Германскиот парламент вчера го ратификуваше пристапниот протокол за С. Македонија за НАТО, но во дебатата што траеше 50-ина минути доминираше прашањето за тоа кога земјава треба да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европска унија.
Дискусијата потврди дека партијата на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ-ЦСУ) преферира одлука за преговори за С. Македонија и Албанија во пакет, па свесни дека Франција и Холандија не би се согласиле со датум за Албанија летово, сакаат одлучувањето за двете земји да го одложат за наесен (за да дадат шанса за Албанија).
Пролонгирањето беше повод за партијата на зелените (втора политичка сила по европските избори во Германија) да изрази сомнеж дека партијата на Меркел свесно ја одолговлекува одлуката за во Грција на власт да дојде десничарската Нова Демократија и така С. Македонија повторно да биде блокирана во ЕУ.
Полемиката ја водеа пратеникот од Сојуз 90-Зелени, Јирген Тритин, и пратеникот од ЦДУ-ЦСУ, Кристијан Шмид (во видеото).