На Водно на диво се градат два идентични објекта. Општински инспектори им ставиле жолти ленти, но сопствениците ги отстраниле и продолжиле со градењето. На Пластичарска, пак, Општина Центар договорила рушење на дивоградба, но полицијата откажала асистенција во последен момент. Одговори за ваквото урбано дивеење во најцентралната скопска општина бараме од градоначалникот Горан Герасимовски. Погледнете го видеото
Словенска патека или патеката од кај полицијата е една од опциите за оние што рекреираат на Водно.
„Многу, многу го сакам Водно, секој слободен момент го користам за да дојдам на Водно“,
„За здрав живот, за рекреација, спорт, премногу. Уште овој дел да го окупираат, стварно ќе немаме чист воздух“,
коментираат пешаците кои ги затекнавме по патеката.
Рутата води покрај Швајцарската резиденција и Шестата управа на МВР. Иако е тесна, на почетокот се пробиваат и возила.
„Лошо, катастрофа, не се проаѓа, камиони на секој чекор долу има“,
ни кажа друг планинар.
Камионите вртат еден по друг, а товарниот дел им е покриен со церада. Снимките од дрон покажуваат каде итаат и што носат. На парцели блиску до земјениот пат, во напредна фаза е градба на два идентични објекта. Парцелите се надвор од деталниот урбанистички план на Општина Центар и од генералниот план за цело Скопје.
Иако се надвор одурбанизиран градежен реон, постојат правила на игра за тоа какви градби може да никнат, но во овој случај, ниту некој побарал ниту, пак, добил дозвола за градба.
„Нашите инспектори благовремено по доставената пријава излегоа на терен, беа ставени жолти ленти, но дел од сопствениците ги отстрануваат и продолжуваат со градбите. Насоката е дека истите мора да прекинат и да се отстранат“,
вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски за „360 степени“.
Месноста се вика Шербетница, а според податоците од Катастарот станува збор главно за земјиште од категорија лозја. Сите се во приватна сопственост. Двата објекта се најнови, но не и единствени. Снимките од „Гугл“ покажуваат дека овде и пред десет години постоеле градби, но и дека во последниов период се множат.
„360°: Се познавате ли со луѓето што градат?
Мал е градот, сите ги знаеме, дури не само горе што градат, туку знаеме луѓе и на други места. Од наша страна е дадена насока дека тоа е кривично дело и дека мора да се престане со дивоградбата поради тоа што гледаме дека некои реагираат некои не реагираат, ние ќе го почитуваме законот и ќе постапуваме по истиот“,
дециден е градоначалникот.
Иако градбите се на Водно, тие не влегуваат во заштитениот појас на планината. Некој што сака да гради, мора да поднесе иницијатива до Општината, па ако таа се прифати, да се изоди целиот административен пат пред да почне градбата. На дел од парцелите има имотни листови за викендички или останати помошни објекти.
„360°: Освен овие две, веќе напоменав, неколку куќи има веќе таму, за тие постапено е?
Има повеќе решенија за рушење уште од минатата година.
360°: Па зошто не се руши?
Зашто средствата на општината не се доволни“,
вели Герасимовски.
Дополнително, Општината има намера на седница на Советот да предложи сè што е надвор од ГУП-от да не може да се разработува со проект надвор од урбанистички план.
И додека се бараат средства за рушење на Водно, пари за таква намена веќе се издвоени за легендарната дивоградба на Пластичарска, позната во јавноста уште од 2016 година. Според написи во медиуми, тогашниот градоначалник Андреј Жерновски прво го затворил градилиштето во почетна фаза, а следната година, откако напреднало и го срушил. Лани, случајот се реактуализира, кога и Герасимовски го затвора градилиштето, сега во уште поголем габарит и дава рок инвеститорот да го урне.
Но, наместо на уривање, на терен мајстори вредно работат на доградување на зданието за кое нема никаква градежна дозвола.
Во мини јaвна набавка Герасимовски нашол и механизација за уривање.
„Беше и договорена акција за отстранување на објектот, но, поради многубројните пријави, така ни стигна допис од страна на Министерството за внатрешни работи во делот на бомби во училиштата и недоволен број на полициски службеници истата беше стопирана. Повторно од моја страна, по извесен период, пред неколку дена е доставено повторно барање за асистенција од страна на МВР за да заедно да излеземе од терен и почнеме со отстранување на тие диви објекти“,
вели градоначалникот.
Од кусиот одговор што го добивме од полицијата треба да се заклучи дека овој пат Герасимовски би требало да добие поддршка.
„Ве известуваме дека во СВР Скопје има доставено барање и по однос на истото ќе дадеме асистенција“,
ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.
Уривањето е скапо, а во случаи кога инвеститорот е непознат, како на Пластичарска, трошокот паѓа на товар на Општината. Враќање на просторот во првобитна состојба, пак, значи уште поголем трошок. Сепак, Герасимовски е дециден дека на Пластичарска ќе се случи уривање. За Водно, се бараат пари.
„Ние во план програма во делот за рушење има мислам околу 9 милиони денари предвидено. Увидувајќи ги големите трошоци кои ќе ги имаме со овие две дивоградби, договорено е да се направи што побрзо во текот на следниот месец ребаланс, каде што ќе се дополнат средствата за таа намена за да може да се постапува и за отстранување и на овие објекти“,
вели Герасимовски.
Центар е атрактивна општина, а инспекторите ловат и доградби, надградби и продолжени тераси. Пред два месеца беше отстранет нелегален бутик на улица „Македонија“. Герасимовски вели дека оние што градат на диво, особено погабаритни зданија се охрабрени во исчекување на легализација. Тој смета дека е дојдено време наместо за уривање, да се размислува и за опцијата – конфискување.
„Ние како општина ќе побараме, ќе почнеме иницијатива, истата ќе ја доставиме до ЗЕЛС, а тоа е измена на членови од Законот со цел да имаме можност за конфискација, поради тоа што, прво нема да се прават трошоци, а самите објекти би ги користела или општината или државата за одредени намени“,
вели првиот човек на Општина Центар.
Освен впечатокот за безредие и сомнежот за трговија со влијанија, пробивањето градби во белите дробови на Скопје се чини особено проблематично. Прашање на време е кој побрзо ќе стави крај на градежните апетити – надлежните или природата?
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: