Објаснувајќи ја оваа владина одлука, министерот за економија Крешник Бектеши наведе неколку примери на извоз на овие производи од земјава од страна на некои трговци и производители со цел да обезбедат профит
Со оваа мерка ќе се заштити стандардот на граѓаните и домашниот пазар
Од вчера па во следните 10 дена, до 20 март на сила е времена мерка за ограничување на извоз на пченица, пченка, јачмен, брашно од пченица, семки од сончоглед и масла од сончоглед.
Министерот за економија Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција, објаснувајќи ја оваа одлука на Владата, рече дека е донесена за заштита на животниот стандард на граѓаните и домашниот пазар бидејќи, како што рече, живееме во една од најголемите економски кризи.

„За избегнување шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните Министерството за економија во согласност со Законот за трговија предложи да се ограничи извозот на одредени производи“,
рече Бектеши.
Тој тоа го објасни и преку конкретни примери – од почетокот на кризата од нашата држава се извезени: 416 тони масло, 700 тони пченица, 166 тони брашно…
Бектеши апелира до трговците и до производителите прво да се грижат за домашниот пазар, а потоа за извоз.
„Одлуката се носи превентивно за да не настанат поголеми нарушувања на пазарот. Целта на мерката е заштита на домашниот пазар и на граѓаните. Во услови на постпандемија кога се соочуваме со најголемата економска криза во поново време, граѓаните треба да знаат дека Владата е посветена на намалување на негативните последици“,
потенцира Бектеши.
Тој апелира до сите економски чинители дека сега е вистинско време да се покаже разбирање и да се придонесе за намалување на негативните последици од кризата.
Мерката е времена и трае 10 дена затоа што како што рече Бектеши е дека имаат динамичен план со Стопанската комора за увоз на овие производи.
Бектеши апелираше и до граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации и да не прават резерви од производи бидејќи во државата има доволно од овие производи, а има доволно и во стоковите резерви.
Во врска со информациите дека вчера во некои маркети немало сончогледово масло, Бектеши рече дека такво нешто се случувало во една соседна земја, но не кај нас и објасни дека кај нас маслото од сончоглед има најниска цена во регионот и дека со намалувањето на ДДВ тоа дополнително ќе поевтини.
Исто така, Државниот пазарен инспекторат, заедно со финансиската полиција и УЈП секојдневно се на терен и се очекува нивниот извештај за увидот.
Тој ги посочи и владините мерки кои беа донесени пред два дена и изрази очекување дека пратениците денеска ќе ги усвојат законските измени на ДДВ и акцизите за да можат тие мерки да се спроведат.