Секој има право на образование и тоа е достапно секому под еднакви услови – загарантирано е со Уставот. Но, поради епидемијата на ковид-19 во земјава, веќе се крши тоа начело.
„Греота е. И јас сакам моите да учат деца“,
вели Зубер Ферихан, жителка на Шуто Оризари.
Дел од учениците се вратија во школските клупи, други ќе учат онлајн. Но, илјадници трети, оние најсиромашните, како сѐ уште да се на распуст.

„И тие сакаат да одат во школо. Немаат таблет, ене, трчаат по улици“,
вели Резија Красниќи од Шуто Оризари.
Надлежните уверуваат дека за сите ќе има услови за настава, ама не веднаш.
„Постапка за набавка на 40 000 компјутери, со сите детали внатре. Согласно искуството, трае некаде до април. Ова не е лесно“,
рече премиерот Зоран Заев.
Колку ученици ќе останат без образование и како ќе им се надополни изгубеното?

Ниту една заштитна маска не може да ја сокрие искрената насмевка на дете што првпат оди во училиште. Меѓу нив годинава е и шестгодишниот Орхан од Шуто Оризари..

– Зошто треба да носите маска, знаеш ли?
вели Охран Рустем.
– Да.
– Зошто?
– Корона,

Не е лесно на мало дете да му се објасни опасноста од невидливиот непријател. Тоа ги зголемува и стравот и обврските на родителите.
„Многу. Многу трошоци. Ми учат три деца, не едно. Четврто одделение, прво, второ. Тоа е. Маски, средства, еве, сѐ имаме, купивме. Мора“,
вели неговиот татко Ерхан Рустем.
Дел од родителите во Шуто Оризари ги испратија децата спремни на првиот школски час, со школски прибор и со средства за заштита. За понатаму, велат, ќе биде кој колку може.

– Некој има, некој нема. Зависи каква му е финансиската состојба.
– Епа сега, колку можеме толку, колку не можеме – здравје.
– Немаме никаква заштита од никоја страна, сами си се заштитуваме, ние во Шуто Оризари.
– Ќе се снаоѓаме некако, зашто децата ни се богатство. Сакаме да учат и да бидат тоа што ќе посакаат,
велат дел од родителите.
Новите правила за настава што ги наметна кризата со ковид-19 особено се предизвик за ранливите групи граѓани. Во една од најсиромашните општини во земјава, дел од учениците како-така се приспособуваат на новата состојба, но стотици деца немаат таква среќа.

„Мора и државата да помага. Да помага државата. Немаме ништо, ништо немаме. Тие работи, таблети, ништо немаме, чекаме Владата што ќе реши, дали ќе даде помош нешто за Ромите“,
вели Резија Красниќи од Шуто Оризари.
Според проценките на локалната власт, околу 1 000 основци од Шуто Оризари што треба да следат онлајн-настава немаат услови за тоа.
Единствена опција им е да гледаат 15-минутни часови на Македонската телевизија и еднаш неделно да земат печатени материјали од училиштето, да напишат домашна задача и да ја однесат кај наставникот.

„Да, само како ќе правиме? Јас не се разбирам од тие работи и децата како ќе прават? Ние сакаме да се вратат во школо и да учат, јас не можам да му бидам наставничка, јас не сум писмена, не знам добро македонски, како ќе правам? Јас сум неписмена, не знам што пишува детето, а ќе сакаат домашно да донеси“,
вели Красниќи.
Во едно од најголемите основни училишта во земјава, „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари, онлајн-настава има уште од март.

Со донации од амбасади и странски фондации биле обезбедени таблети за дел од учениците, но тоа е далеку од доволно.
„Во нашето училиште има голем број ученици кои немаат можност за паметни уреди. Бројката се движи околу 650-700 ученици кои немаат можност да набават технички услови, но од друга страна, во период од март до јуни, обезбедивме 270 таблети преку различни донации и проекти. Пред три дена добивме уште 50 таблети“,
вели директорот на училиштето Алвин Салимовски.

Директорот уверува дека се бара решение за секое дете. А, освен техничката опрема, проблем е и дигиталната писменост.
„Има ученици и родители кои не можат да се снајдат, но и денеска повторно имавме обучувачи за националната платформа, одржаа уште еднаш обука за оние наставници на кои им треба помош и тие им се јавуваат на родителите и им објаснуваат како да ја инсталираат апликацијата“,
вели Салимовски.
Некои ученици, пак, воопшто не слушнале дека училишната година официјално е почната.

За батерија и интернет за донираниот таблет, Перијан се снаоѓа со помош на роднини. За новата Национална платформа за учење, досега не слушнала.
– За што го користиш таблетот? Гледаш ли на него нешто?
– Јутјуб и Тик-ток, тоа.
вели дванаесетгодишната Перијан Мехмед од Шуто Оризари.
Ако неколкупати не успее да се вклучи на час, таблетот ќе мора да го врати. Па, се бара логистичка поддршка од невладиниот сектор.

„Со таблетите имаат преголем проблем, не можат да се вклучат и најчесто ни се обраќаат за таблетите“,
вели Ененсија Усеин од Здружението „Романо Чачипе“.
Но, таблетот не е единствена грижа за ова семејство, кое во моментов живее без приходи.
„Не знам зошто го укинаа социјалното. Не сум писмена да го прочитам ова. Каков живот живеам јас, а? Кажи ми. Треба ли прашок, шампон за овие деца, јадење треба ли?“,
вели мајка ѝ на Перијан, Зубер Ферихан.
За мајката на Перијан најважно е нејзината ќерка да учи за еден ден да може да има поинаков живот.

„Тоа ми е најмногу, да знае името и презимето да си го напише. Што знае кога ќе биде поголема. Којзнае каков ќе ѝ биде животот“,
вели таа.
За да бидат во чекор со другите соученици, некои од децата одат на дополнителна настава кај невладините организации. Од нив добиваат таблети и помош за домашните задачи.

„Кога одевме на училиште, ми беше полесно, а сега не можам. Тешко ми е да се вклучам на апликацијата што ја инсталиравме – Tимс“,
вели седмоодделенецот Ибрахим Махмуд од Шуто Оризари.
Помошта од невладините здруженија не е доволна за сите.

„Нашите средства се ограничени и мислам дека системот треба повеќе да се заземе за оваа група ранливи луѓе за да им се пружи повеќе помош и да се обрне повеќе внимание на образованието и дека на овие деца навистина им е потребна помош за да можат да одат напред“,
вели Андријана Ангелковска-Николовски од здружението „Сумнал“.
Финансиите се ограничени и во општинската каса. Па и локалната власт бара донации за сите деца да можат да следат онлајн-настава. Сами, не можат.

„Се надеваме дека и МОН ќе го разгледа овој предизвик, не само во нашата општина и во другите, и не само таблетите туку и интернет-конекцијата. Семејствата користат ваучери коишто многу брзо за еден ден или два се трошат поради брзината на интернетот која ја бара платформата и тоа е уште еден предизвик којшто не може да го запоставиме“,
вели Фатима Османовска, претседателка на Советот на Општина Шуто Оризари.
Според проценките на Министерството за образование, во земјава има околу 40 000 ученици кои немаат услови да следат онлајн-настава. Владата најави набавка на ИТ-уреди, кои можеби нема да стигнат и до крајот на учебната година. Во меѓувреме, опција се само кратките часови што се пренесуваат на ТВ.

„И на една телевизија, во светот имате образование на телевизија во неразвиените земји или полуразвиените. Во ваква ситуација тие ќе имаат на овој начин пристап. Дали ќе биде квалитетот ист? Не. Во нашата држава и претходно не беше квалитетот секаде ист, но да се надеваме дека ова ќе ни биде лекција како отсега ќе се однесуваме кон образовниот систем, колку пари ќе вложуваме и за што ќе вложуваме“,
вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
Надлежните се обврзаа дека по пандемијата образованието ќе биде прв државен приоритет. Дотогаш, за најсиромашните, главно школо ќе остане улицата, каде што, пак, лесно се заборава и на мерките против ковид-19.