Комисијата за спречување и заштита од дискриминација доби три пати помал буџет за 2022 г. од бараниот. Пред да ги добијат сегашните простории, кои патем се непристапни за лица со попреченост, КСЗД заседавале во Клубот на пратеници, што се смета за „неутрален терен“. И сега, состаноците се одржуваат на мебел дониран од холандската амбасада. Ова е сторија за тим со силна волја за борба против дискриминацијата, кој има минимални ресурси за работа. Погледнете го видеото.
Во строгиот центар на Скопје, во доскорешните простории на Антикорупциската комисија, сместенa е нова, но не помалку важна институција – државната Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Но, овде нема ниту чувар, ниту хигиеничар.
„Немаме и многу други позиции кои ни се многу важни во овој момент“,
вели претседателката на КСЗД, Весна Бендевска.

„360°: Гледам и скаливе не се пристапни. Ова, на пример, е дискриминација за лице со попреченост. Aко сака да дојде да поднесе преставка, да ве види, не може, нема пристап.
Да, сосема сте во право и во нашиот зaкон го пишува токму тоа. Непристапна инфраструктура за лица со попреченост претставува дискриминација. Патем, ние сме и орган кој треба да ги контролира другите, и приватните и државните институции околу пристапноста. За жал, просториите кои ни се дадени на користење не се пристапни. Иако во нашиот Закон децидно стои дека во нашиот буџет мора да бидат обезбедени средства за пристапност, ни во минатиот, ни во сегашниот буџет за 2022, такви средства не се обезбедени“,
вели Бендевска.
Пред вселувањето тука, Комисијата, која треба да е независно тело, состаноци одржувала во Клубот на пратеници, кој се смета за „неутрален терен“. Освен овој објект, со ланскиот буџет добиле и пари за мебел, но бидејќи немале вработен со лиценца за јавни набавки, првично не можеле да купат ниту едно столче.

„Масата што ја гледате и столчињата ни се донација и благодарност за тоа од Холандската амбасада, но на првите 4-5 искршени столчиња и два статични компјутери, производство 2011, редонирани од МЦМС, ги изработивме првите стотина предмети. Дури и еден куриозитет да кажам, заради неможноста да го користиме буџетот, дали знаете дека уписот во Централен регистар кој чини одредена сума пари, го плативме од сопствените џебови, бидејќи тогаш не можевме да оствариме плата без да бидеме регистрирани“,
вели Бендевска.

Комисијата сè уште не е целосно екипирана. Од вкупно 7 члена избрани во Собраниeто, останаа шестмина, откако една членка си поднесе оставка од лични причини. Сепак, изминатата година Комисијата работела на вкупно 169 претставки. Во 35 предмети утврдиле дискриминација. 40 случаи сè уште се активни, а има и предмети во кои не е утврдена дискриминација, кои се отфрлени од различни причини или за кои е запрена постапката. Претставките најчесто се однесуваат на дискриминација во однос на работата и работните односи и пристапот до јавни добра и услуги.

„Се заприметува голема своеволност на раководните структури и, со оглед на тоа колку е политички поларизирано нашето општество, работниците во јавните служби го чувствуваат тоа многу добро, затоа што ќе се промени власта, ќе дојде друг, па се маргинализираат, се шиканираат, се дискриминираат, се сегрегираат… Граѓаните кои работат во јавниот сектор малце повеќе знаат како работат институциите и како да се заштитат, затоа што се внатре во системот, затоа можеби и повеќе си ги бараат правата, но тоа не значи дека во приватниот сектор нема дискриминација“,
вели Кире Василев – член на КСЗД.

Најтипичниот пример за дискриминација Комисијата го увидела во затвор.
„Имавме затвореник каде издржува казна затвор, а не му се дадени услови за издржување на казната. Тоа лице е во инвалидска количка, со целосна физичка попреченост и тоа е, на некој начин, тортура за време на издржувањето на казната затвор“,
вели Исмаил Камбери, член на КСЗД.

Со новиот закон донесен во октомври 2020 година, Комисијата доби и проширени надлежности. Може да се јави во улога на пријател на Судот, односно да дава дополнителни информации и податоци од позиција на експертско тело. Може да биде и замешувач, односно Комисијата да се вмеша на страна на тужениот или тужителот и да биде активна странка во постапка. Трипати досега Комисија се нашла во улога на пријател на Судот, додека во еден тековен спор, Комисијата чека судска одлука дали ќе и се дозволи замешување во процесот.
„Станува збор за тужба за заштита од дискриминација, судска постапка исто, во којашто тужителите барат утврдување на вознемирување како форма на дискриминација во учебник. Во овој случај Комисијата одлучи да побара да се замеша на страна на тужителите, се со цел, на некој начин, да придонесеме за превенција и заштита од дискриминација генерално во учебниците“,
вели Игор Јадровски – член на КСЗД.
Минатата година Комисијата ја „протурка“ со буџет од околу 250 илјади евра оти толку одлучи да им даде државата. Годинава, со експертска помош, скроиле буџет од 750 илјади евра, но повторно им е одобрена само една третина.
„Јас имам впечаток дека никој не го видел тој буџет. Во делот на мебел ние немаме воопшто веќе пари, а во истовреме ќе ни се одобри план за вработување на 4-5 нови службеници и плус бевме мотивирани преку движење на администрација да ја пополниме стручната служба, нешто што е неопходно за работа на Комисијата. Така ќе се доведеме до ситуација тие што ни велат да вработиме и преземаме службеници, не ни одобруваат пари за мебел? Каде ќе седат тие службеници, на што ќе работат тие службеници?“,
прашува Јадровски.

Сепак, и покрај сложените услови во кои функционира, Комисијата ги поттикнува граѓаните да поднесуваат претставкии. Тоа може да се направи по пошта, лично или онлајн преку нивната веб-страница. Но, секое прекршување на право, не значи и дискриминација.
„Да сфатат зошто се третирани нееднакво, кој е основот, што е она што ги разликува. Доколку детектираат што е она што ги разликува од останатите луѓе од нивниот колектив и поради тој основ тие се третирани нееднакво, тогаш тоа е претставка за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“,
порачува Кире Василев – член на КСЗД.
„Ние носиме мислење и во тоа мислење, согласно Закон, даваме препорака која е во насока на отстранување на дискриминацијата. Таа препорака ја даваме на дискриминаторот и му даваме рок од 30 дена до 6 месеци да ја отстрани дискриминцијата. Доколку не ја отстрани дискриминацијата, имаме законска можност да поведеме прекршочна постапка пред надлежен суд и за тоа дискриминаторот да плати парична казна. Паричните казни се прилично високи и можат да стигнат некаде десетина илјади евра, зависно. Дополнително, нашето мислење може да се користи како материјален доказ во судска постапка“,
вели Исмаил Камбери – член на КСЗД.
Токму мислење на претходната Комисија на чело со Александар Даштевски му помогна на екс премиерот Никола Груевски да добие азил во Унгарија, оти Антидискриминациска оцени дека тој бил политички дискриминиран во земјава. Груевски го добил мислењето за 52 дена, додека Комисијата беше мета на критики оти не постапува или развлекува постапки од нејзина надлежност.

Од сегашниот состав, на чело со Бендевска, тврдат дека не трпат притисоци, но и дека не би си дозволиле таква ситуација.
„Не им е драго на носителите на моќ, да ги кажам, кога ќе утврдиме дискриминација. Меѓутоа, буквално, принципот врз кој работиме како индивидуалци, но колективно одлучуваме согласно Законот, е дека нашата независност, но и нашиот интегритет и довербата што граѓаните треба да ја стекнат во нас е единствено можна доколку судиме само по факти и аргументи, без оглед за кои имиња и презимиња станува збор“,
вели Бендевска.
Колку системот нив ќе ги заштити од дискриминација очекуваат да се види со следниот ребаланс на буџетот.