Бајрамовска – Мустафа побара од министерката да се ангажираат инсепкциските служби, бидејќи како што вели имаат укажувања за недостаток на учебници и од страна на родители, но и од невладини организации кои работат на полето на образованието
Народниот правобранител добил повеќе претставки и поплаки од родители дека има деца кои не ги добиле потребните учебници со стартот на учебната година, укажува државниот советник на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа во вечерашната дебата на „360 степени“. Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вел идека годинава за првпат бројот на учебници кој бил побаран од страна на училиштата биле навремено доставени на 1 септември.
„Имаме претставки кај Народниот правобранител доставени од родители и секојдневно примаме телефонски реакции. голем број од училиштата во државата се уште ги немаат обезбедено учебниците. Голем број од учениците одат на училиште без обезбедено учебно помагало. Законот за учебници за основно и средно образование е јасен дека учебникот претставува основно наставно средство и со почетокот на учебната година учениците ги добиваат учебниците. Меѓутоа, за жал, не секое дете после првиот училишен ден си замина од училиште со потребните учебници за следење на настава“,
рече Бајрамовска – Мустафа.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, реплицираше дека годинава за првпат учебниците биле навремено дистрибуирани до училиштата во оној број во кој тие биле побарани.
„Народниот правобранител има надлежност да собира претставки, но ние имаме надлежност да го следиме што се случува во образованиот систем и да го подобруваме во континуитет. Во изминатите седум години достава на учебници се правеше во најголем дел од времето во второто полугодие, и печатење на учебници од Министерството и набавка и откуп на учебници за кои се со ексклузивни договори. Годинава се беше на време и учебниците и од откуп и од печатење беа пуштени во училиштата на 1 септември, односно бројот на побарани учебници од страна на училиштата…Можеби станува збор за предмети поединечни каде што нема учебник и тие нема да го добијат затоа што има во седмо-осмо одделение каде се повлечени учебници и тоа е систем кој со години си работел позадински неквалитетно и не биле доставувани навреме учебниците ниту со соодветниот број, а ние имаме увид во МОН дека се печатело со години во полн потенцијал или со вкупниот потребен тираж на учебници, а сега училиштата во даден момент алармираат дека немаат доволен број на учебници. На пример, учебниците за трето одделение не се печатат секоја година и тоа е во законското решение, се печати број на потребни учебници побарани од училиштата кон МОН“,
рече Царовска.
Бајрамовска – Мустафа побара од министерката во овој случај да се ангажираат инсепкциските служби, бидејќи како што вели имаат укажувања за недостаток на учебници и од страна на родители, но и од невладини организации кои работат на полето на образованието.
Царовска посочи дека образовниот процес се следи и ќе се следи и понатаму во сорабтока со локалните самоуправи кои пак се директно надлежни за училиштата.
На прашањето дали Народниот правобранител има евиденција за кои училишта се однесуваат поплаките, Бајрамовска-Мустафа кажа дека сите поплаки и претставки се доставуваат до МОН.