Адвокатката и правна советничка во „Маргини“ и ХОПС, Наташа Бошкова во вечерашната дебата на „360 степени“ зборуваше за тоа дека обвинителството и судот имаат развиено пракса, кога ќе се фати одредено лице со одредена количина на канабис по автоматизам подлежи на кривично дело. Според неа, оваа пракса треба да се промени.
„Во овој момент не би одела со конкретни количини на канабис кои би требало да влезат во Кривичниот законик. Имајќи предвид како досега се применува Кривичниот законик, се плашам дека дури и 30 грама канабис да стои како количина за лична употреба, не мислам дека некој со 31 грам треба да лежи затвор, иако немал намера да ја продава. Обвинителство треба да ја докаже намерата дека некој сакал да продава канабис, а тоа не се случува во моментот. Туку самото поседување на одредена количина на канабис се третира како кривично дело“,
вели Бошкова.
Таа се надева дека и овие прашања ќе бидат дел од работните групи и дискусиите со цел да се формулираат соодветни решенија.
