Земја од косините и засеците се свлекува врз новиот автопат Миладиновци-Штип, делница која е во употреба нецел месец по пет години изградба и потрошени 177 милони евра. За возачите и патниците, тоа значи голема веројатност да се наиде на куп земја при движење со дозволените 120 километри на час.
Ерозијата ја заблежале и од Јавното претпријатие за државни патишта, но од таму не гледаат опасност.
„Обезбедени се сите законски мерки за безбедно одвивање на сообраќајот: времен режим на сообраќај, изградба на мали потпорни ѕидови и 24 часовно следење на состојбата и превземање соодветни активности, доколку е потребно“,
тврдат од ЈП за државни патишта.
Со други зборови, привременото решение на проблемот е редовно чистење на коловозот. Конечното решение се багремите кои ги најави премиерот Зоран Заев при официјалното пуштање на автопатот. На површина од 30 хектари, треба да се засадат околу 600,000 садници. Веќе е избран изведувач на тендер, фирмата „Хорти Дизајн“. Цената е околу 215 илјади евра.
„Пошумувањето на теренот ќе започне оваа есен, веднаш штом бидат поволни временските услови за пошумување и треба да заврши најдоцна пролетта 2020 година, но тоа ќе зависи и од временските услови во сезоните за пошумување“,
велат од ЈП за државни патишта.
Професорот на Градежниот факултет при УКИМ, Јосиф Јосифовски, вели дека површинската ерозија е честа појава кај новите патишта, бидејќи треба време да пораснат растенија. Пошумувањето со багреми, додава, е докажана мерка против свлечишта. Но, предупредува дека пошумувањето треба да почне порано.
„Во овој случај се работи за почва со висок потенцијал за ерозија и затоа треба овој процес (пошумувањето) да се забрза пред да започне есенската сезона со интензивни врнежи“,
предупредува Јосифовски.
И покрај ваквите апели, од ЈП за државни патишта тврдат дека експертите кои ги консултирале посочиле дека багремот се сади токму на есен. Имајќи го тоа во предвид, уште при изградбата дел од косините биле повеќекратно ублажувани отколку што тоа било предвидено во основниот проект.
Багремите не се единствено, но се најефтино решение
За професорот Јосифовски ублажувањето на косините е вообичаена и ефикасна мерка против ерозијата. Но, вели има и други решенија да се осигура безбедноста на новиот автопат додека да пораснат багремите.
„За спречување и на најмала ерозија може да се применат современи материјали како што се геотекстили и геокомпозити во комбинација со семиња од ниска вегетација која брзо расте и ја спречува оваа појава и нејзиното развивање“,
советува Јосифовски.
Материјалот за кој говори Јосифовски наликува на тепих кој ги содржи семињата и се нанесува врз земјените косини. Тој ја држи почвата цврста, а по зазеленувањето се „претопува“ во самата земја. Но, надлежните немаат намера да употребат вакви геокомпозити, неофицијално, бидејќи се скапи, официјално – не се дел од проектот.
„Геокомпозитите се материјали кои можат да се користат за заштита на косините. Со проектот за овој објект е предвидено да се изврши пошумување на косините со што ќе се изврши заштита од ерозија“,
велат од ЈП за државни патишта.
Јосифовски се согласува со решенијата против ерозија, но вели дека ваквите проблеми треба да се предвидат уште пред изградбата, во фазата на геомеханички истраги.
„Оттука, крајно време е да ја разбереме пораката дека за сложени градби и тешки теренски услови мора да има соодветни истраги, иако некогаш може на почеток на проектот да чинат повеќе, затоа што, ако недостасуваат, трошоците подоцна во текот на градба како резултат од нив ќе бидат неколку кратно повисоки“,
потенцира професорот.
Од неодамна, вели Јосифовски, домашните програми за планирање на геомеханички истраги се во согласност со европските стандарди. Но, тие ќе важат за идните градби.
На крајот, може да се заклучи дека сегашноста, додека да пораснат багремите, е примитивна – чистење на земјата со лопата в рака.
Дополнителни милиони за „докомплетирање градежни работи“
Багремите сепак не се единствениот нов трошок за автопатот Скопје-Штип. На почетокот на јули, на Бирото за јавни набавки е објавен договор меѓу ЈП за државни патишта со АД Гранит кој чини близу 5 милиони евра. Парите ќе се потрошат за доизградба на пристапни патишта, премини, клучка, краците Штип-Кочани и Кочани-Св. Николе, поврзување со експресениот пат што се гради кон Кочани и за да се изместат цавководи за наводнување. Работите ќе траат две години.