Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за „360 Степени“ го коментираше меморандумот на Бугарија и дали е изненаден од тонот во документот.
„Не можам да кажам дека читајќи го и препрочитувајќи го немам проблеми со текстот. Имам големи проблеми, во определени делови е многу навредлив и дефинитивно не е во функција на градење на блискост, на пријателство, на заедничка европска иднина. Меѓу другото, Бугарија од членот 2 од Договорот за пријателство има обврска и да ни помага во процесот на европска интеграција. Ние почнавме еден многу сложен, но многу благороден процес на заедничко растење и овој тон и определени тврдења не помагаат, прават пречки. Идејата на договорот беше да се создадат механизми како да се решат отворените прашања без притоа тие да станат пречка на европскиот пат“,
вели Димитров.
Вицепремиерот вели дека според неговите сознанија овој документ засега не произведува последици во процедурата која е во тек во ЕУ, односно консултации на земјите членки по текстот на предлог-преговарачката рамка што првично ја подготви Европската комисија.
„Во моментов работите одат на линија на принципиелната позиција на ЕК, којашто излезе во македонската јавност, и во однос на македонскиот јазик и во однос на тоа како билатералните прашања се поставени во структурата на идната преговарачка рамка“,
вели Димитров.