Ако се цени по досегашното темпо на реформи, извесно e дека и ова лето ќе го дочекаме со постоечкиот систем и речиси истите ресурси. Белким летото ќе биде различно
Десетици илјади хектари шума проголтаа ланските пожари во Македонија. Само материјалната штета е околу 38 милиони евра.
„Тоа беше за плачење“,
вели Милан Крамарски од село Робово.
За влакно беше избегната и катастрофа во населени места.
Цела сезона пожарите се гасеа со донации и помош од други земји.

„Без нивна помош сигурно немаше да го изгаснеме пожарот“,
вели командирот на територијалната противпожарната бригада на Берово, Сашко Руменовски.
Авионите останаа приземјени, а не се сите спремни и за оваа сезона.
„Годинава би имале два авиони на располагање“;
тврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Максим Бексути.

Реформите во системот за заштита се уште се во најава.
„Тие се наоѓаат во почетна фаза на драфтирање“,
вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Дали со стар систем и оскудни ресурси и ова лето огнот ќе се гаси со стискање палци?
Џип УАЗ од 1960 година. И во 2022 тоа е основното превозно средство на подружницата на Јавното претпријатие ,,Национални шуми” во Берово. Џипот пензионирал десетици вработени во претпријатието, а самиот се уште не се откажува.

Ова беше главното возило за транспорт на шумските пожарникари во ланската битка со пожарите кои проголтаа голем дел од белите дробови на Малешевијата.
„Ако го гледаме овој терен овде, тука е веќе крајот на пожарот. Гледате и сами дека оваа млада шума овде ја нема достигнато својата економска и физичка зрелост. Ако гледаме од економска страна, а да не зборуваме од еколошка гледна страна, од прозводство на кислород и сето друго. Значи штетата е непроценлива за Малешевијата“,
вели директорот на шумското претпријатие во Берово, Владо Клинчарски.
Повеќе од половина година по пожарот, на терен – глетката е иста. Од пепелта засега не се создало ништо.
Исечените стебла сведочат за обидите на домашните и странските пожарникари да го пресечат патот на огнот.

„Тука беа тие Словенците, Австријците, тука баш го гасеа тоа ѓубрето“,
Огнените јазици зафатија и локални викендици, плевни и штали.
„Тоа е косачка, ама ете, изгоре. Тоа беше за плачење. Глетката ја гледате одоздола. Тоа е ужас“,
Според проценките на ЈП Национални Шуми, ланските пожари што го зафатија регионот на Берово, Пехчево и Делчево зад себе оставија повеќе од 4 000 хектари опожарена површина. За обнова, ќе требаат децении.
Државата треба да го расчисти теренот, па да го пошумува. Дел од овие акции веќе се започнати, вели директорот на шумското претпријатие во Берово, Владо Клинчарски.

Според него, причина за тоа што пожарите во Малешевијата толку ескалираа е недостигот на координација меѓу институциите.
„Се ми се чини дека таму можеби тоа затаило, таа координација. Бидејќи ако се излезеше побрзо на лице место да се санира тој мал пожар на почетокот, не би требало да дојде до ова“,
вели Клинчарски.
На ист став се и од противпожарната бригата во Берово.
„Доколку се реагираше навремено, првиот ден, ние бевме само 20-тина луѓе на терен, доколку имаше и механизација, булдожери, гасење од воздушен простор, доколку се реагираше во првите ден или два можеби ќе се изгаснеше пожарот. Но, 15-20 луѓе на таков голем фронт не можат да направат ништо“,
вели командирот на територијалната противпожарната бригада на Берово, Сашко Руменовски.

Доопремувањето на противпожарната бригада во најголем дел се покрива со донации. Командирот Руменовски потенцира дека се потребни крупни реформи во пожарникарството за да не биде товар само на општините.
„Противпожарната опрема е доста скапа, доколку не помогне државата на општините мислам дека тие немаат доволно средства за да ги доекипираат и со опрема и со пожарникари“,
вели Руменовски.
Освен странската помош, клучна улога во гаснењето на пожарите во Малешевијата одигра и локалното население. Меѓу активните бил и синот на Владо Терзиски од Будинарци, село кое се спаси за влакно.

„Сите учествуваа во гаснењетo. Само се трчаше. Страшно беше. Страшна работа беше. Ова да не се деси на никој“,
вели тој.
Терзиски стравува од реприза. Вели ланската сезона ги покажала слабостите на државата.
„Каква опрема. Ако не беа странците…Каква опрема?“,
вели Терзиски.
Меѓу главните слабости беше недостигот на помош од небо, бидејќи теренот е тешко пристапен по земја.

Државава има три авиони за гасење пожари, но тие останаа приземјени поради два пропаднати тендера на Дирекцијата за заштита и спасување за нивно редовно сервисирање.
Откако кон крајот на 2021 година Дирекцијата, конечно, постигна договор со преговарање без оглас со фирмата што и претходно ги сервисираше авионите – шпански „Титан фајрфајтинг компани“, на почетокот на мај слета еден сервисиран авион.
„Овој е спремен за летање. Собира три тона, може не е многу за голем пожар, но ако одат сите три авиона еден по друг, фрла вода еден па друг, па третиот…додека да фрли третиот, вториот веќе наполнил, и во цел систем кога ќе се фати ќе има ефекти, бидејќи ова е како најдобар авион за гаснење пожари“,
вели авиотехничарот во ДЗС, Златко Пешиќ.

Истиот ден кога првиот авион слета во Македонија, друг замина на сервис во Шпанија.
Третиот, пак, се уште е во дефект и не може да полета од скопскиот аеродром.
„Дефектот е поради тоа што овие авиони откако се набавени од 2009-2010 не се чувани под хангари, се чувани на отворено и се изложени и на многу високи и ниски температури. Значи, трет пат нарачуваме делови, трет пат ги острануваме, трет пат проверуваат нашите техничари и пилоти и на земја и на воздух, се случува на земја се да биде во ред, вршат прва проверка, се спушта авионот мерат количина на истекување на улјето е над дозволеното и во таков случај никој не смее да потпише авион да лета“,
вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Максим Бексути.
Но, зошто се дозволи и годинава трите авиони да не се на готовс?
Откако на почетокот на минатата година пропадна редовниот тендер за сервисирање, Дирекцијата распиша нов со променети услови. Овластениот сервисер „Титан“ обвини дека условите се местат во полза на српска фирма.
Максути, и тогаш и сега, тврди дека менувањето на условите е оправдано. А тендерите пропаднале главно поради поскапите понуди за сервис за разлика од минатите години.

Сепак, лани во ноември беше потпишан договор со шпански „Титан“ и тоа по директни преговори без оглас, поради итност. Сервисот ќе чини 400 илјади евра. Имало и втора, пониска понуда, но Максути вели дека фирмата немала целосна документација и понудата била доставена вон рокот.
Сагата со сервисирањето на авионите е под лупа и на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Но, зошто и покрај договорот повторно доцни сервисот на авионите? Максути вели еден проблем се дефектите на леталата, но вина гледа и во компанијата за која тврди дека ги пречекорува роковите од договорот. За годинава очекува дека ќе имаме барем два авиона за гасење пожари.

Во постојан, секојдневен конктат сме и притисок вршиме врз нив, но морам да кажам дека сум навистина разочаран од нивниот однос спрема цело ова што се случува околу авионите, но тоа е тоа кога ќе имате само еден овластен сервисер во цела Европа којшто може да ја врши таа работа.
-Kое е објаснувањето од другата страна?
Објаснувањето од другата страна е дека тие имаат преобемни работи со други земји и на некој начин не можат да стасаат да ги испорачуваат навреме сите обврски коишто се според тендерската документација.
вели Максути.
Според Максути, погрешен е впечатокот дека клучна улога во гаснењето пожари имаат авионите или ДЗС. Вели, првиот одговор треба да доаѓа на локално ниво – шумското претпријатие, општините и противпожарните бригади.
На иста линија е и неговиот колега од Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој смета дека државата соодветно се справила со ланските пожари.

„Јас не сум слушнал дека сме потфрлиле во координацијата. Напротив, сите информации што ги имам се дека координацијата беше извонредна. Но, кога координирате со слаби ресурси, понекогаш да не кажам со минимум ресурси, тогаш се појавуваат проблеми“,
вели Ангелов.
И Ангелов уверува дека годинава неговата институција е кадровски поподготвена од лани. Но, и тука реформите течат бавно.
Главната новина – единствениот број за итни повици 112, не е во целост имплементирана. Од најавените осум засега функционира само центарот во Скопје, кој прима повици за целата држава.

„Многу сме спори. Имаме проблем околу огласите за вработување, едноставно, состојбата во државата ќе се одрази на сите нивоа. Како менаџер на оваа институција, како директор на ЦУК, јас сум свесен за состојбата во којашто се наоѓа државата и ние ќе мора да дадеме повеќе енергија и она за што требаат повеќе луѓе да го направиме за помалку, без граѓаните да трпат штетни последици“,
вели Ангелов.
Тука требаше да заживее и т.н НИКС-систем, за да се овозможи следење и координација на сите институции при непогода. Но, и тој не се користи. Ангелов тврди дека се работи на обуки, но и дека сите институции не се отворени за соработка.
„Ние како институција даваме се. Но, ќе повторам, НИКСОТ без другите институции е ненахранет со податоци и е нефункционален“,
вели директорот на ЦУК.
За поефикасен систем за заштита и Максути и Ангелов надеж гледаат во долгонајавуваните реформи со кои двете институции би се споиле во една за да нема совпаѓање на надлежностите, но и би се направиле нови правила – од измени на процедурите за набавки на опрема, до командување на терен и сервисирање на авионите.
За најавуваните реформи и претходно беа формирани работни групи, но не вродија со плод. Сега, главна локомотива е Министерството за одбрана.

„Во рамките на Министерството за одбрана работната група го забрзува текот на овој процес, она што е особено значајно е што таа се проширува и со претставници од граѓанскиот сектор коишто треба дадат свој дополнителен инпулс. Ќе треба да се донесат повеќе законски измени, но се ќе зависи од моделот којшто конечно ќе го одобриме“,
вели Петровска.
Иако претходната министерка најави дека системски реформи ќе имаме веќе оваа година, министерката Петровска вели дека процесот е комплексен.
„Тие се наоѓаат во почетна фаза на драфтирање и паралелно со тоа течат и консулатациите со заедницата на единици на локална самоуправа, со оглед на постојниот систем и поставеноста на противпожарните единици и работната група која работи на законот за пожарникарство, затоа што во целокупниот систем на управување со кризи, ова особено има значајна улога“,
вели министерката за одбрана.
Во меѓувреме, Петровска вели дека Армијата има на располагање два хеликоптера за гаснење пожари и дека е издадена наредба за готовност на армиските сили.

Ако се цени по досегашното темпо на реформи, извесно e дека и ова лето ќе го дочекаме со постоечкиот систем и речиси истите ресурси. Белким летото ќе биде различно.