И покрај отпорот кај дел од здравствените работници кои не сакаа да бидат дел од посебните избирачки одбори, од ДИК велат дека се формирани тимови за секоја општина каде има пријавено гласачи болни или сомнителни на ковид-19
Метеж од членови на избирачки одбори, новинарски екипи и полициски службеници. Ваква беше сликата утрово пред една од бараките на Општина Центар пред почетокот на гласањето на лицата во самоизолација и болните од ковид-19.

За сите ова е прво вакво искуство – да се организираат избори под посебни протоколи со посета од врата на врата кај лицата кои се во домашен карантин.
Членовите на избирачките одбори рано утринава ги донесоа избирачките кутии и заведоа онолку ливчиња за гласање колку што има пријавени гласачи во изолација во нивните избирачки места. Нивната работа засега завршува тука.
Потоа, избирачкиот материјал преминува во рацете на здравствените лица кои во заштини одела, маски, ракавици и визири, ги посетуваат домовите на гласачите.

„Во Општина Центар се пријавени 18 лица за гласање на 11 локации, значи на некои места има и повеќе пријавени лица на иста адреса. Медицинските тимови штом завршат, ќе ни се јават, ние повторно ќе ги повикаме избирачките одбори да дојдат и да го преземат материјалот. Нивната работа е слична како кога гласаат болни лица. Посебниот избирачки одбор, пак, е обучен и се се одвиваше мирно и нормално“,
изјави Дејан Дамјановски, претседател на Општинска изборна комисија во Општина Центар.

Екипата на „360 степени“ го следеше комбето на медицинскиот тим во Центар и проследи дел од гласањето кое се одвива пред прагот од домот на гласачот.
Здравствената екипа не влегува внатре. Гласачот излегува пред врата и се легитимира. Со заштитни ракавици и маска го зема гласачкото ливче, гласа, а ливчето прво го става во плик, па во гласачката кутија. Тимот е опремен и со дополнителна заштитна опрема, во случај гласачот да нема своја. Гласањето трае кратко, по што тимот оди на друга локација.

Во целата процедура, барем за овој медицински тим, не можеше да се забележи каде здравствените лица се преслекуваат и ја фрлаат опремата по гласањето, како што налага правилникот на ДИК, според кој опремата треба да се менува за секое гласање. Единствено место каде не можеа да „ѕирнат“ новинарските камери е комбето со кое тимот ги посетува гласачите, а од кое здравствените работници излегуваа веќе облечени.

Од ДИК велат дека местото за преслекување не е опфатено со нивниот правилник, но е јасно посочено како правило дека опремата мора да се менува после секое гласање.
„Согласно препораките од ДИК за заштита на здравјето, посебните избирачки одбори се должни да ја менуваат опремата по завршување на гласањето на секој избирач. Најлонските мантили, ракавиците и маските. ДИК даде препораки, има доставено опрема за секој член на посебниот избирачки одбор за да можат да ја менуваат. Има правило дека таа опрема се става во црни вреќи и потоа се третира како отпад. Што се случува на терен, каде ја менуваат, не е определно местото, туку правилото е дека треба да се менува, да се дезинфицира комбето итн“,
вели за „360 степени“, Адмир Шабани, од ДИК.
На ниво на цела држава вкупно се пријавија 716 лица кои се болни од ковид-19 или се во самоизолација, а сакаат да го остварат своето гласачко право.
Самата организација на гласањето претходно наиде на отпор кај дел од здравствените работници кои бараа од ДИК да ги повлечат од избирачките одбори, посочувајќи дека нивното место е во болниците.
И покрај проблемите кои се појавија околу формирањето на посебните одбори, од ДИК велат дека се формирани тимови за секоја општина каде има пријавно гласачи болни или сомнителни на ковид-19.