Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, вели дека ниедна од 28-те земји-членки на ЕУ не била против отворање преговори со земјава на вчерашниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург.
Лајчак, кој во својство на претседавач со ОБСЕ, денеска во Скопје се сретна со колегата Никола Димитров, изјави:

„Немаше ниту една земја, меѓу 28 членки, која кажа -не, не треба да ја поканиме С. Македонија. Мнозинството членки кажаа дека ќе го сториме тоа (ќе донесеме одлука за почеток на преговори). Не можеме сега поради внатрешните процедури во Германија, но ако нешто негативно, неочекувано, не се случи до октомври, јас очекувам да се одреди покана за старт на преговори во октомври.“
Оваа изјава на шефот на словачката дипломатија, кој во Скопје допатува директно од состанокот на ЕУ во Луксембург, е спротивна од тврдењето на поранешниот министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Тој доцна синоќа на Твитер напиша дека седум земји-членки на ЕУ (Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија) биле против преговори со Македонија, а дека Грција била воздржана.

По реакциите, Милошоски денеска објави нова порака на Твитер, обидувајќи се своето тврдење да го поткрепи со пишување на италијански медиум. Но, од објавата лесно може да се забележи дека станува збор за текст објавен еден ден пред (17 јуни) да се одржи состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург (18 јуни).

Премиерот Зоран Заев, прашан за тврдењата на Милошоски, вели дека првпат слуша за такво нешто (дека седум членки на ЕУ биле против преговори со С. Македонија).
Советот за општи работи на ЕУ во вчера усвоените заклучоци најавува навраќање на прашањето за отворање пристапни преговори со земјава најдоцна во октомври оваа година.