Компанијата „Електра солушнс“ декларирала 32 „перманентно вработени” лица во октомври 2022 година за потребите на тендерот за надзор над „Бехтел и Енка“, но во годишната сметка доставена до Централниот регистар за истата година навела дека во просек имала само двајца вработени
Од „Електра солушнс“ убедуваат дека навистина имале 32 вработени кога во конзорциум со италијанската „ИРД инженеринг“ се јавиле на тендерот, кој потоа и го добија за цена од 22,3 милиони евра. Од доставениот список до „360 степени“, сепак, може да се види дека најголем дел од експертите се ангажирани без огласување во „дополнително работно време над 40 часа“. Тоа значи дека станува збор за луѓе кои се редовно вработени во други компании
„Електра солушнс“ има 32 перманентно вработени лица, од кои 27 перманентно вработени инженери, пишува во договорот за надзор на изградбата на делници од коридорите 8 и 10-д, тежок 22,3 милиони евра.
Но, според Централниот регистар, „Електра солушнс“ имала во просек само двајца вработени во годината кога го добила тендерот.
Каде е вистината – особено што доказот за ангажман на експертите бил клучен критериум за да се добие тендерот за надзор над „Бехтел и Енка“?
Само двајца вработени според годишната сметка
Март е месец кога фирмите ги поднесуваат годишните сметки за претходната година до Централниот регистар. А во годишните сметки има сè што е важно за работењето на една фирма – од приходи и расходи, до исплатени плати и број на вработени. Тие податоци може да ги добие секој граѓанин.
Ние ја побаравме и ја добивме годишната сметка на „Електра солушнс“, фирма членка на конзорциумот предводен од италијански „ИРД инженеринг“ кој победи на тендерот за надзор над „Бехтел и Енка“. Причината беше нашето претходно откритие – дека недостасуваат документи за ангажманот на 23 експерти за надзорот, а за кои Јавното претпријатие за државни патишта тврдеше дека има доказ дека се вработени во „Електра солушнс“.
Во годишната сметка на „Електра солушнс“, во делот за трошоци за вработени, пишува дека фирмата лани потрошила околу 20 000 евра. Во информацијата за финансиската сотојба, пак, се вели:

„Друштвото во тековната, како и во претходната година, има 2 вработени. Просечната месечна пресметана нето-плата по вработен во годишната сметка за 2022 година изнесува 31 825 денари“,
пишува во обработената годишна сметка на „Електра солушнс“.
Прашањето што го отвора обработената годишна сметка е – како фирма со просечно двајца вработени добива тендер во кој тврди дека има 32 редовно вработени?
Вработени без огласување во „дополнително работно време над 40 часа“
Прашавме во „Електра солушнс“ – како ја објаснуваат разликата меѓу она што го пријавиле пред ЈПДП – 32 перманентно вработени и она што го навеле во годишната сметка доставена до Централниот регистар – само двајца вработени?
Ни одговорија дека:
„’Електра солушнс’… во моментот на поднесување на понудата има вработено 32 лица на неопределено време, од кои најголемиот број од нив се предложени како стручни лица во понудата за кои се приложени и обрасци М1/М2 од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“,
одговорија од „Електра солушнс“.
Во прилог на одговорот, од „Електра солушнс“ ни испратија и листа на вработени, која е од 20 октомври 2022 година, пет дена пред крајниот рок за пријавување на тендерот за надзор.

На листата има 32 имиња, од кои 26 се ангажирани во подржуницата на „Електра солушнс“ во велешко Долно Оризари, а шест во централата во Скопје. Уште повпечатливо е тоа што дури 25-мина од 32 се ангажирани без огласување – во дополнително работно време над 40 часа. Тоа значи дека сите тие лица се редовно вработени во други фирми.
Од „Електра солушнс“ не дадоа директен одговор на нашето прашање – како ја објаснуваат разликата меѓу годишната сметка во Централниот регистар, во која пишува дека лани имале во просек двајца вработени и тврдењето во понудата на тендерот дека имале 32 перманентно вработени?

Никаков одговор не добивме од предводникот на конзорциумот, италијанската „ИРД инженеринг“, до која го поставивме истото прашање, барем не во рокот во кој ги замоливме за одговор.
Вработените – услов во тендерот
Минатата недела „360 степени“ објави дека во формуларите за 23 експерти во договорот за надзор над „Бехтел и Енка“, во графата за вработување, стојат фирми кои не се добитничките или подизведувачите на тендерот.
Кога го предочивме овој проблем до потписникот во име на државата, Јавното претпријатие за државни патишта, оттаму ни одговорија дека имаат документација за сите тие 23 лица, но дека не можат да ја објават.
„Лицата се вработени на неопределено во „Електра солушнс“ и за нив се доставени обрасци М1/М2 за вработување, кои поради заштита на лични податоци не се објавени јавно“,
одговорија од Јавното претпријатие за државни патишта за „360 степени“ на 20 март 2023 година.
По одговорот од „Електра солушнс“, евидентно е дека ЈПДП како легитимни ги прифатило апликациите за лица ангажирани во подружница на член на конзорциумот и тоа најголемиот дел вработени во дополнително работно време, над 40 часа. Дали ваквата пракса е исправна или значи прекршување на условите на тендерот – ќе има можност да каже Државната комисија за спречување на корупцијата, која веќе отвори предмет за случајот. А можеби и други институции.

„Јас би ги повикал, јавно, сите релевантни институции – Заводот за ревизија, Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, нека дојдат, нека ја разгледаат целата наведена документација и јас ви гарантирам на сите дека оваа постапка била крајно транспарентна и била врз основа на Законот за јавни набавки“,
изјави директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, за „360 степени“ на 20 март 2023 година.
Бројот и начинот на ангажман на експертите за надзорот е важен затоа што е еден од елементите во тендерската документација:
За секоја од 90-те експертски позиции, под точка 6, се бара „да биде вработен кај економскиот оператор или ангажиран согласно важечкиот Закон за јавни набавки.“
А понатаму, кај доказите што треба да се приложат се бара „копија од доказ за вработување или соодветен доказ за ангажирање согласно важечкиот Закон за јавни набавки“.
Експертите за „Бехтел и Енка“ веќе ветени на други надзори
А, како кулминација, анализата на договорот меѓу државата и италијански „ИРД“ нè доведе до уште еден заклучок – дека значаен дел од експертите што треба да ја надгледуваат изградбата на автопатите, вредна 1,3 милијарди евра, во исто време се веќе ангажирани или ќе бидат ангажирани во надзор на други патишта.

Проблемот е во тоа што со договорот за надзор над „Бехтел и Енка“, победничкиот конзорциум се обврзал дека ќе работи со персоналот предложен во тендерот и дека само по исклучок има право да го менува. Но, увидот во само неколку други активни договори за надзор нè доведе до сознанието дека 10-ина од експертите ангажирани за „Бехтел и Енка“ не само што се дел од надзор на други проекти туку дека за нив, фирмите што ги ангажирале потпишале изјави со кои гарантирале дека:
„предложениот кандидат … ќе биде ослободен од сите други обврски и тој ќе биде на ваше целосно располагање сè до завршување на договорните обврски“,
пишува во секоја поединечна изјава.
На пример, Андон Петровски, кој е пријавен како позајмен експерт на „Електра солушнс“ од фирмата „24 ИНГ“ за надзор над „Бехтел и Енка“, има активен договор со Градежен институт Македонија за автопатот Скопје – Блаце. За него е гарантирано со изјава дека ќе биде на целосно располагање за овој проект.

Друг пример, лицето Зоран Наумоски, вработено во „Евро консалтинг“, освен што е пријавен за надзор над „Бехтел и Енка“, е ставен целосно на располагање и тоа за уште две патни делници Охрид – Свети Наум и Струмица – Дабиле.
Веќе рековме – откривме повеќе вакви случаи со анализа на само неколку договори за надзор што се на сила.
Па, прашавме кај дел од членките на конзорциумот – зошто предложиле експерти за кои веќе знаеле дека е гарантирано дека ќе бидат ангажирани исклучиво на други проекти и дали со тоа го изиграле тендерот?
Одговор добивме само од „Евро консалтинг“
„Во овој момент „Евро консалтинг“ ДОО Скопје, во делот на вршење стручен технички надзор е активен на најголемите инфраструктурни проекти во државата, со ангажирани и редовно запослени повеќе од 50 дипломирани градежни инженери и магистри на технички науки.
Сите договори кои ги имаме потпишано заклучно со денешниот ден, еден дел се започнати а друг дел се или незапочнати или ќе започнат во блиска иднина. Проектите кои ги имате цитирано во Вашиот мејл, конкретно Охрид -Св. Наум сеуште не е активен, а договорот за истиот е потпишан 28.9.2022 година. Договорот за проектот Струмица-Дабиле е потпишан 23.1.2023 година и се очекува да биде активен во секој момент.
Во сите договори коишто ги работиме и кои се активни, еден надзорен инженер е ангажиран само на еден проект и не е можно да работи на друг проект согласно договорната документација.
Исто така, легитимно право е да вршиме замена на одредени стручни лица (поради здравствени, приватни и семејни причини) што е предвидено и овозможено со општите и посебните услови на договорот и проектните задачи.
Значи, не се работи за изигрување на условите предвидени во тендерската документација туку за нивно стриктно почитување и спроведување.
Исто така, потврдуваме дека предложените експерти за надзор над изградбата на делови на коридорот 8 и 10-д кои ќе ги реализира Бехтел и Енка целосно ќе се стават на располагање и ќе бидат ослободени од сите други обврски во истиот временски период.
изјавија, меѓу другото, од „Евро консалтинг“.
Ваквиот став, сепак, не го одговора прашањето – што ако неколку проекти станат активни во исто време? На пример, каде ќе работи Зоран Наумоски ако временски се совпаднат изградбата на Струмица – Дабиле, Свети Наум – Охрид, а потоа и на автопатите на „Бехтел и Енка“? Конечно, во прашање не е еден, туку десетици експерти.
*оригиналниот текст е изменет на 28 март 2023 г. Дополнет е ставот на „Евро консалтинг“ со нивниот интегрален одговор на прашањата на „360 степени“.