Кузеска на прес-конференцијата покажа и фотографија од Томо Донев, началникот на криминалистичката полиција во Кочани, за која рече дека е од партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ, на кој присуствувал, иако според закон е забранета политичка активност на полициски службеници
Како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функционери што биле на позиции кобната ноќ, кога во Кочани се случи најтешката трагедија во поновата историја на нашата држава. Ова прашање денеска на прес-конференција го упати портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, посочувајќи дека трагедијата во Кочани однесе уште една жртва, а дека сè погласни се прашањата за одговорност за институционалните пропусти.
„И покрај сите пропусти непосредно на денот на кобната ноќ и пред тоа, се уште ниту еден командир, инспектор, началник или функционер на Министерството за внатрешни работи, од ОВР Кочани, СВР Штип или Бирото за јавна безбедност не е повикан на распит, ниту опфатен со истрагата. А токму тие биле на функција и имале законска обврска и должност да постапат на 16 март“,
вели Кузеска.
Нагласи дека Законот за јавни собири вели дека масовен настан со над 600 луѓе, мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако не бил формално пријавен.
„Факт е дека МВР не постапило соодветно, не изготвило безбедносен план, не направило проценка на ризик, иако настанот бил јавно најавен. Исто така, полицијата е надлежна за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор, кој е основната причина за пожарот. Полицијата била на лице место кобната ноќ во диското и видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца и не презела ништо“,
кажа таа.
Посочи дека затаиле сите контролни механизми и безбедноста што се во надлежност во МВР, особено Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани.
„Како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функционери што биле на позиции тој ден? Еден од тие функционери е Томо Донев, началник на криминалистичката полиција во Кочани“,
додаде портпаролката.
Кузеска на прес-конференцијата покажа и фотографија од Томо Донев, началникот на криминалистичката полиција во Кочани, за која рече дека е од партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ, на кој присуствувал, иако според Законот е забранета политичка активност на полициски службеници

Уште еднаш праша дали токму поради оваа близина со ВМРО-ДПМНЕ досега не се опфатени со истрагата актуелни функционери од МВР.