Телевизија 21, која објави и видеоснимки од местото на настанот, пренесува дека од падот на дрвото е повредена жена. Центарот за управување со кризи (ЦУК) подоцна ја потврди информацијата и објави дека до нив е стигната пријава за повредена жена по пад на дрво на булеварот „Свети Климент Охридски“ во Скопје
Паднато дрво на булеварот „Свети Климент Охридски“ во Скопје го блокира сообраќајот во делот кај Европскиот факултет. Дрвото паднало по силниот ветер што попладнево зафати делови од Скопската Котлина.
На терен интервенирала и екипа на скопската противпожарна бригада. Пожарникарите првично се упатиле на интервенција во други делови од градот каде што биле пријавени паднати дрвја, но попатно интервенирале на оваа локација, информира за „360 степени“, Звонко Томески, командирот на скопската противпожарна бригада.
„Интервенирано е од наша страна, дрвото е исечено за да може да се ослободи сообраќајот“,
информира Томески за „360 степени“.
Телевизија 21, која објави и видеоснимки од местото на настанот, пренесува дека од падот на дрвото е повредена жена. На едно од видеата кои ги објави телевизијата, освен противпожарно, има и возило на Итната медицинска помош кое со медицинска носилка се упатува во правец кон паднатото дрво.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) подоцна потврди дека е добиена пријава за паднато дрво врз жена на булеварот „Свети Климент Охридски“. Жената, како што пренесува ТВ 21, е пренесена во Клиничкиот центар.