Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „ГБЦ системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видеоопрема. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов, кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот
Еден месец и една недела откако објавивме дека Драги Рашковски купил софтвер од 81 илјада евра за автоматско казнување сообраќајни прекршоци, кој полицијата не го побарала и не го користи, ексгенералниот секретар на Владата заврши во куќен притвор.
Два дена претходно си даде оставка од последната функција – секретар во кабинетот на премиерот Зоран Заев. На оставката стоеше датумот на кој „360 степени“ објави дека Рашковски вози луксузен џип, кој не фигурира во неговиот анкетен лист.
Рашковски сега е и формално осомничен дека спровел тендер за софтвер, со услови нагодени да одговараат на карактеристиките на патент што лично тој го регистрирал. Во последната изјава за „360 степени“, Рашковски тврдеше дека набавката е оправдана.

„Ова треба да биде само еден дел од целокупниот ‘Сејф сити’ систем, може да биде и треба да биде само еден дел од истиот“,
кажа Рашковски.
И пред и по отворањето истрага од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во негова одбрана стои премиерот.
„Спроведена е постапката целосно согласно закон. Ама на крајот е судот којшто треба да пресече“,
кажа премиерот Зоран Заев (17.4.2021.)
Освен Рашковски, во куќен притвор е и сопственикот и управител на фирмата што го изработила софтверот, „Инвока гроуп“. Другите двајца осомничени засега се непознати за јавноста, но за еден од нив откривме како е поврзан со Рашковски. На име на негова фирма се води луксузното „волво XC 90“ кое го користи Рашковски. Тој е и еден од хонорарците чии имиња Владата првично одбиваше да ги обелодени.
Една недела откако објавивме дека ексгенералниот секретар на Владата вози џип што го нема меѓу имотот пријавен во Антикорупциската комисија, повторно сме на локацијата на која го „уловивме“ Рашковски.
Луксузното „волво“, кое во изминатите месеци речиси редовно го забележувавме на овој паркинг откако ја објавивме сторијата, веќе не е тука. Како стигнал до него и зошто не фигурира во анкетниот лист, Рашковски не одговори, но нашите проверки отворија нова перспектива.

Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „ГБЦ системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видеоопрема. Од огласи достапни на интернет, може да се види дека фирмата поправа компјутери, печатачи и полни тонери. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Тој Игор Христов е истиот кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот. Според Обвинителството, како надворешен соработник, пренесувал информации за текот на тендерот.
Откако луксузниот џип „исчезна“ од паркингот пред живеалиштето на Рашковски, прво го побаравме на официјалните адреси на фирмата „ГБЦ системи“, во општините Гази Баба и Кисела Вода во Скопје. Но, попусто. Фирмата постои од 2004 година и има скромни финансиски резултати до 2017. Таа година, слично на претходните, ја завршила со околу 60 илјади евра приходи. Во 2018 и 2019 година приходите растат до 210, односно 150 илјади евра, но нето-добивката е 30 односно 8 илјади евра. А, во игра е џип, чиј најнов основен модел чини 74 000 евра.

Како вакво возило завршило кај Рашковски, го прашавме газдата и хонорарец во владиниот Генерален секретаријат, Игор Христов. Ни одговори дека лани неговата фирма купила два половни џипа „волво ХЦ 90“, увезени од Германија.
„Едното возило го управувам лично јас, а второто беше планирано да го управува вработен во мојата фирма. Со оглед на тоа што во меѓувреме, вработениот ја напушти мојата фирма, едно од возилата го дадов на користење на сопругата на Рашковски. Со господинот Рашковски се познаваме повеќе од 15 години. Тој нема никаква поврзаност ниту од аспект на сопственичка ниту од аспект на управувачка структура со мојата фирма“,
вели Игор Христов, сопственик на „ГБЦ системи“ и хонорарец во Владата.
За односот Рашковски-Христов говорат договорите од Генералниот секретаријат.
Првпат, како генерален секретар на Владата, Рашковски го ангажирал Христов во 2017 година за услугата „компјутерска апликација за сервис, одржување и конфигурирање на информатички системи“, за месечен хонорар од 30 000 денари, плус право на патни трошоци.
Следната година Рашковски и Христов потпишуваат нов договор за истата услуга. Кон средината на 2019 следува анекс-договор, со кој месечниот хонорар на Христов се зголемува на 35 000 денари.
Во 2020 година склучуваат нов авторски договор за истата услуга, но за поголем хонорар – 40 000 денари месечно, плус патни трошоци.
Пред истекот на договорот, Христов и Рашковски потпишуваат уште два анекса, со кои се продолжува рокот на неговиот ангажман, а хонорарот му се зголемува на 50 000 денари месечно.

Христов отфрла поврзаност меѓу неговиот ангажман кај генералниот секретар Рашковски и користењето џип во негова сопственост од семејството Рашковски.
„Јас и моментално сум ангажиран од страна на Владата од сегашниот генерален секретар, а ангажиран сум поради моето долгогодишно искуство во работата“,
вели Христов.
Христов е меѓу хонорарците во Генералниот секретаријат за кои пишуваше порталот „Призма“, чии имиња Владата првично одбиваше да ги објави. Откако станаа јавно достапни, може да се види дека хонорарот на Христов сега е 39 000 денари, а намалувањето најверојатно е направено во последниве недели.
За поранешниот член на Антикорупциската комисија, Ариф Муса, ваквите односи меѓу Рашковски и Христов се проблематични.
„Наводите, она што веќе вие сте стигнале до такви информации, покажуваат апсолутно дека тука постои судир на интереси. Поврзаноста на лицето ангажирано со хонорари во Владата е сопственик на некоја фирма, на која е регистриран џипот на Рашковски. Апсолутно дека според мене, ако се утврди ова, ова е прво судир на интереси, а после и корупција во начинот на кој е стекнат тој имот. Значи, во моментот органите за спроведување на законот се тие што мораат да ја тераат работата до крај“,
вели Муса.

Според Муса, надлежните се должни да ги испитаат сите аспекти од случајот – од потребата за ангажманот на Христов во Владата, до начинот на кој е набавен џипот.
„Дали има и судир на интереси за вработување на такви лица, дали се хонорарите таму поврзани со Рашковски и дали се тие блиски лица. Ако не се блиски лица, дали има судир на интереси на надвладување на личниот интерес над јавниот интерес. Според Законот за судир на интереси припаѓа и ова дело. Овие постапки не треба да останат само на новинарите и ние да го коментираме, туку државните органи да го расчистат и државата како орган, институциите да бидат кредибилни и да имаат доверба кај граѓаните дека го спроведуваат законот“,
вели Муса.
Истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во моментов е насочена кон софтверот за сообраќајни прекршоци, кој Рашковски го купил од фирмата „Инвока гроуп“.
Во истата зграда, каде што добивме закани кога се распрашувавме за „Инвока гроуп“, сега, случајно или не, мерка куќен притвор издржува управителот на фирмата, Даниел Станчев.
Каква е поврзаноста меѓу Станчев и Рашковски, Обвинителството докажува во истрагата што ја води.
кажа Обвинителката Ивана Трајчева (16.4.2021)
„Не може да изготвите, да барате тендерска документација којашто стриктно упатува на конкретен патент и со цел да фаворизирате одредена стока или правно лице, кое нешто е направено во случајот“,
Рашковски е осомничен дека преку тендерите за софтверот го оштетил државниот буџет за околу 180 000 евра. За делото за кое се товари, предвидена е казна затвор од најмалку пет години.