Делчево и Берово не се единствените општини во кои ЕВН Електрани купувале ниви за подоцна да градат фотоволтаични централи. „360 степени“ открива дека енергетската компанија пазарила парцели и во Прилепско.
Минатиот месец „360 степени“ дојде до документи за шема во која физички лица купувале или добивале на подарок ниви во Делчевско, за речиси веднаш потоа да ги продадат на ЕВН Електрани и за 40 пати поскапо од пазарната цена.
Тешко се доаѓаше и до оние што дарувале. А и до оние што му препродавале на ЕВН. Иста шема потоа откривме и во Берово.
„Околу месец, така нешто. Скоро е. Од онаа страна е гледано.“,
ни рече жител на Делчево.
Но, таму работата не се завршила до крај.
„Трансакцијата и купопродажбата не е се уште реализирани“,
ни посочи тогаш градоналачникот на Берово, Ѕвонко Пекевски.
Купопродажбата на парцелите се одвиваше во предизборието и за неа се води предистрага уште пред јавноста да дознае за случајот. „360 степени“ открива дека ЕВН Електрани купувале земјиште и во прилепско, но и дека расчистувањето на целиот случај се чини дека е заглавено на релација Финансиска полиција- Обвинителство.

Населбата Варош е најстарата во Прилеп и се наоѓа веднаш под Марковите кули. Населениот урбан дел од населбата има каква-таква инфраструктура, но патот кон нивите е тешко прооден. По 20 минути возење за да поминеме 4 километри, дојдовме до местото каде се протегаат шест парцели со вкупна површина од 30 687 квадратни метри. На овие снимки е и земјиштето кое го купила ЕВН Електрани за 17 706 399 денари или за околу 290 000 евра, за да гради фотоволтаични централи во прилепско.

Поучени од претходните, навидум слични случаи во Делчево и Берово, побаравме и добивме увид во историјатот на парцелите од Агенцијата за катастар.
Слични елементи со примерите од истокот се што ЕВН ги склучила договорите за купување на парцелите во ист период, во втората половина на септември 2021 година, и што има голема разлика меѓу продажната и пазарната вредност. Простата математика покажува дека ЕВН ги купиле нивите по 577 денари за метар квадратен, додека проценетата пазарна вредност при плаќањето на данок на имот е 17 денари за метар квадратен. Или, договорената цена е 34 пати повисока од пазарната.

Но, за разлика од Берово и Делчево, каде сопствениците ги купиле нивите непосредно пред да ги продадат на ЕВН Електрани, случајот во Прилеп нема таква „купи–продај“ позадина.
Увидот во документите покажува дека продавачите биле газди на парцелите од 2003, односно 2007 година, кога државата им ги вратила преку денационализација. На секоја парцела поединечно се јавуваат по шест со-сопственици. Едниот од сопствениците, Александар Б., покрај тоа што се појавува како продавач, е и овластен полномошник на сите останати продавачи во договорот со ЕВН Електрани. Според тој договор, на лицата им е исплатен идентичен износ по 2 951 067 денари поединечно или по околу 48 000 евра.

„360 степени“ пронајде еден од шестемина продавачи. Го прашавме како течела продажба? Ни одговори дека овластиле лице како полномошник за реализирање на продажбата, но и дека не знае на кој начин тој дошол во контакт со ЕВН Електрани за склучување договор.
Случајот со купувањето ниви од ЕВН за фотоволтаични централи стана познат за општата јавност кога во раните часови на денот кога требаше да се гласа недоверба на владата, 11 ноември, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, обвини дека Финансиската полиција прави претрес кај него дома.
„Ако била целта мене да ме заплашат, да ми направат притисок длабоко се лажат, ова за мене се едни очајни обиди на една хунта во заминување“,
изјави тогаш пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески.
Финансиската полиција тогаш соопшти дека претресот е направен кај неговиот татко и дека станува збор за „постапка која се однесува на вработени во ЕВН Електрани и ЕВН Македонија“.
На политичката сцена, ВМРО ДПМНЕ отфрли вмешаност во случајот, но власта го тврдеше спротивното.
„Постои основано сомнение дека на крајот овие црни пари завршиле во белиот дворец“, изјави тогаш Славјанка Петровска.
изјави тогаш Славјанка Петровска.
Политичките препукувања стивнаа, а оттогаш ниту Финансиската полиција ниту обвинителството соопштија детали – како е направен профитот од купопродажбите, каде завршил големиот ќар и дали притоа е направено кривично дело?

Упатени извори за „360 степени“ велат дека во Јавното обвинителство се примени две пријави од Финансиската полиција, во кои оваа институција побарала замрзнување на имотот на лицата што купувале и продавале ниви на ЕВН Електрани во Делчево. Првиот пат е кога во време на кампањата за локалните избори, лицата подигнале готовина од своите сметки во иста филијала. Вториот пат кога Финансиската полиција добила „аларм“ од банка за купување на недвижен имот во Делчево.
Од Jавното обвинителството не споделија детали дали имало такви барања, но објаснија дека можат да замрзнат имот само ако барањето за такво нешто содржи „докази… дека имотот … потекнува од кривично дело“.

„До овој момент до Основното јавно обвинителство – Скопје не е доставена кривична пријава или докази против конкретни лица за настанот за кој покажувате интерес. Уште еднаш нагласуваме дека предметот е во фаза на предистрага, во рамките на која се уште се прават проверки и во интерес на постапката не сме во можност да споделуваме повеќе детали“,
ни одговорија од ОЈО-Скопје.
Од Финансиската полиција, сепак, го тврдат спротивното – и дека доставуваат докази и дека тие се доволни за основи на сомнение.
„Ве известуваме дека Управата за финансиска полиција согласно одредбите од Законот за кривична постапка, при преземање на дејствија и активности во предистражната постапка, во рамките на која предистражна постапка постојат основи на сомнение дека паричните средства потекнуваат од сторено кривично дело, обезбедување на доказниот материјал како и добиените известувања од Управата за финансиско разузнавање во континуитет и навремено, по писмен пат го известува и истите ги доставува до Основното јавно обвинителство Скопје.“,
одговорија за „360 степени“ од Управата за финансиска полиција.

Додека надлежните институции се уште се убедуваат околу доказите, продолжува и внатрешната ревизија на ЕВН Македонија за расчистување на случајот. Бидејќи, освен прашањето каде завршил ќарот, се бара и одговор како и зошто фирмата ги преплатила нивите.
„Интерната истрага, заедно со меѓународната независна правна експертиза, се уште трае, но очекуваме наскоро да биде целосно завршена. Од голема важност за компанијата е што досега не се утврдени нерегуларности во интерниот процес на набавка. ЕВН паралелно соработува и со Финансиската полиција каде се приложени сите побарани информации за делот од истрагата што е во нивна надлежност“,
е одговорот што го добивме од ЕВН Македонија.
Се чека одговорот на институциите – дали се е легално кога некому наеднаш му подаруваат ниви, а тој подарокот веднаш го продава и по 40 пати поскапо од пазарната цена.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.