Извесно е дека Африм Гаши ќе биде идниот спикер и дека ВМРО-ДПМНЕ ги добива клучните министерства во сферата на надворешната политика, безбедноста и финансиите
Она што се дознава е дека двете политички групации, освен за министерските ресори, се договориле и за реорганизација на неколку министерства
Покрај распределбата на функциите во првиот ешалон, една од клучните точки за кои се согласиле двете политички групации е реорганизација на министерствата и институциите, нешто што беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
Во „Платформата 1198“ пишува дека „заради зглемување на ефикасноста и функционалноста на работењето на органите на државната управа се предвидува реорганизација на неколку ресори“. Станува збор за Министерство за економија и труд во кое ќе се вградат пазарот на труд, привлекување на инвестиции, претприемливост, потоа Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кое ќе се извлече од постоечкиот ресор економија. Наместо постоечкиот ресор за труд и социјала, ќе има Министерство за социјална политика надополнето со демографија и млади. Ќе се формира и Министерство за спорт, а Министерството за култура ќе се прошири со туризам. Се предвидува и ново Министерство за дигитална трансформација.

Коалицискиот договор, според изворите на 360 степени, вклучува и унапредување на статусот на постоечкиот Секретаријат за европски прашања во Министерство за европски прашања.
Дури и ЗНАМ на Максим Димитриевски да не влезе во владата, во ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“ наводно сметаат на поддршка од пратениците на СДСМ за да стигнат до неопходното двотретинско мнозинство за промена на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ако идната власт обезбеди најмалку 80 пратеници за овие измени, тоа би значело дека новата влада ќе има 19 министерства наспроти сегашните 16. Дополнително, се очекува и избор на неколкумина министри без ресор, не само оние што потоа би биле промовирани во вицепремиери.

Договорот за распределба на првиот ешалон функции, според она што се дознава, предвидува „Влен“ да го добие претседателското место во Собранието. На таа позиција речиси извесно доаѓа Африм Гаши, лидер на Алтернатива. Неговата партија го добива и новото Министерство за европски прашања.
Демократското движење на Изет Меџити ќе го добие Министерството за односи меѓу заедниците, кое сега се вика Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а кадарот што ќе го раководи овој ресор се очекува да биде и вицепремиер. Кај партијата на Изет Меџити оди и Министерството за животна средина.
Кај Беса, третата партија во ВЛЕН, одат два ресора – новото Министерство за социјална политика, демографија и млади и видоизменетото Министерство за економија и труд. Крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, пак, ќе го добие Министерството за здравство кое и пред и по поделбата во партијата го има Алијанса.

Според она што се дознава, дел од клучните ресори, пред се оние поврзани со надворешната политика, безбедноста и финансиите, одат кај ВМРО-ДПМНЕ, предводникот на победничката коалиција на парламентарните избори. Станува збор за Министерствата за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, за одбрана, за правда… Партијата на Христијан Мицкоски ќе ги добие и министерствата за транспорт и врски, за образование, за земјоделство, трансформираниот ресор за култура и туризам, а и новите министерства за енергетика, за дигитална трансформација и министерството за спорт. Сепак, за тоа што дефинитивно останува за ВМРО-ДПМНМЕ ќе зависи од исходот на преговорите со ЗНАМ на Максим Димитриевски. Контакти меѓу двете партии има, но исходот се уште е неизвесен.
Ако распределбата на ресорите финишира, тогаш кадровските решенија допрва ќе се договараат. Покрај имињата на идниот премиер Христијан Мицкоски и на идниот претседател на парламентот Африм Гаши, за извесно досега се смета само номинирањето на Гордана Димитриеска Кочоска за министерка за финансии.