Првиот социјалдемократ оценува дека 2024 година донела изневерени надежи за многумина
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, преку видеопорака, на граѓаните им ја честита Новата 2025 година нагласувајќи дека новата година е време на надеж и нови почетоци.
Според Филипче, 2024 година била година на предизвици за СДСМ во која одлучно завртеле нов лист. Изборниот пораз, потенцира лидерот на СДСМ, бил поттик да се сменат и да бидат подобри и подостапни.
„Денес, СДСМ е партија со нова енергија, со раководство кое е тука за да ги слушне вашите потреби и да понуди решенија“,
порачува Филипче во честитката.
Првиот социјалдемократ оценува дека 2024 година донела изневерени надежи за многумина.
„Наместо економски раст, стабилност и европска перспектива, од новата Влада видовме стагнација и блокади. Владата ги изневери граѓаните уште во првите шест месеци. Не успеа да донесе реформи, го срози стандардот на граѓаните и ги замрзна платите. По шест месеци се живее полошо дури од времето на економските кризи кои се сега далеку зад нас. Ова е последица на негрижата за граѓаните, за жал, добивме Влада која се грижи за интересите на малкумина од елитата, а ги заборава оние кои и ја дадоа довербата. Затоа, нашата задача е јасна – да бидеме силен глас на граѓаните, глас кој ќе се бори за правда, за економска стабилност и за подобар живот за сите нас“,
вели Филипче.
Тој во честитката додава дека ќе продолжат да бидат конструктивна опозиција која нуди решенија, а не само критики.
„Во 2025 година нè очекуваат важни предизвици, но и нови можности. Заедно мора да се подготвиме за редовниот избор на претседател на партијата, кој ќе донесе уште поголемо единство и сила во нашите редови. Подготвени сме за локалните избори, каде што ќе понудиме силни кандидати кои ќе работат за вистински промени на локално ниво. Ќе продолжиме да бидеме конструктивна опозиција која нуди решенија, а не само критики. Но најважно од сè – ќе останеме гласот на народот, гласот на надежта, на борбата за држава во која секој човек ќе се чувствува горд што живее овде. Додека ја испраќаме оваа година, сакам да ви се заблагодарам за вашата поддршка, за вашата верба во нас и во иднината на нашата земја. 2025 година нека биде година на победи, нови надежи и посветена работа за подобро утре. Среќна Нова година. Ви посакувам здравје, среќа и љубов во вашите домови. Заедно ќе изградиме држава во која сите ќе се гордееме што живееме. Нека надежта биде нашиот светилник, а вербата – нашата сила“,
наведува лидерот на СДСМ во новогодишната честитка до граѓаните.
