Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање, вели евроамбасадорот Дејвид Гир
Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува, вели Гир за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум против договорот со Бугарија
Европската Унија не гледа со наклонетост на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот со Бугарија. Евроамбасадорот Дејвид Гир, во интервју за „360 степени“, вели дека „добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, треба да се имплементираат во добар дух од сите“.
„Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува“, вели Гир. Во првото интервју дадено по завршување на летните одмори и во пресрет на забрзување на скрининг-процесот, амбасадорот на ЕУ зборува за потребата од запазување на моментот со јулското отворање на преговорите, од обединување на сите домашни сили и фокусирање на заедничката цел – зачленување на ЕУ што е можно поскоро.
360°: Амбасадоре, скрининг процесот како прва фаза од пристапните преговори почнува во наредните денови. Дали има појасна слика што значи овој процес во однос на временска рамка и исход?
Амбасадор Дејвид Гир: „Владимир, ти благодарам за оваа можноста да разговараме. Ајде малку да се вратиме назад и да видиме што, всушност, значат пристапните преговори. Како што знаете, за да и се приклучи на ЕУ, оваа земја ќе мора да помине низ сложени реформи – од земјоделство до трговија, економија, работни места, владеење на правото, борба против корупцијата… Сето тоа се прави за да се осигури дека кога ќе и се приклучите на Унијата граѓаните ќе ги имаат истите придобивки што веќе ги имаат граѓаните на ЕУ, но и за да осигури дека ќе можете еднакво да се натпреварувате во самата ЕУ, како на пример, на единствениот пазар од 450 милиони жители. Значи, станува збор за сложен процес. Каде сме сега? На 19 јули ги отворивме преговорите, наредниот ден во Брисел беше инициран скрининг-процесот. Оттогаш Владата го состави преговарачкиот тим, а во Брисел разговорите меѓу земјите членки се префрлија во работна група што е специјализирана за пристапни преговори. Поточно, оваа група идните денови ќе дојде овде за да се сретне со сите соговорници. А, на 15 септември во Брисел ќе почне деталниот скрининг-процес. Она што го гледате е момент на почеток. Што е скринингот, бидејќи тоа е процесот, како што рековте во вашето прашање. Скринингот е дизајниран внимателно да ги разгледа сите закони и практики што постојат во ЕУ и да утврди што треба да се направи за земјата да ги исполни тие барани стандарди – да се осигури дека законите се донесени, имплементирани и спроведени, токму поради причините што ги кажав. Овој процес е во тек, ќе почнеме да ги гледаме деталите и првите прашања што ќе бидат отворени, зашто како што знаете, во преговарачкиот процес прашањата се групирани во теми или, како што ги нарекуваме, кластери, а првиот ќе биде т.н. „Темели“ што значи владеење на право, борба против корупција, реформа на јавната администрација и менаџирање на јавните финасии. Овој процес сега се засилува и се движи напред.“

360°: А што е со временската рамка?
Амбасадор Дејвид Гир: „Да, за временската рамка, тешко е да се каже зашто зависи од тоа колкав е напорот што се вложува, но зборуваме за период поголем од една година за скрининг-процесот.“
Уставни измени и ВМРО-ДПМНЕ
360°: Преговорите за пристапување започнаа, но за финализирање на т.н. „фаза на отворање“ потребно е да се завршат уставни измени за да се вклучат Бугарите. Од ваша и од перспектива на ЕУ, колку е изводливо ова имајќи ги предвид бројките во Собранието и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ?
Амбасадор Дејвид Гир: „Прво, прашањето за уставни измени е суверена одлука што треба да ја донесе самата држава. Земјата веќе има добро досие за меѓуетнички односи, некои го сметаат за модел, така што, уставни измени дополнително би го засилило она што сте го направиле дсоега. Но, мислам дека повторно треба да се вратиме чекор назад и да се запрашаме – која е стратешката цел што земјата се обидува да ја исполни? Знаеме дека ова доаѓа од речиси целиот политички спектар – целта е пристапување кон ЕУ што е можно побрзо. И како што реков, тоа бара огромно инвестирање и вклученост. Ако тоа е стратешката цел и ако, како што рековте, за понатаму да се продолжи треба да се завршат уставни измени, а таква преземена обврска веќе постои, тогаш некој треба да се запраша – која е предноста да се продолжи по овој пат, дали тоа навистина ја унапредува агендата за ЕУ-интеграција? Се сеќавам дека кога за прашањето за уставни измени се разговараше првпат, а тоа беше минатата година, тогаш немаше противење низ политичкиот спектар, беше доста тивко за ова конкретно прашање.“
360°: ВМРО-ДПМНЕ не е само против уставни измени, туку иницира и референдумска постапка против Договорот за добрососедство со Бугарија. Каков е вашиот став за овој најнов развој на настаните? Опозицијата тврди дека овој договор е „основа на бугарските националистички барања и извор на сите проблеми за Македонија“?
Амбасадор Дејвид Гир: „Да се вратиме на стратешката цел на земјата да се зачлени во ЕУ што е можно побрзо. За тоа да се случи ќе бидат потребни огромни напори – целата влада, целата администрација, парламентот вклучувајќи ја и опозицијата, граѓанското општество, бизнис заедницата, граѓаните, сите ќе треба да се вклучат во овој процес. Зошто? Зашто станува збор за подобрување на животниот стандард, за создавање работни места, за спречување на „крварењето“ – заминувањето на младите од земјата, за борба против корупцијата, за зајакнување на државата, на нејзините демократски ингеренции, нејзиното владеење на право… Ова се практични прашања што ќе донесат вистинска корист. Би рекол дека е важно фокусот да биде на овој пристапен процес зашто патот е отворен и зависи од земјата – да испорача на планот на реформи. За прашањето за добрососедски односи – да, сосема сте во право. Добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, мора да се имплементираат во добар дух од сите. Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува. Затоа, да се фокусираме на клучното прашање, а тоа е самиот пристапен процес.“
Зошто се уште се чека на договор со Фронтекс
360°: Да се вратиме на теренот на ЕУ. Зошто договорот за Фронтекс, кој треба да биде преведен на македонски јазик, сè уште не е потпишан? Бугарија прифати да ги отстрани своите приговори по усвојувањето на заклучоците од Советот за општи работи.
Амбасадор Дејвид Гир: „Фронтекс е гранична и крајбрежна агенција на ЕУ… Сосема сте во право, веќе извесен период нема напредок со договорот со кој се воспоставува присуство на Фронтекс во земјата и тоа поради несогласувањата со именувањето на македонскиот јазик. Повторно сте во право дека по постигнувањето на договорот со кој во јули се овозможи отворање на пристапните преговори, тој проблем е надминат. Всушност, нема одложување, во текот на летото продолжија техничките преговори и многу сме посветени на тоа договорот да се одобри и потпише што е можно побрзо. Кога договорот ќе биде објавен, тој ќе биде објавен на сите 24 јазици на ЕУ, вклучувајќи го и македонскиот јазик и сите верзии ќе бидат еднакво валидни.“
Ќе има ли ЕУ помош за енергетската криза
360°: Пред две седмици лидерите на „Отворен Балкан“ побараа помош од ЕУ за надминување на енергетската криза. Дали е реално да се очекува ваква помош од ЕУ за Западен Балкан?
Амбасадор Дејвид Гир: „Граѓаните во Северна Македонија и граѓаните во ЕУ минуваат низ слична ситуација во која има драматично поскапување на цените на енергенсите, а со тоа поскапуваат и основните трошоци за живот. Така што, во оваа состојба треба да сме заедно. Ние со години во енергетскиот сектор обезбедувавме сериозна поддршка на Северна Македонија, а не е помала ниту поддршката за најсериозниот предизвик на нашето време – справувањето со климатските промени, во транзицијата кон зелена енергија. На пример, поддржувавме обновливи извори на енергија од сонце и ветер. Во моментот обезбедуваме поддршка за енергетска ефикасност на јавни згради низ многу градови во државата, а даваме поддршка и за прашања како што е гасот како транзиција преку гасни конектори низ Србија и Косово. Ова е поддршка што е во тек. Но, вие зборувате за непосредната загриженост. Во ЕУ се водат интензивни разговори, дури и денеска, петок, министрите за енергетика разговараат за тоа како да се продолжи и ќе биде важно решенијата развиени за ЕУ да се спојат со решенијата за овде. Затоа, кога Европската комисија ја креираше, ја предложи заедничката енергетска платформа, која е создадена да ги собере земјите членки со можности за заедничко купување гас, водород, координирање на инфраструктурата, заедничко работење, веднаш беше кажано дека Северна Македонија треба да биде дел од тоа. Затоа, мислам дека е важно да одиме напред, во рамките на ЕУ да бараме решенија и како да се справиме со овие прашања, и притоа да разговараме и заедно да работиме.“
Како Брисел ќе го поправа нарушениот имиџ на ЕУ во С Македонија
360°: ЕУ инвестираше значителни фондови за поддршка на развојот на земјата, но се чини дека тоа не е многу познато и препознаено од значителен дел од граѓаните. Како планирате да го обновите имиџот на ЕУ во Северна Македонија кој беше дополнително начнат со политичките и реакциите на јавноста за францускиот предлог?
Амбасадор Дејвид Гир: „Во изминатите 20 години обезбедивме многу значајна поддршка за земјата. Таа изнесува околу две милијарди евра. Ве предизвикувам да одите во кој било дел од земјава и притоа да не најдете знаци на сериозна поддршка од ЕУ, независно дали станува збор за земјоделство, водоснабдување, животна средина, образование, владеење на право… За ова може многу да зборуваме. Имаме доста материјал што покажува дека има значајно разбирање дека ЕУ е далеку најголемиот донатор на земјава, но, исто така, секогаш може да бидеме многу подобри. Се согласувам со вас дека репутацијата на ЕУ беше оштетена како резултат на одложувањата на почетокот на пристапните преговори. Јас и моите колеги, а и дел од моите колеги амбасадори на земји членки на ЕУ, им пристапувавме на граѓани од сите делови на земјата за да разговараме за нивните впечатоци, за нивните чувства и притоа слушавме, а тоа е важен дел. Пораката што ја добиваме е дека на луѓето им треба уверување дека овој процес на пристапување се движи напред и дека земјата се движи во вистинската насока, уверување дека во пристапниот процес земјата ќе се вреднува според постигнувањата во реформите, а не според други фактори. Уверувања и дека ако земјата не напредува во делот на реформите или ако има назадување, ние во ЕУ, како и други, сме подготвени да зборуваме за тие прашања. Така што, ние на тоа многу ќе се фокусираме. Како што веќе реков, сега создаваме момент и покрај многу тешките околности во кои живееме – пандемијата на ковид се уште не е целосно помината, војната во Украина, растот на цените на живеење, и покрај сите овие тешкотии, мислам дека има основа за оптимизам зашто во јули, конечно, успеавме да ги отвориме преговорите, земјата е на патот за пристапување во ЕУ. Она што сега треба да го видиме е сите да се обединат, да се обидат да ги залечат поделбите, заедно да работат и да се фокусираат на овој национален проект – зачленување во ЕУ што е можно побрзо.“