од 1 јануари.
„Да не се остава никаков простор за одредени компании и општини да имаат можност да прават приговори, согласно таа одлука“,
вели сега министерот за економија, Крешник Бектеши.
„360 степени“ контактираше 10 поголеми компании кои се на „црната листа“. Сите што одговорија, велат дека не згрешиле.
Кои големи, станале мали?
Поминаа десетина дена откако непознато лице достави плик до редакцијата на „360 степени“, со список на броила за електрична енергија што биле префрлени од име на големи на име на мали субјекти.
Фирмите и општините на листата се предмет на интерес на Владата поради сомнение дека со промената направиле злоупотреба.

Големите субјекти, со над 50 вработени и над 2 милиони евра приходи, мора да купуваат струја на отворен пазар, а таа е скапа од почетокот на енергетската криза. Малите субјекти под таа граница се снабдуваат со струја од универзалниот снабдувач – ЕВН, по пониска цена поради субвенциите од Владата.
Проверките што ги направивме веднаш откако го добивме списокот покажаа дека тој е релевантен. Во меѓувреме, ја добивме и првата официјална потврда, за време на интервју со министерот за економија Крешник Бектеши.

360: Дали ќе дозволите да Ви го подадам, да фрлите поглед на него, дали е ова списокот на правни субјекти за којшто се бара да се вратат на слободниот пазар
Крешник Бектеши: Да, зошто да не.… Гледам неколку општини се, приближно, тоа е листата. Има и компании.
360: Има и неколку големи компании.
Крешник Бектеши: Еве, гледам некои ланци на супермаркети, некои обложувалници
360: Дали е таа, таа листа?
Крешник Бектеши: Значи, листата која е доставена до нас има околу 3 100 броила и над 2 000 правни субјекти и би требало да биде истата листа.
Некои од позвучните фирми на списокот од кои побаравме став се:
БУЛ-МАК, фирмата која ги поседува рудниците Злетово и Тораница и лани направила 11,6 милиони евра профит, според списокот, префрлила броила на многу помалата струмичка фирма – БУЛ БИЛДИНГ.
ПОФИКС е фабрика за градежни материјали и една од најголемите фирми во Полог. На листата пишува дека го префрлиле броилото на новоотоврена фирма ПОФИКС ПЛУС.
КИТ-ГО – ланецот супермаркети од Источна Македонија и Скопје, кој лани остварил профит од околу 2,2 милиони евра, на списокот е нотиран со околу 60-ина префрлени броила на помали фирми-ќерки, кои се квалификувани да трошат струја од регулираниот пазар.
БИОТЕК ДОО – една од фирмите поврзани со истоимениот ланец на лаборатории и која лани бележи профит од 3,7 милиони евра, на списокот е означена дека префрлила 19 броила на фирма-ќерка која постои подолго време, но во моментов е мал потрошувач.
СЕТЕК – се од техника – ланецот продавници кој лани остварил 2,9 милиони евра профит, на списокот е присутен со 40-ина броила кои биле префрлени на новоформирана фирма – СЕТЕК се од недвижности.
ФОН УНИВЕРЗИТЕТОТ ги сменил броилата на име на помала фирма-ќерка ФИНЕ.
КАТЛАНОВСКА БАЊА ги сменил броилата на име на помала фирма-ќерка КАТЛАНОВСКА БАЊА СПА.
РАДИКА РЕЗОРТ во Маврово ги сменил броилата на блиската, но мала фирма, ФУД ЕНД БЕВЕРЕЏЕС.
ИГМ ВРАТНИЦА од Боговиње се префрлил на новоформираната ИГМ ВРАТНИЦА 2.
СТОКОМАК префрлил неколку броила на СТ-ГРУП.
Истото го сториле стотици други.
Фирмите велат – не прекршивме ниту еден закон
На сите компании што им се обративме, им поставивме неколку прашања – од тоа дали се согласуваат со одлуката на Владата да ги отстрани од регулираниот пазар до – дали мислат дека префрлањето на пазарот за домаќинствата и малите фирми е фер?
Од сите компании до кои се обративме, одговор добивме од три. Од СЕТЕК ни одговорија, интегрално:
„Ве известуваме дека нашата компанија СЕТЕК Се од Техникa, работи согласно со процедурите, правилата и законите на Република С. Македонија“,
ни одговорија од СЕТЕК, Се од Техника.
Краток беше одговорот и од БИОТЕК:
„Нашата компанија секогаш работи согласно законските прописи во државата. Согласно на ова, немаме направено прекршување на ниеден член на законот. Секогаш ги следиме и ќе ги следиме сите владини мерки по било кое прашање“,
гласи интегрално одговорот од Биотек ДОО.
Најдетален беше одговорот од ФОН Универзитетот, односно ФИНЕ. Од компанијата велат дека зградата во која е сместен универзитетот е во сопственост на ФИНЕ. Промена на броила била направена бидејќи дел од објектот каде под кирија бил ФОН, бил продаден, а универзитетот се префрлил во друго крило на зградата.
„ТД ФИНЕ Скопје ДОО достави уредно барање за кое службите на ЕВН постапуваа. Која е законската пречка сопственик на имотот да плаќа сметки за потрошена електрична енергија на неговиот објект?
Не би можеле да навлегуваме во тоа дали е фер или нефер другите некако да постапат… Тоа што не е фер е ставање во ист кош на сите фирми опфатени со некаков „црн список“ без да се проверат релевантни докази со кои ЕВН располагал (а истите се прилог на доставеното барање за промена) при ставањето на АУЕ ФОН Скопје на тој листинг“,
одговорија од ФИНЕ.
Од ФИНЕ ни одговорија и дека до моментот на одговор, до нив не е доставено барање да се вратат на снабдување од слободен пазар. А ако такво нешто се случи…
„Доколку се достави Барање за промена на носител на обврски за плаќање на електрична енергија и враќање на слободен пазар – да, планираме претставки, тужби и други правни дејствија против ЕВН и Владата. Доколку се објави таканаречениот „црн список“ на кој планирате да биде и името на АУЕ ФОН и ТД ФИНЕ Скопје ДОО – а, како што погоре напоменавме дека апсолутно нема никаква злоупотреба при реализираната промена, ќе се покренат и постапки доколку се цени дека е потребно и против Алсат М – 360 степени“,
одговорија од ФИНЕ.
За многуте примери, каде броилата се префрлени на сестрински или фирми кои се реални сопственици на објекти, министерот за економија вели дека струјата треба да ја плаќа фирмата корисник, независно кој е сопственик.

„Мојата порака е дека регистарот за лиценцирани компании кои се занимаваат со трговија на електрична енергија е објавен, на сајтот на Регулаторната комисија за енергетика. Не се ни дваесетина компании во државата што имаат таква лиценца и нема илјадници компании кои се лиценцирани за да вршат таква дејност, што значи дека тие немаат право да вршат таква дејност. Не сестрински компании, никакви компании кои не се лиценцирани од страна на Регулаторната комисија за енергетика, што значи дека овие автоматски ќе бидат префрлени на слободен пазар. А во делот на тоа какви прекршоци се направени, наведов дека тоа е работа на финансиската полиција, пазарна инспекција и Управата за јавни приходи“,
изјави Крешник Бектеши, во интервју за „360 степени“.
Дел од општините од кои се бара да се вратат на слободниот пазар, а кои тврдеа дека не кршат ниту еден закон, веќе поднесоа претставки до ЕВН. Бектеши вели – општините кршат закони, а владините одлуки се законски основани.
„Во Законот за комунални дејности е утврдено пластично и точно дека таа е обврска на општината, што општината и ги добива приходите во делот на плаќање на јавно осветлување. Тоа е спротивно на Законот за енергетика и Законот за комунална дејност.. Со прогласувањето на кризна состојба во делот со снабдување на електрична енергија донесовме ваква одлука која е целосно законска, се повикува на законот за енергетика и владата преку Министерството за економија може да им дава права и обврски, во времетраење на кризната состојба, на сите лиценцирани компании кои вршат дејност во секторот енергетика и ова е случај и за ЕВН и затоа јас сум убеден дека ЕВН ќе постапи согласно одлуката на Владата и од 1 јануари, овие правни субјекти, нема да бидат веќе на регулиран пазар“,
изјави Бектеши.
„360 степени“ се обрати и до Финансиската полиција, која веќе подолго време ги истражува промените на броилата на правните субјекти. Засега немаме одговор, до какви заклучоци дошле и кои се можните последици. Епилогот го чекаат и во Управата за јавни приходи, бидејќи за струјата што се купува на слободен пазар се плаќа и повисоко ДДВ, па ако се утврди неправедно снабдување ќе треба да се плати и разликата во данокот.
„Јавно кажувам дека ова е злоупотреба на одредени општини и одредени правни субјекти кои за жал одат на товар на домаќинствата и малите потрошувачи и ние тоа нема да го дозволиме како Влада и како Министерство за економија, да се случи“,
изјави Бектеши.