„Човек со две раце и само 24 часа во денот може да помогне само на одреден број на луѓе. Како пратеник, преку креирање на закони, реформи и унапредување на здравствениот систем може да се помогне на многу поголем број на пациенти“, вели носителот на пратеничката листа на ИЕ 4
Ексминистерот за здравство и носител на пратеничката листа во Изборната единица 4 на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, Венко Филипче денеска на почетокот на изборната кампања за претстојните парламентарни избори, на својот фејсбук-профил објави видео во кое тој одговара на прашањето зошто повторно се враќа во политиката, кога сите велат дека местото на докторите е во здравствениот систем и во операциона сала.
Смета дека како пратеник ќе може да помогне на поголем број луѓе, без разлика дали се тоа негови пациенти или негови колеги здравствени работници.
На видеото се гледа како Филипче додека одговара на прашањето, управува со автомобил.

Ексминистерот на почетокот на видеото вели дека секогаш ќе работи со пациенти и ќе оперира во операциона сала, како и дека тоа не престанал да го работи и кога бил министер за здравство.
„Тоа впрочем не престанав да го правам и кога бев министер за здравство, а нема да престанам да го правам и како пратеник“,
вели тој.
Според него, предноста е што како пратеник ќе може да помогне на многу поголем број на пациенти и на негови колеги здравствени работници.
„Човек со две раце и само 24 часа во денот може да помогне само на одреден број на луѓе. Како пратеник, преку креирање на закони, реформи и унапредување на здравствениот систем може да се помогне на многу поголем број на пациенти“,
рече носителот на пратеничката листа во ИЕ 4.
Така, како што вели, неговата основна цел ќе добие национални димензии.
„А, јас, секогаш и со истата жар, ќе работам со пациенти и во операциона сала“,
рече Филипче.
Неодамна во интервју за „360 степени“ на прашањето како стигнал да биде носител во ИЕ 4, Филипче рече дека иако не е дел од раководството на партијата, ниту е владин функционер, себеси се смета за отворен човек што сака да им помага на луѓето, како и дека за него е голема чест да ја претставува партијата на претстојните парламентарни избори.
„Едноставно, сакам и сум подготвен да пружам помош каде било и кога било и на кого било, кому е потребно, секако, најмногу во делот на мојата струка, понатаму во останатите сегменти на здравството, а и во другите сегменти каде што можам. Сметам дека тој систем на комуникација, еве, очигледно, луѓето го вреднуваат или го памтат од претходно, што мислам дека е одличен сигнал. Сметам дека и кандидат за пратеничка функција и понатаму пратеник, треба да ги има токму тие одлики“,
одговори Филипче на прашањето како стигна да биде носител во Изборна единица 4.
Целото видео може да го погледнете на следниот линк.