Остатоците од објектот кај трговскиот центар „Мавровка“, кој во последниве месеци беше „трн во око“ за голем дел од јавноста, сега ги отстранува инвеститорот. За уривањето, пак, имаше владина асистенција. Но, уште колку други вакви примери чекаат на ред?

Класичен регистар на дивоградби, со локација и вид на градба, не е достапен за јавноста. Најдоброто од тоа што се нуди е прегледот на Државниот завод за статистика, кој евидентира колку нови дивоградби никнале и во кои општини.
Само лани имало 866 нови, но и тој податок треба да се земе со резерва бидејќи е изработен според информации испратени од општините.
И додека лесно никнуваат, ретки се примерите кога јавноста е сведок на уривање дивоградби. Зошто – се обидовме да дознаеме низ три примери кои со години се познати за јавноста.
„Секогаш се создава таква клима во Македонија и имиџот на Чаир е дека само тука има дивоградби, што не е вистина“,
вели градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.
Колку спорни објекти има на територија на Чаир, градоначалникот Висар Ганиу не прецизира во бројки, но уверува дека активно се работи на терен.

„Ние после објектот во ‘Мавровка’ срушивме уште две тераси и балкон, и треба да бидеме реални дека во Општина Чаир се гради, но ги немаме потполно сите ингеренции.“
вели Ганиу.
Сепак, некои од дивоградбите, за кои општината има надлежност, сѐ уште стојат. Таков е објектот спроти американската амбасада, изграден на државно земјиште, за кој од „бомбите“ се дозна дека уште во градба разговарале Никола Груевски и Али Ахмети.

Сега, токму партијата на Груевски, бара тој да се урне.
„Очекуваме ист третман и со другите добро познати дивоградби за кои се врзуваат звучни имиња од старо-новата власт“,
порача на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Зградата, во која денес има и активен дуќан, е предмет на една од истрагите на поранешното СЈО – „Лидери“.
„Објектот е изграден во период од ноември 2011 до февруари 2013, без одобрение за градба и е со површина од 1 000 квадрати метри“,
рече на 19 декември 2017 година јавната обвинителка Фатиме Фетаи.
Градоначалникот Ганиу вели дека нема право да постапува додека нема судски епилог за случајот кој, пак, сѐ уште е во фаза на истрага кај обвинителството.
„СЈО влезе во Општина Чаир и виде дека предметот е чист тука, бидејќи освен барање за легализација нема никаква друга постапка за тој објект. Така што да причекаме каква ќе биде судската разрешница, па после, во рамки на нашите надлежности, ќе интервенираме“,
вели Ганиу.
Ако обвинителството покрене обвинение и случајот влезе во суд, тешко е да се процени кога ќе има разрешница, но секако во прашање ќе бидат неколку години.
Едни на прес-конференции, други со писма до Владата, повикуваат на уривање и на други на објекти.

„Се одлучивме и ние да побараме помош, како Здружението на сопственици на деловни простории во трговскиот центар ‘Бисер’, бидејќи го имаме истиот проблем како што беше со трговскиот центар ‘Мавровка’“,
вели Зоран Митковски, претседател на Управниот одбор на „ТЦ Бисер“.
На јавноста одамна ѝ е познат спорот во Општина Аеродром за објектот на пекарницата „Силбо“ во трговскиот центар „Бисер“.
Надлежноста тука ја делат Град Скопје и Општина Аеродром. Градот дава дозвола објектот да постави урбана опрема, а општината е задолжена за контрола.
И двете страни своевремено утврдиле дека, наместо да постави урбана опрема, сопственикот изградил цврста градба. По неколку преписки меѓу институциите кон крајот на 2018 година, падна наредба за отстранување на спорните елементи. Но, до денес сликата не терен е иста.

„Такви градби не може да се градат со едно основно решение кое го издава Градот Скопје. Инаку, тогаш сите би си граделе со едно решение коешто им го издал Градот. Сите други законски процедури се скокнати, пред сѐ Законот за градба, којшто стриктно наложува за тие градби која е процедурата. И во самото решение е назначено дека објектот е дивоградба, односно ги нема запазено законските процедури“,
вели Митковски.
Сопственикот на пекарницата, Силјан Милев, избра ставот да го каже писмено. Се повика на одлука од Управниот суд, кој ги прифатил неговите жалби на решенијата за отстранување и наложил одново да се испита случајот. Повиците за уривање, тој ги оценува за неосновани.
„Содржината објавена од лицата содржи елементи на клевета кон нашата фирма. Но, очигледно е дека лицата кои истапиле со вакво барање имаат за цел да се одвлече вниманието на надлежните и јавноста од фактот дека против одговорните во друштвото ТЦ ‘Бисер’ и Здружението, поднесени се кривични пријави за злоупотреба на службената должност, дело што се однесува на незаконско издавање на просторот пред ТЦ ‘Бисер’“,
вели Силјан Милев, сопственик на „Силбо“
Градоначалникот Златко Марин наведува други причини зошто случајот тапка во место. Според него, проблем е што во општината имало барања за легализација на претходниот објект, кој постоел на местото на сегашното „Силбо“.

„Нашиот инспектор излезе кога се изгради објектот, констатира недостатоци во урбаната опрема, меѓутоа се отвори уште една постапка од нивна страна, а тоа е за легализација на објектот. Додека не се заврши таа постапка, стоиме каде што сме“,
вели градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Во меѓувреме, иако пекарницата ја изгубила дозволата за поставување урбана опрема, таа продолжува да работи во „проширен“ габарит.
„Ви кажав дека се два предмета. Едниот предмет може да донесе последици за другиот. Ние може да го отстраниме, а утре да биде легализиран тој објект“,
вели Марин.
А додека Општина Аеродром не постапи, нема моќ ниту Град Скопје.

„Славни“ спорни објекти има и во срцето на главниот град – Општината Центар. Еден од нив е седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, поточно нејзината тераса. Опозицијата, која деновиве излегува со серија прес-конференции за дивоградбите, останува на ставот дека нема ништо спорно со белата палата.

„Јас посочувам таму каде што има криминал, тој што посочува за криминал нека одговори каде е криминалот. ВМРО-ДПМНЕ четири години веќе не е на власт, четири години тие се на власт. Во тие четири години единствено нешто што се направи, по сите повици за правда за правото да почне конечно да функционира, беше евтин театар“,
вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Но, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ тврди дека не е така. Она што во реалноста е тераса на хартија е настрешница.

„Од страна на Општината има утврдено со вештачење дека е тип градба за што требало друго одобрение, додека Градот во тоа време пред градоначалникот Петре Шилегов и има издадено дозвола за настрешница. Сега ќе бараме од Град Скопје да го преиспита тој акт и ако го потврди нашето сомнение да го поништи за да има основа после Општината да дејствува, но мора да се направи консултација со ОЈО, да не имаат и тие некоја постапка и да не направиме уништување на одреден доказен материјал“,
вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Фактот што ВМРО-ДПМНЕ ја нема власта ниту во Центар ниту во Скопје веќе четврта година, а терасата сѐ уште е „спорна“, е уште еден показател како работите се ставаат „под тепих“ кога се во прашање дивоградбите или барем дел од нив.
За градоначалникот на Скопје, главен проблем е законската рамка.

„Непријатно е да сте градоначалник, а де факто нем сведок, ниту учесник“,
вели Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје.
Поделените надлежности, според градскиот татко, се причината што е полесно да се најде изговор отколку да се дејствува.
„Системот дозволува секој за себе да најде алиби зошто не постапува согласно обврските што ги има во закон или би требало да ги има“,
вели Шилегов.
Неговиот предлог е, кога станува збор за Скопје, да се централизира надлежноста за дивоизградените објекти. Смета дека на тој начин ќе се реши проблемот и со дефицитот на кадар и со неуспешните тендери за избор на фирми за уривање на дивоградбите.
„Град Скопје има ЈП ‘Улици и патишта’, своја фирма, дури и не би морале да ангажираме дополнителен субјект, туку само во буџетот на Градот како ставка од една од активностите на ЈП ‘Улици и патишта’ да предвидуваме и рушење на дивоградбите. И би се решило, во принцип, едноставно. А проблемот со кадровската инфраструктура би бил со пополнување со постојните кадри што ги имаат општините“,
вели градоначалникот на Град Скопје.
Одговорност за бесправно градење е предвидена и во Кривичниот законик, според кој, освен тој што гради, одговара и тој што бил надлежен за контрола, а свесно го дозволил тоа. И во двата случаи, казната може да достигне до осум години затвор.
Но, односот на институциите кон дивоградбите се пресликува и на судската пракса, според која, предметите во скопскиот суд во последниве пет години завршиле или со откажување на тужителот или со условна казни.