Борба против корупцијата, еднаквост пред законите, квалитетна и ефикасна правда. Така говореше власта пред изборите.
„Нема таков суд, судија, обвинител што ќе го запре овој процес“,
порача премиерот Зоран Заев на граѓанска трибина во 2019 година.

Така говори власта и сега.
„Новата влада е цврсто одлучна во периодот што следува да се спротивстави на корупцијата и криминалот“,
порача вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Но, последниот извештај на Државниот завод за ревизија откри дека судството, инспекциските служби, па и ревизијата бараат, но не добиваат доволно пари и вработувања за да ја извршуваат функцијата.
Како оди борбата против корупцијата и криминалот без соодветни „инвестиции“?

На почетокот на следната се навршуваат две години од „новата“ Антикорупциска комисија. Но, многу работи сѐ уште се по старо.
„Мислам дека сѐ можеше да биде побрзо, но времето назад не се враќа“,
вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
Пред сѐ, времето не се враќа за компјутерскиот систем, кој требаше драматично да ја забрза проверката на имотот на функционерите. ЕУ одамна ги купи серверите, но прво немаше место за опремата во сегашното седиште на ДКСК. Потоа, падна одлука Антикорупциска да се пресели во поголеми простории, но тој план пропадна откако со ковид-19 кризата, веднаш настрада буџетот на ДКСК.
Сега ДКСК ќе ги реновира старите канцеларии за конечно да може да ја инсталира опремата, а дотогаш ќе продолжат да собираат информации „пешки“, односно по пошта.
„Тоа ја разводнува работата. За еден предмет сте испратиле документи – па чекате, па сте започнале во меѓувреме нов предмет, па и од таму чекате документи и настанува тука преклопување на документација и обврски. За разлика од тоа, што треба да овозможи софтверот. Еве, да го земам примерот со проверка на имотот на судии. Проверката на имотната состојба на овие претседатели на овие судии ќе се завршеше можеби за една недела“,
вели Ивановска.

Ивановска, конечно, може да најави тендер за изработка на софтверската апликација. Ако нема нови „сопки“, од следното лето ќе биде далеку полесно да се провери имотот на функционерите. Дека ќе има пари и за тендерот и за нови вработувања, ветиле од Министерството за финансии.
„Двете главни препораки што ги доби оваа влада од ЕК беа да се спроведат препораките на ДКСК по предметите и втората главна препорака беше да се поддржи со финансиски и човечки ресурси. Така што сметаме дека Владата ќе биде одговорна кон ЕУ и ќе одговори на барања што ги има“,
посочува Ивановска.
За ефикасна борба со криминалот и корупцијата клучни се и инспекциските служби кои имаат надлежност да ловат и казнуваат злоупотреби. Но, Државниот завод за ревизија утврдил дека минатата година биле пополнети само 59% од инспекциските позиции.

На пример, најголемиот инспекторат, Пазарниот, по систематизација има 293 вработени, но на платен список има 140, или 48% од потребното. Најлошо е во Државниот инспекторат за локална самоуправа и во Државниот девизен инспекторат кои имаат само по тројца вработени од предвидените 22, односно 21 вработен.
Ревизорите, во својот извештај, посочуваат дека ваквата кадровска екипираност може да влијае на ефикасноста на работата на инспекторатите, како и на приходите што државата ги добива од казни и глоби.
Претседателката на Инспекцискиот совет вели дека, сепак, се снаоѓаат и вака.

„Имаме ефикасен инспекциски надзор. Бројките се солидни, секако дека има простор, да се разбереме, не велам дека нема потреба од доекипирање“,
вели Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Според неа, проблемот што снемувало инспектори низ годините е во стариот закон кој ги отежнувал новите вработувања, како и во ниските плати. Затоа, вели, донесен е нов закон,а Владата дополнително го задолжила Министерството за финансии да дава пари за онолку вработувања колку што инспекторатите ќе побараат.
„Пред нас останува да се пополнат оние места што ќе се испразнаа оваа и следната година и потоа веќе не се очекува толку голем природен одлив. Така што, сите наредни вработувања ќе бидат за зголемување на капацитетите, а не за пополнување на оние работни места кои што се празнат поради пензионирање“,
вели Филиповска-Грашкоска.
Стратегијата прво да се пополнат местата што допрва ќе се празнат поради пензионирање, а дури потоа и оние што недостасуваат од претходно, има своја логика. Но, тоа значи процес за кој ќе бидат потребни повеќе години за да заврши.

Судската власт, според Уставот, е независна и поради тоа има посебен буџет, утврден со закон. Државата мора годишно да издвојува најмалку 0,8% од БДП за оваа сфера. Но, законската обврска со години не се почитува. Според Државниот завод за ревизија, минатата година судската власт добила помалку од половина од предвидениот буџет односно 0,35 отсто од БДП.
„Оправдувањата секогаш се различни, но со оглед на фактот дека тоа е законска обврска е еден од главните столбови за независно судство, сметам дека државата треба да обезбеди таков износ на финансии. Интересен е фактот и што Државниот завод за ревизија инсистира на осамостојување во креирање на политики, но за жал засега останува тоа во рамки на државата“,
вели претседателот на Здружението на судии.
Првиот човек на Здружението на судии посочува дека дел од судовите и натаму се соочуваат со основни проблеми, како недостиг на вработени и дотраеност на опремата и инфраструктура. А, тоа влијае на ефикасноста на судската власт.

„Ако ги гледате вие стандардите на ЕУ, ќе видите колку стручни соработници треба да има еден судија, како изгледа опременоста на судница, како оди комуникацијата итн. Сето тоа е во рамки на организација на судењето. Ако имате добра организација, ќе имате ефикасно правораздавање. На крајот на краиштата, тоа влијае и на вкупната доверба на граѓаните во судството“,
вели Саити.
За да се заокружи приказната и институцијата што ги изложи во јавноста овие заклучоци – Државниот завод за ревизија, самиот има недостиг од ревизори. Пред 10 години биле 120, сега се 82.

„Ако вие континуирано со години и давате помалку средства на судската власт, не обезбедувате доволно човечки ресурси на судската власта, на јавното обвинителство, не обезбедувате доволно човечки ресурси на Државните завод за ревизија и на сите други органи кои имаат надзорна, контролна или инспекциска улога, како може да очекувате резултати и да го дадат својот придонес“,
потенцира главниот државен ревизор Максим Ацевски.
Па, сепак, резултати се очекуваат. Под притисок само на домашната јавност, резултатите се далеку од задоволителни. Доколку нема блокада од Бугарија, со стартот на преговорите со ЕУ, ќе се додаде и притисокот од Брисел. А тогаш, без резултати, сами ќе се блокираме.