Време за визита на Инфективната клиника во Скопје.
„Кај си бе, дедо бе?
Добро утро.
О бабе, кога дома?
Денеска.
Денеска или утре?
Утре, утре“,
се обрати доктор Илир Демири на хоспитализираниот брачен пар од Кичево.

Двајцата со нетрпение очекува да ја напушти болничката соба.
Ве чуваат докторите, ве пазат?
Докторите нè чуваат, туку ние…
Се заразивме, бевме на роденден кај ќерка моја и од зетот се заразивме.
ни раскажаа двајцата пациенти.
Медицинскиот тим внимателно ги евидентира сите промени кај хоспитализираните. Веќе подолг период од инфекции работат исклучиво со ковид.
Баба Танка Јанева од Струмица нема идеја како се заразила, но многу добро знае што ќе ѝ биде прва задача откако ќе ја напушти Клиниката.
„Сега штом се вратам ќе се вакцинирам.
-Ја научивте лекцијата?
Во животот секој човек прави грешки“,
вели баба Танка.
По визитата, на Интензивна нега се слуша само звукот на болничките апарати. Капацитетот на клиниката е речиси целосно исполнет. Пациенти има на секој од четирите ката.
Ова е секојдневието и на доктор Горан Рангелов. Безброј пати во денот, по протокол, влегува и излегува од црвената зона.
„После две години е невозможно да се оградиш од сè и да отидеш дома со ладна глава, тоа е тешко, тешко. Секако, ги размислуваш пациентите и кога си дома и кога спиеш“,
сведочи доктор Рангелов.

На него му го поставивме прашањето што тој вообичаено им го поставува на други.
„Како сте докторе?
Уморен. Ако може со еден збор да се каже уморен.
Прележавте ковид?
Не, јас не прележав, а сум вакциниран со три дози вакцина, три дози ‘Фајзер’. Исто така, и сите во семејството мое се вакцинирани“,
кажа д-р Рангелов.




Ова е персоналот на Инфективна клиника. Само годинава “низ раце“ им поминале 23 000 луѓе од државава. Речиси половина од прегледите биле за итни случаи. Низ годината овие луѓе се грижеле за здравјето на 3 000 хоспитализирани пациенти. Колегиум на Инфективна се одржува секое утро, а доктор Илир Демири е задолжен за координација на хоспитализациите во текот на денот. За овој тим важно е како функционираат и останатите ковид-центри.
„Наговестувањата од медиумите и по тоа што се случува во светот, веројатно очекуваме да има уште еден бран и зголемување на бројките. Не сакаме да се најдеме во позиција кога ќе бидат исполнети нашите капацитети, а останатите ковид-центри да бидат затворени, затоа е многу битно да се сочуваат отворени ковид-центрите во државата“,
вели д-р Демири.

Освен што ги координира, доктор Демири е и гласот на колективот на Инфективна.
„Сите лекари и медицинскиот персонал кога се обучува, студира, учат имаат една цел, тие во суштина се алтруисти и тоа ги води низ животот и низ работава. Меѓутоа, кога работава е напорна, ние стануваме досадни за нашите блиски, за нашите семејства, затоа на овие луѓе мора да им се помогне на некој начин за да постигнат лична сатисфакција и во нивните смејства. Тоа би било убаво кога институциите би ги наградувале соодветно за да може да прикажат каде се ангажирани, оти доста е само хуманитарно да кажам“,
вели тој.
На приземјето на клиниката се наоѓа ковид-амбулантата. Овде се одлучува дали некому му е потребна хоспитализација. И амбулантата работи 24 часа на ден.
„Две години сме веќе навистина исцрпени. Може да се каже дека бројот на прегледи на дневно ниво е нешто редуциран, компарирано со она на што сме научени да функционираме. Ако тоа биле 100 прегледи за 24 часа, сега е нешто понизок процент, меѓутоа далеку од тоа дека за нас е ситуацијата стабилна“,
вели д-р Татјана Стојаноска, специјализантка по инфектологија на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
А, дел од граѓаните не се ни трудат да превенираат разболување.
„Можеби за нијанса има зголемување на пациентите коишто во анамнезата ќе ви кажат дека се вакцинирани со одредени вакцини за ковид, меѓутоа, сè уште е голем процентот на оние кои воопшто не се имунизирани“,
вели д-р Стојаноска.

Ја посетивме и директорката, Милена Стевановиќ, која проговори за приказните што оставиле силна трага врз неа, како на пример, повозрасна пациентка, која не дочекала да си го прегрне штотуку роденото внуче.
„Со последните здивови ми кажа да пренесам на ќерката дека каде и да биде дека ќе го сака највеќе на свет и покрај тоа што веќе не верува дека ќе го види. Јас верувам дека тоа дете ќе ја чувствува љубовта на својата баба која никогаш немаше прилика да ја запознае, од каде и да таа доаѓа“,
раскажа д-р Стевановиќ.
Пример за успешна борба ѝ е помлада пациентка, која по сериозно влошена здравствена состојба, успеала да го сочува и духот и ветувањето кон докторката.
„Јас ѝ викам ‘буцка, ми го скрати животот!’. И вели, јас ти ветувам дека ќе ослабнам. Ме повлекува за ракав и вика – ама докторка и ти си буцка (се смее). Со полно право, она навистина имаше долга битка која успеа да ја извојува во нејзина полза и кога дојде на контрола после отпуштањето од болница со драматично намалена телесна тежина, јас не ја препознав. И ме викаат сестрите, велат – докторка ве чека пациентка, сака да ве види. Гледам, јас не можам да ја познаам и вика – ветив јас, кога ќе ме видиш следниот пат нема да ме познаеш. Така што, тоа ми ја наполни душата“,
вели д-р Стевановиќ.

Меѓу персоналот на Инфективната клиника нема антиваксери, тврди директорката. Фактот што први одблиску воочиле што значи инфекцијата ги натерал да се вакцинираат во висок процент. Во пресрет на Новата година, и тие се надеваат на подобро.

„Мојата новогодишна прослава ќе биде тука. Се надевам дека ќе поминеме мирно, што би било добро и за нас и за пациентите“,
вели д-р Стојаноска.
„Повеќето од популацијата, разбирам дека не сакаат веќе да бидат затворени, дека не сакаат маски да носат, дека сакаат да се вратиме на нормалниот живот, но, тоа, сега за сега е тешко остварливо и веројатно е многу опасно“,
предупредува д-р Рангелов.
„Јас само можам да се надевам дека конечно, после 2 години, секој еден наш граѓанин, имајќи респект кон нашиот бел мантил дека ќе внимава малку повеќе на себе“,
вели Стевановиќ.
„Да нема болни, да има здрава популација и, секако, персонал кој е уз мене, поточно кажано јас уз нив, да имаат економска сатисфакција и да се припојави некој Дедо Мраз кој ќе ги израдува убаво“,
порачува д-р Демири.
