ДКСК отворила предмет по сопствена иницијатива, а постапките во Управата за финансиска полиција и во МВР се отворени по барање на Министерството за одбрана. Актуелниот министер, Владо Мисајловски, во понеделникот во подробности говореше за според него проблематичните точки во договорот
Поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, за „360 степени“ вели дека договорот е постигнат согласно законските одредби и посакува Мисајловски да продолжи да склучува такви договори
Леонардо е скратеното име по кое целиот свет го препознава најплодниот ренесансен уметник и инженер Да Винчи. Една од неговите опсесии било летањето, па оставил бројни нацрти за можни уреди и машини.

Меѓу тие летала е т.н. воздушен сврдел. Во теорија, идејата била дека вртењето на осовината ќе доведе до доволно брза ротација на едрото за целата структура да полета. Концептот никогаш не бил произведен, но принципот е искористен за изработката на првиот хеликоптер на Игор Сикорски, а се користи и денеска.
Леонардо и Македонија
Една од фирмите што ги користат принципите на вертикалниот лет поставени од Леонардо го носи неговото име. Италијанската компанија е специјализирана за производство на хеликоптери за воена и цивилна употреба.

Каква врска има сето тоа со Македонија?
За модерните италијански воздухоплови Министерството за одбрана ќе треба да плати околу 230 милиони евра во следните четири години
известуваа медиумите на 14 април 2024 година.

Е одлучено предмет на набавка да бидат четири хеликоптери од типот AW149 и четири хеликоптери од типот AW169M кои се очекува да пристигнат, да почнат да пристигнуваат во втората половина на 2026 година, а последниот хеликоптер од овој пакет да биде испорачан кон крајот на 2028 година.
изјави тогашната министерка за одбрана, Славјанка Петровска.
Неколку дена по оваа изјава на тогашната министерка за одбрана дека е избрана најдобрата понуда, таа потпиша договор за набавка на хеликоптерите.
Зошто договорот е проблематичен за сегашниот министер?
Сето ова е повторно вест по година и кусур бидеќи за прв пат, во понеделникот, сегашниот министер за одбрана објасни во детали – зошто неговата партија, Владата и тој лично го сметаат за договорот со „Леонардо“ за проблематичен.
Прво, поради периодот во кој е спроведена набавката.

Во избори е сменет планот за јавни набавки, тоа не е дозволено, но е сменет за да се набават овие хеликоптери.
кажа Мисајловски за „360 степени“.
Веднаш потоа, објасни и дека понудата на „Леонардо“ првично не била најповолна.

По анализирање на пазарот, не е избрана „Леонардо“, избрана е друга компанија каде што во Министерството, односно на Програмска група се објаснува кој е најдобриот тип на хеликоптери, се дава таа цена од компаниите што е најприфатлива и повторно таа не е „Леонардо“. Кога се предлага на Управната група да се прифати друг вид хеликоптери и цената е најниска, во тој период стигнува, без од никого да се побара, ревидирана понуда, не знам ни како се дознало за тоа, ревидирана понуда од „Леонардо“ којашто во тој момент е пониска. Иако требало да се разговара на Влада да се прифати компанијата што претходно се избрала, нема информации што се разговарало на Влада, што е симптоматично, се враќа во Министерството каде што на Управна група – тоа е со сите авторитети, а тоа тело го води министерот, се разговара да се прифати друга компанија, но наеднаш се прифаќа „Леонардо“ бидејќи е најниска цена.
Но, тврди министерот Владо Мисајловски, цената од понудата со која „Леонардо“ бил најевтин, не е истата цена по која се склучил договорот.
Симптоматично што во тој момент е најниска цена, но на потпишување на договорот се зголемува за 37 милиони евра.
360°: Е како?
Е тоа треба да се истражи, некој друг да ги даде одговорите и зошто не е побарано и од другите компании во тој период, како таа цена пораснала од последна понуда или подиректно ако сакате – од 213 милиони да порасне на 249,9 милиони евра и тоа е многу симптоматично.
Зошто договорот не е проблематичен за бившата министерка
„360 степени“ стапи во контакт со поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска. Во странство е, па ни одговори на писмено.
Во врска со измените на планот за јавни набавки, објасни дека станува збор за договор на Влада со Влада.

Согласно Законот за јавни и набавки и Законот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, оваа набавка е исклучена од овие закони, па оттука небулоза е, односно тотално непознавање на материјата самото спомнување на терминот јавна набавка во набавката на хеликоптерите. Планот за јавни набавки не е променет за да се склучи договорот.
изјави Славјанка Петровска за „360 степени“
Понатаму, таа тврди дека не е точно дека првично била избрана понудата на друга компанија, а за обвинувањата за пропустите во постапката од страна на актуелниот министер, вели:
Жалам што министерот неподготвен седнал на интервју и со непознавањето се обидува да фрли дамка врз овој договор… Процедурата е целосно почитувана и крајната одлука е донесена на седница на Влада, на предлог на Министерството за одбрана, за што е поднесена писмена информација, во прилог со договорите и со компанијата и со италијанското министерство за одбрана. Има записници од одржаната седница на Влада и не се точни тврдењата на Мисајловски дека нема податоци. Самиот процес на склучување договор Влада со Влада е политичка одлука, преку која се гради партнерство и соработка со пријателски земји.

Во однос на забелешката на Мисајловски, дека има разлика од 37 милиони евра во цената меѓу понудата и потпишаниот договор, Петровска одговара:
Се што имаат испратено фирмите до нас се е разгледано и избрана е најповолната понуда, долгорочно гледано посебно во делот на одржување и резервни делови. Преку овој договор и потпишувањето на Договорот за воздухопловно патролирање на италијанските воздухопловни сили ја продлабочивме соработката со Република Италија, што геополитички е од интерес за Македонија, земајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваме. Посакувам Мисајловски да продолжи со склучување вакви корисни договори за нашата земја.
Предистраги и постапки
Поради сериозноста на последната изјава на министерот Владо Мисајловски, за конкретни сомнежи за текот на постапката, став побаравме од четири институции. Дали веќе работат на случајот – прашавме во Обвинителството, МВР, Финансиската полиција и Антикорупциска.

Добивме потврден одговор од Управата за финансиска полиција.
Од страна на Министерството за одбрана… доставено е Барање за поведување на постапка по склучен договор за набавка на хеликоптери. Согласно одредбите од член 46 и член 47 од Законот за кривична постапка, а во врска со претходно наведеното барање, во моментот Управата за финансиска полиција спроведува повеќе предистражни мерки и активности.
А потоа и од МВР и од ДКСК
Министерството за внатрешни работи, на 12.04.2025 година доби известување од Министерството за одбрана за сомненија за сторени злоупотреби при јавна набавка на хеликоптери од правното лице „ЛЕОНАРДО СПА” од Република Италија, по кое што се постапува и во тек се активности од кои понатаму ќе биде известено и надлежно Осново јавно обвинителство, за негово запознавање и понатамошно постапување.
ни одговорија од МВР.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на ДКСК, врз основа на објави во медиумите за неправилности во постапка за јавна набавка за набавка на хеликоптери за потребите на Министерството за одбрана.
ни одговорија од ДКСК.
Арбитража, раскинување или одиме понатаму
Што и да превземат или не превземат домашните институции нема да има никаква влијание на договорот со „Леонардо“. За него важи швајцарското право, па според актуелниот министер, земјата е исправена пред три опции.
„Една е да го продолжите како што е во оваа фаза и ништо не правите, не знаете колку скриени трошоци ќе излезат бидејќи во договорот има целосно фаворизирање кон италијанската компанија. Второ е да завршите на арбитража, што е најопасниот дел. И трето е да пробате да го почитувате договорот, но некои делови што не се прифатливи за армијата да ги менаџирате, да ги ревидирате. Компанијата која ни помага за целосно да излеземе, да речам од овие неправилности, ни даде и стимул како да го водиме целиот процес.“
Токму поради третата и посакувана опција Владата најмила адвокати.

360°: И сега Италијанците ви прифаќаат ли да репреговарате делови од договорот?
Мисајловски: Да, добивме дописи дека се сложни за сè што е пробематично и што би сакале ние да го разговараме со нив дека стојат на располагање, но ние сакаме… Еве директно да кажам дека исплативме втората рата по договорот бидејќи ние законски моравме да ја исплатиме.
360°: Дали добро меѓу редови прочитав дека во овие преговори со „Леонардо“ ќе се обидете да побарате да ги тргнат тие 30 и кусур милиони коишто во последна фаза се додадени на вкупната сума?
Мисајловски: Не, ние побаравме објаснување на цената и претходно пред да се потпише тоа е поради инфалција и итн, но тоа е сериозна сума на зголемување во време на избори без да се објасни детално зошто е качена таа сума. Државата има право да го прифати тоа, но многу е симптоматично зошто бидејќи не сте побарале и од другите компани да се дообјаснат зашто за некои се работи толку качени.
360°: Значи објаснувањето е инфалција?
Мисајловски: Во мал период за толку да се зголеми цената, треба тоа некој да го докаже дали е тоа.
360°: Во моментот договорот е важечки, вие втората рата сте ја исплатиле?
Мисајловски: Во моментот договорт е важечки и продолжуваме со имплементација на овој договор, но многу внимателно со секој еден чекор што го правиме, не го правиме сами, туку со адвокатската куќа направен е динамичен план за секоја рата што ќе побараме, кога ќе се прати македонската делегација таму, внимателно сè.
одговораше министерот Владо Мисајловски при гостувањето во „360 степени“
Првата рата за хеликоптерите беше 40, а втората 35 милиони евра што значи дека Владата досега има платено околу 75 милиони евра за хеликоптерите кои треба да почнат да пристигнуваат следната година.
Министерот вели секој чекор се прави внимателно, но додава и дека целта на Владата не е да се раскине договорот, туку да биде успешен.
А какви се леталата?

Ако биде успешен, војската ќе добие два модели на мултифункционални летала. AW169М е воен хеликоптер од средна големина со два мотора, кој може да пренесува до десет војници и да извршува различни мисии зависно од конфигурацијата. Го употребува италијанската, австриската и катарската војска. Го има и во цивилна верзија, за тренинг, како амбулантен хеликоптер и за други намени.

AW149 е воено пофокусиран и поголем хеликоптер, но и тој е мултифункционална машина. Може да превезува до 19 лесно вооружени војници и зависно од конфигурацијата, да извршува различни мисии. Го користат војските на Египет, Полска и Тајланд.
Најавите се дека новите вертикални летала, пет века по идејата на Леонардо, нема да се користат само за воени, туку и за цивилни цели – од спасувачки до мисии за борба против пожари.