Четиричлено семејство од Скопје сака да гради иднина во Австралија. За побрзо иселување, членовите на семејството наоѓаат посредник, кој им ветува експресно добивање на неопходните визи за непречен пат до ветената земја. Тој им гарантира комплетна документација за само шест месеци, а за возврат наплаќа вкупна сума од 8 500 евра. А потоа – ем визите никако да стигнат ем парите никој не ги враќа.
Ваква вест неретко може да се прочита во полициските билтени. Но, тоа што привидно изгледа како наивност за читателот, всушност, е драма за измамениот.
„Откако му се исплатени овие средства, тој веќе почнува да губи секаков контакт со моите странки и имал изговори дека паднал од дрво, дека дедо му починал, дека детето му е болно и нонстоп се случуваат такви работи. Дури оди дотаму што кога се обидуваат да стапат во контакт и кога ќе имаат некој контакт, им кажувал дека во Белград имаат закажано лекарски прегледи, дека точно во колку часот, кој доктор ќе ги прими, а ништо од тоа не е вистина. Значи, луѓето се изложуваат на трошоци, патуваат во Белград, со цел на крај да бидат излажани и изманипулирани во целост. И веќе тука сфаќаат дека тоа што се договориле со осомничениот нема никаква врска и дека се работи за класична измама“,
вели Весна Тренкоска, адвокатка на оштетеното семејство.

Членовите на семејството добиле и наводен токен и документи налик на визи. Откако сфатиле дека се измамени, во 2018 година поднеле кривична пријава против посредникот со иницијали Д.М., кој е од Прилеп, за што тамошното Основното јавно обвинителство покренува и обвинение. Но, голготата продолжува. Оштетените велат дека судските рочишта постојано се одложуваат. Меѓу причините за застој во постапката е и операција на обвинетиот во Турција, за што тие лично се обиделе да ја проверат веродостојноста, преку граничната полиција и директно во турската болница.
„Сè уште немаме одговор, а од гранична полиција имаме известување дека тоа само Судот може да го побара и тоа навистина е така. И со тоа писмено известување се обративме и до Судот со цел да направиме напор за тој да постапи, односно да ја поттурне работата, бидејќи од нивна страна, за жал, ништо не се презема. Јас побарав и изрекување мерки за претпазливост, иако согласно Законот за кривична постапка по таков предлог може Обвинителство да постапи, но бидејќи Обвинителството не се ни појавува на расправи ниту, пак, поставува ваков предлог, се обратив до Судот, тој нѐ одби. Се обратив и до Обвинителството за таков предлог да пушти до Судот. За тоа немам информација дали е направено, но со оглед дека не се изречени мерки за претпазливост, сметам дека такво нешто не е направено. И сега, во текот на февруари, имаме наредна расправа и ќе видиме што ќе биде следно, кој ќе биде основот за одлагање, бидејќи сето она што досега се случува е неоправдано одложување на постапката“,
тврди Тренкоска.
Така, семејството измамено пред четири години е и без визи и без пари. Наместо живот во Австралија, главна преокупација им е побрза судска разрешница.
„За доброто на сите и за во иднина да не се сторуваат вакви работи кон други граѓани на нашата држава, треба да се санкционира и да се казни согласно закон, бидејќи не се работи само за пари, се работи и за стрес, за планови кои не се реализирани на семејства, значи една повисока димензија. Не се работи само за пари и покрај тоа што во нашиот конкретен случај е позначителна сума за која се оштетени моите странки“,
додава адвокатката.
Што се однесува до посредникот, тој е обвинет за делото измама со сторена штета од поголема вредност, за што е предвидена казна од три месеци до пет години затвор. Од Обвинителството за „360 степени“ објаснија зошто се одложувани сите рочиштата и велат дека не чувствуваат вина за ниту едно одложување. Барале и присилно доведување на обвинетиот на главна расправа, што не е извршено поради операцијата, но посочуваат дека и оштетените не биле редовни на судењата.
„За сите одложени главни расправи постоеја објективни (отсуство на оштетените, промена на адреса на живеење на обвинетиот по поднесеното обвинение, неуредна достава на новата адреса на обвинетиот, болест на обвинетиот, оперативен зафат на обвинетиот), а од страна на Судот и Обвинителството се преземени сите дејствија кои им стојат на располагање, а со цел да се обезбеди присуството на обвинетиот за отпочнување и завршување на главната расправа и донесување соодветна судска одлука“,
ни одговорија од Обвинителството.

Од Обвинителството имаат и разбирање што Судот не закажува почести рочишта.
„Со оглед на актуелната состојба со пандемијата на ковид-19 во Основниот суд Прилеп се редуцирани судењата, поради што од страна на судечкиот судија главните расправи се закажувани на подолго временско растојание.“

Се обративме и до Основниот суд во Прилеп за да прашаме за динамиката на рочиштата, но до емитувањето на оваа сторија оттаму не стигна одговор. Зборувавме и со обвинетиот посредник. Тој неколкупати ни побара да не се емитува оваа сторија, но не ни одговори зошто зел 8 500 евра за посредување за визи, а не го исполнил ветеното ниту, пак, зошто не се појавува на рочиштата.
Апсурдно или не, додека измамените емигранти за Австралија со години тераат правна битка, истиот човек е пријавен од друго семејство. Во август 2020 година полицијата соопшти дека ветувал визи за САД, земал пари и откако ги извисил клиентите, заработил кривична пријава.

Колку граѓани се измамени на ист начин во Македонија? Обвинителството не ни одговори колку постапки се отворени за вакви дела, иако е јавна тајна дека многумина се обидуваат што побрзо да заминат од земјава. Постојат повеќе видови виза, како иселеничка, работна, туристичка, а цената и периодот до кога би се добила варира во зависност од тоа за која потреба се бара и која е посакуваната дестинација. Аплицирањето за визи за Австралија може да се направи самостојно – онлајн или во Амбасадата во Белград, Србија, оти кај нас земјата има само конзуларно претставништво. Нема ништо спорно ако се ангажира и посредник, но експертите во областа порачуваат дека изборот треба да се прави внимателно.
„Ако некој ветува сто проценти, тоа е тотална измама, значи не може никој да ја вети визата предвреме, бидејќи таа ја одобрува Министерството за емиграција на Австралија, а не некој што посредува“,
вели Дејан Трајковски, агент за миграции.

Трајковски е регистриран агент за иселеништво, кој посредува за визи исклучиво за Австралија. Тој сподели неколку совети како луѓето полесно да препознаат измама.
„Јас би препорачал, прво, било кој што сака да аплицира за виза, сега конкретно кај мене е за Австралија, е да провери дали таа личност е регистрирана во Комората на агенти во Австралија, бидејќи, ако не е регистриран, нема одговорност, еве, најбитно е тоа. Од аспект, еве да кажеме, на процесот, ако не им се веродостојни тие информации или документи, можат во секој момент да се обратат во Министерството за емиграција или до најблиската амбасада и да ги проверат тие информации дали се точно како што им ветуваат тие што им помагаат“,
апелира тој.
Австралија е традиционално „ветена земја“ за Македонците. Интересот за иселување и сега е голем, но за заминувањето да не се претвори во замајување, потребно е и да не се верува секому.