Мислам дека целата постапка е остварлива во период од две години. Тоа значи дека до крајот на 2024 година во вашите раце може да имате целосно функционална електронска лична карта, вели Раул Каидро, експерт во областа на дигитален идентитет од Естонија, основач и извршен директор на компанијата „Раул Волтер“
Дигитализацијата е една од работите што ќе ја отежне корупцијата, рече Каидро во гостувањето во „360 степени“
Најавите за воведување електронска лична карта за граѓаните на земјава оваа седмица добија нова динамика. Тимот од Естонскиот центар за меѓународен развој, кој и помага на Владата во областите на дигитализација и е-управување, имаше прва средба со членовите на Националниот совет за дигитална трансформација, на која една од темите била токму воведувањето електронска лична карта. Естонија е лидер во дигитализација на услугите во светски рамки, а Раул Каидро е еден од водечките естонски експерти во оваа област. Тој, заедно со вицепремиерката Славица Грковска, беше гостин во емисијата „360 степени“.
360°: Имајќи го предид искуството од досегашните посети и средби во Северна Македонија, колку граѓаните на оваа земја се блиску или далеку од тоа во рацете да држат електронска лична карта?
Раул Каидро: „Добровечер, ви благодарам што ме поканивте. Всушност, кога размислувате за остатокот на светот, вие имате добра предност споредено со повеќето земји затоа што, уште од времето на Југославија, е воспоставен национален код на идентификација – единствен матичен број, оној што се доделува по самото раѓање и останува и по смртта. Оттука, сметам дека основната, првата компонента, која е најтешка за имплементирање, веќе ја имате. Затоа, сметам дека во моментот сте во најдобрата можна позиција на која сте веќе подолго време. Мислам дека сега е време тоа да се искористи и да се претвори во соодветна електронска употреба.“

360°: Од ваше искуство, колку време ќе биде потребно од оваа фаза во која сега е Северна Македонија до функционално решение на постоење електронска лична карта?
Раул Каидро: „Технички, вашиот договорот за тендер за лична карта е веќе истечен и треба да има нов. Верувам дека самиот тендерски процес може да се спроведе за половина година, тука се преговорите околу договорот со потенцијалните добавувачи… Мислам дека се, целата постапка, е остварлива во период од две години. Тоа значи дека до крајот на 2024 година во вашите раце може да имате целосно функционална електронска лична карта. Не сметам дека овие лични карти одеднаш би се поделиле на сите граѓани, но дотогаш првите лични карти со електронска функционалност би биле издадени.“
360°: Дали гледате јасна политичка волја кај владата во Скопје за спроведување на оваа радикална промена?
Раул Каидро: „Да, гледам и тоа ме радува. Барав земја што има таков политички нагон за дигитализација кој ќе води кон некаква практична имплеметација. Значи, не само да се создаваат хартии, анализи и проценки, туку овде може да видиме силна политичка поддршка и волја на највисоко ниво, се до премиерот, за дигитализација и за подобрување на нештата за секој граѓанин на Северна Македонија. Навистина се радувам на тоа и сум нетрпелив да дадам се што можам за доброто на сите.“

360°: Ќе ве прашам како граѓанин на Естонија – дали може да ни кажете каде се и колку често ја користите вашата електронска лична карта?
Раул Каидро: „Тоа е малку комплицирано прашање. Како обичен граѓанин јас многу не „зборувам“ со владата. Обично, граѓанинот два пати во годината „зборува“ со владата. Но, истовремено има огромен број приватни сервиси што ја користат истата идентификација и методи на дигитален потпис. На пример, јас се идентификувам кај банката секој ден, сигурно повеќе од еднаш во денот… Како претприемач ги средувам даноците, поднесувам извештаи, безмалку секој договор во Естонија е дигитално потпишан. Има и една смешна приказна повразана со ова. Ако некој во Естонија ми пристапи со документ што не е дигитално потпишан и би сакал да го потпишам на хартија, тогаш тоа навестува дека веројатно нешто не е во ред со тој договор – или би сакале да се промени содржината или… Како и да е, мора нешто да не е во ред со тој договор. Ваквата зависност од електронската лична карта, од квалитетот, од сигурноста е толку висока што ние и веруваме и ја користиме повеќе од еднаш во текот на денот, најверојатно неколку пати во денот.“
360°: Во Естонија и гласате дигитално?
Раул Каидро: „Да, така е. Тоа е еднa од т.н. „убиствено добри апликации“ (killer apps)… Имаме две специфични операции – првата е поднесување даночна пријава, нешто што секоја година го прави секој граѓанин и која мора да биде автентицирана и дигитално потпишана користејќи ја електронската лична карта и втората апликација се изборите. Двете апликации имаа огромен број корисници и тој број се зголемува. Логично е. Интересен факт е дека просечната старост на гласачите во Естонија при електронското гласање е 64 години. Тоа доаѓа од фактот дека постарите граѓани повеќе си го вреднуваат времето и не сакаат да си го трошат со одење на гласачките места. А помладите, кои никогаш не виделе гласачко место, би сакале да одат за непосредно да го видат гласањето и таму да гласаат. Многу е нормално и вообичаено за секоја возрасна група да ја користи електронската лична карта во речиси секоја прилика што бара автентификација и дигитално потпишување.“
360°: Дали е ова, исто така, вредна алатка во борбата против корупцијата?
Раул Каидро: „Апсолутно. Дигитализацијата во целост е една од работите што ќе ја отежне корупцујата, некои примери ги наведов претходно – дигитално потпишани документи нема начин како да се фалсификуваат, нема начин за антидатирање. Од друга страна, со дигитализацијата нема потреба од друг вид државни сертификати, како извод на родени кој, колку што знам, кај вас има важност од само 6 месеци. Овој документ сигурно ви треба повеќе од еднаш во годината. Ваков тип на документи престанаа да постојат. Вакви бизнис модели, „машини за правење пари“ престанаа да постојат и верувам дека дефинитвно корупцијата се отежнува, но како и животот, корупцијата секогаш наоѓа начин да продолжи. Од друга страна, мислам дека е потешко тоа да се случи поради овозможувањето на тие безбедносни механизми преку процесот на дигитализација, преку барањата за автентификација, преку дигиталното потпишување на секоја трансакција. Кога зборуваме за различни регистри, различни сетови на податоци, различни операции и употреба во ваков систем на е-управување веќе не е можна промена на податоците, не е можно од ништо да се создаде универзитетска диплома – мора да има име зад тоа, секогаш ќе има некаков доказ за проверка дали тие податоци биле присутни и порано и дали се основа за таа конкретна операција. Верувам дека е многу тешко за водење корупциски операции по спроведување на целосна дигитализација во земјата. Да, тоа ќе биде многу добра и ефикасна алатка во борбата против корупцијата.“