Според Министерството за финансии, процентуалното пресметување на буџетот на судската власт во однос на БДП, не обезбедува гаранција за економично, наменско и рационално трошење на буџетските средства, туку тоа се обезбедува по пат на следење на индикатори на успешност. Буџетирањето базирано на резултати би ја подобрило ефикасноста и ефективноста на судската власт преку поврзување на трошоците со резултатите што се постигнуваат – велат оттаму
Според актуелното законско решение, Владата односно Собранието се обврзани да одвојат најмалку 0,8% од БДП за буџетот за Судската власт. И оваа и сите претходни влади одвојуваат околу 0,3%, поради што во последниот извештај Европската комисија оцени дека судството и неговата финансиска автономија се под притисок на другите власти

Првото купче на оваа слика ја претставува вредноста на Бруто домашниот производ на земјава во 2024 година (14 385 444 000 евра) . Втората треба да го претставува купчето пари кои државата со закон е обврзана да го одвојува за судството – 0,8% од Бруто домашниот производ (115 083 552 евра). А, третото купченце, е колку пари навистина троши државата за „судска власт“. И покрај законската обврска, годинава таа сума изнесувала 0,3% (44 478 673 евра).
И така е отсекогаш. Ниту една Влада, независно дали ја предводеле ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, не одвоила онолку пари за судството колку што е законски минимум. А, така се планира да биде и догодина бидејќи во предлог-буџетот за 2026 година Министерството за финансии продолжува со старата пракса.
Што вели Законот за судски буџет
Па, се обративме првенствено до Министерството и до судската власт, имајќи го предвид Законот за судски буџет.

Државата треба да одвои годишно најмалку 0,8% од БДП за судската власт, пишува во членот 4. Подолу, од членот 12 до членот 14, е опишано како се изготвува судскиот буџет.
Судскиот буџетски совет испраќа буџетски циркулар до сите судови и други единици на судската власт. (член 13)
Тие мора до 1 јуни во тековната година да го вратат документот кој содржи проценка на трошоците за следната година. (член 14)
Потоа:

По добивањето на податоците… Судскиот буџетски совет го изготвува предлогот на судскиот буџет и заедно со образложението за висината на износот го доставува до Министерството за финансии.
Пред доставувањето на предлогот на Буџетот на Република Македонија до Владата на Република Македонија, министерот за финансии задолжително го усогласува делот на средствата „Судска власт” од предлогот на Буџетот на Република Македонија со претседателот на Судскиот буџетски совет.
пропишува членот 15 од Законот за судски буџет.
Затоа, во Министерството за финансии и во Судскиот буџетски совет прашавме – дали буџетот за Судската власт за наредната година е усогласен меѓу министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски. Односно, дали судиите се согласиле да добијат два и пол пати помал буџет од тој што законски им следува?
Други критериуми
Од Судскиот совет, чиј претседател Александар Камбовски е прв човек и на Судскиот буџетски совет, ни одговорија дека не се согласиле на такво нешто и дека министерката не постапила согласно одредбите од Законот за судски буџет.
Во процесот на донесување на Буџетот за 2026 година не е постапено согласно член 15 од Законот за судски буџет, односно министерката за финансии не изврши усогласување на предлог-буџетот во делот Судска власт со претседателот на Судски буџетски совет.
ни одговорија од Судскиот совет.*
Во дописот од Министерството за финансии немаше директен одговор на нашите прашања. Но, во однос на буџетот за судството, наместо на законот, од Финансии се реферираат на нешто друго.

Во однос на утврдувањето на судскиот буџет како процент од БДП во износ од 0,8%, укажуваме дека одобрениот Буџет на Судската власт, анализирано како процент од БДП е во рамките на европскиот просек кој се движи околу 0,3% од БДП.
Основна цел при подготвување и извршување на буџетот е макроекономската стабилност и обезбедување на одржлив и стабилен национален економски развој… Планираните приходи и другите приливи, стратешките приоритети, како и реалните буџетски можности се основа за утврдување на одобрените средства по буџетски корисници.
одговорија меѓудругото од Министерството за финансии.
Доколку министерот за финансии и претседателот на Судскиот буџетски совет не се усогласат, според Законот за судски буџет во таков случај:
Министерството за финансии изготвува извештај и го доставува до Владата на Република Македонија и до Судскиот буџетски совет, а Судскиот буџетски совет до Владата на Република Македонија доставува мислење по извештајот на Министерството за финансии.
Па, прашавме и во Судскиот буџетски совет, Судскиот буџет и во Финансии, но и во Владата – дали бил изготвен и доставен извештај? Ако бил, дали имало мислење од Судскиот буџетски совет?
На ова конкретно прашање, добивме конкретен одговор само од Судскиот совет. Немало извшетај, па не изготвиле ниту мислење. *
Загрозена финансиска автономија
Ова не е првпат „360 степени“ да посочува на кршење на Законот за судскиот буџет од страна на Владата. Но, оваа година е првата кога и Европската комисија, во последниот годишен извештај за земјава, препозна дека:

„Генералната независност и финансиската автономија на судството е поткопана од мешањето и притисокот од другите власти, вклучувајќи ги обидите од страна на Собранието да изврши притисок врз членови на Судскиот совет да поднесат оставки и ограничените финансиски средства кои му се доделени (на судството н.з.).“
се вели на страница 5 од Извештајот на ЕК за Северна Македонија за 2025 година.
И не само тоа. Во контекст на потребните пари, во извештајот се вели дека е потребна надградба на АКМИС системот за распределба на судските предмети, дека е потребна дигитализација, дека во 2024 основните судови немале доволно ниту човечки, ниту финансиски ресурси, а располагале и со несоодветна инфраструктура. И најважно – дека поради сето ова судството е неефикасно.

И Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, организација која со години го следи судството на различни нивоа, вели – недостигот на пари е очигледен.
„Ако ги погледнете финансиските извештаи на судовите, на судската власт, ќе видите дека најголем дел од буџето се троши за плати и придонеси на персоналот, режиски трошоци и тековни трошоци за тековни активности кои се сведени на минимум. Така што, буџетот кој сега за сега го имаат судовите е доволен само да за се овозможи некаков континуитет на оние основни активности.“
Тоа не само што значи дека во судството нема капитални инвестиции, дигитализација или вработувања на стручен кадар што би ги го забрзало носењето пресуди, туку и дали можеби веќе нема капацитет за такво нешто.
„Толку долго трае оваа состојба со недостиг на финанирање на судовите што дури ако сега се обезбеди законски предвидениот буџет, прашање е дали судовите ќе имаат моќ на апсорпција, дали вистински ќе можат да го искористат буџетот кој законски им следува. Дури самите тие финансиските планови врз некои основи како воопшто и да не очекуваат да добијат таков буџет“,
изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Првиот човек на Владата, прашањето за зголемување на буџетот за судската власт, уште пред извештајот на Европската комисија го сведе на прашање само за зголемување на платите на судиите.
Говорејќи во контекст на реформата во правосудството преку неколку закони, тој најави дека ќе се ревидира процентот што државата треба да го одвојува за судството, како и процентот од буџетот што треба да се одвојува за обвинителството.
„Ние тие закони ќе ги донесеме. Но тој процент ќе биде врз основа на компаративна анализа којашто сега ја правиме, кадешто пример ни се пет држави земји-членки на Европската унија. Не може да биде 0,8% и 0,5%. Не може да биде толку.“
изјави премиерот Христијан Мицкоски на 24 септември 2025 година.
Анализи
Месец и половина по оваа изјава, прашавме во Владата до каде е анализата.
„Во однос на компаративната анализата за којашто прашувате, како Влада навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста.“
ни одговорија од Илинденска 2.
А, за забелешките од Европската комисија, дека независноста на судството и автономијата на нивните финансии се поткопани од другите власти, од Владата, меѓу другото, ни одговорија:

„Како Влада цениме дека извештајот не е оценка само за една влада, туку за континуитетот на реформските процеси, нивото на институционална зрелост и начинот на кој земјата одговара на долгорочните европски приоритети. Предизвици постојат во делот на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. И тоа како Влада многу пати во изминатата година сме го потенцирале. Долгогoдишната политичка поларизација и недоволната соработка меѓу институциите остануваат пречки што ја забавуваат имплементацијата на реформите. Оваа Влада не само што е свесна за тие предизвици, туку веќе работи на нивното надминување.“
Компаративна анализа лани објави Советот на Европа. Таа се однесува на парите што ги одвојуваат земјите членки за судството, врз основа на податоци од 2022 година.
Јасно може да се види дека Македонија е една од земјите во Европа кои одвојуваат повисок процент од БДП за судството споредено со другите. Таа 2022 година, повеќе од нас одвојувале само Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Украина, Бугарија, Полска, Словечка и Словенија. Најбогатите европски земји, имаат најнизок процент од БДП како трошок за судството, а просекот, на ниво на Совет на Европа, изнесувал 0,22%.
Но, ако се пресмета колку пари за судството се троши по глава на жител, тогаш Македонија е на самото дно, со 19,2 евра по глава на жител. Полоши, во 2022 година биле само Албанија, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина. Просекот на потрошени пари по глава на жител на ниво на Совет на Европа е 50,7 евра, што е два и пол пати повеќе од износот во земјава.
Тоа значи дека зафаќањето од Бруто домашниот производ не е единствениот репер за тоа дали во судството се инвестира малку или многу.
Власта најавува буџет по учиник, фелата предлага независен
Врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска смета дека освен што Владата треба да ја исполнува обврската да одвојува 0,8% за судската власт, што веќе е утврдено со закон, судството треба да добие и т.н. независен буџет како Собранието.
Една од причините е што дури и да има пари, судството не може да вработува персонал кој недостасува, без одобрение од Министерството за финансии.

„Јас реков, мора да има дијалог. Ние мора да работиме за добробит на државата. Самостоен судски буџет не значи вие да правите проекции надвор од она што е предвидено од законот. Ако е 0,8% од БДП тоа треба да биде мерникот. Законот вели најмалку 0,8% од БДП. На крајот на краиштата има и директиви на Европската унија коишто посочуваат на тоа како се уредува, како си финансира судството. Ние не измислуваме ништо. Сето тоа се на некој начин мерници коишто ние ги следиме и се повикуваме на нив…
изјави судијката Мирјана Лазарова – Трајковска на 10 ноември 2025 година.
Дали се „за“ независен судски буџет како што го опишува Лазарова–Трајковска, прашавме и кај извршната и кај судската власт.
Од Судскиот совет се согласни со забелешките на Европската комисија и велат дека веќе побарале независен буџет, по примерот на Собранието.
Судски буџетски совет се залага за целосна финансиска самостојност и независност и во таа смисла целосно се согласуваме со коментарот на ЕК дека независноста и автономијата во финасирањето се поткопани од другите власти. Согласно реформската агенда во Министерството за правда работна група подготвува измена и дополнување на Законот за судски буџет, со што се очекува дека за судската власт ќе се обезбеди стабилно,
долгорочно и соодветно финансирање.Судски буџетски совет се согласува со предлогот судската власт да добие независен буџет по моделот на финансиската независност на Собранието на РСМ. Впрочем СБС достави свој предлог до Министерството за со цел остварување на уставната и законската рамноправност на трите власти- законодавна, извршна и судска власт.велат од Судскиот совет на РСМ.
ни одговорија од Судскиот совет.*
Од Министерството за финансии, пак, како да навестуваат нов модел за финансирање на судството, но не во насока на независен буџет.
„Процентутуалното пресметување на буџетот на судската власт во однос на БДП не обезбедуваува гаранција за економично, наменско и рационално трошење на буџетските средства, туку истото обезбедува пат на следење на индикатори на успешност. Буџетирањето базирано на резултати би ја подобрило ефикасноста и ефективноста на судската власт преку поврзување на трошоците со резултатите што се постигнуваат…
одговорија од Министерството за финансии.
Министерството за финансии ја потврдува заложбата на Владата за спроведување на суштински и одржливи реформи во правосудниот систем во согласност со Планот за раст и европските стандарди“,
Во одговорот од министерството сепак нема детали – како би изгледало плаќањето по учинок.
Дарко Аврамовски, кој води организација која често ги детектира, па и критикува лошите примери и недостатоци во судството, за идејата за независен судски буџет нема дилеми.

„Добро е да се размислува во таа насока бидејќи се додека реализацијата на буџетот на судството зависи од извршната власт, не може да стане збор за целосно независен буџет“,
Пакетот измени во законите од правосудството треба да се донесат во следниве месеци, па и недели. Ако стигне навреме, земјава ќе добие и награда во форма на пари од Европската Унија, како дел од Планот за раст. Засега нема најава за план за раст на парите за судството.
*деловите од оваа сторија означени со ѕвездичка се измени по емитувањето на оригиналната објава, а се состојат исклучиво од одговори на прашањата кои „360 степени“ ги упати до Судскиот совет за потребите на оваа сторија, но првично не беа вклучени поради пропуст при приемот на е-пошта
