Има индиции дека ќе стигнат нови пријави, вели министерот за здравство во интервју за „360 степени“, во контекст на тврдењето на проф. д-р Сашко Кедев – дека на пациенти во земјата им се правеле непотребни операции на срце, само за профит. Сепак, не открива детали кој ќе ги достави тие пријави
Иако министерот беше воздржан за резултатите од работата на интерната комисија за првично пристигнатите осум предмети, индиректно потврди дека меѓу нив има случај или случаи на непотребни кардиохируршки зафати
Интерната комисија во рамките на Министерството за здравство формирана по обвинувањата на проф. д-р Сашко Кедев, дека во државата се прават непотребни операции и на отворено срце за профит, веќе одржа два состанока. „Имаме наоди од неколку предмети“, вели во интервју за „360 степени“ првиот човек на владиниот ресор, Азир Алиу.
Кога ќе завршат сите предмети, тогаш ќе излеземе со извештај којшто ветивме од првиот ден дека ќе биде транспарентен и на веб-страната на нашето министерство.
„360 степени“: Не можам, а да не прашам – во која насока одат тие наоди?
Па… да, дадеме време уште малце да заврши комисијата. Ценам дека уште малку време им треба бидејќи од осум предмети негде до средина се прегледани. Мислам дека уште еден состанок-два и ќе имаме првични резултати.
Стигаат нови предмети
Откако министерот не сподели детали за досегашните наоди, разговорот продолжи во насока на самите пријави. На прашањето, кој ги поднел досегашните осум пријави, тој одговара „во моментов имаме од само една установа“. Но, потоа практично најави дека ќе стигнат и други пријави за спорни кардиохируршки зафати.

„Јас очекувам дека ќе има повеќе предмети доставени. Знаете, ние направивме апел и како институција и јас како министер. Исто така имаме можност преку веб-страницата на министерството да се доставуваат информации и после да се архивираат документи тука. Очекувам дека ќе има повеќе од осум такви предмети“.
Малку подоцна, се навративме на темата со потпрашање.
„360 степени“: Рековте дека очекувате нови пријави. Сигурно не би го кажале тоа, ако веќе не знаете или немате најава дека ќе стигнат?
Па имаме индиции. Да.
„360 степени“: Може малку подетално да ни кажете какви индиции? Од кого ги очекувате?
Знаете, многу сме претпазливи во овој процес. Иако, од друга страна, ние цело време велиме и работиме и како кабинет да бидеме отворен кабинет и како министерство сакаме да бидеме транспарентни и отчетни, но знаете, понекогаш некои процеси бараат време и можеби ќе наштитиме ако во оваа фаза ние трчаме со изјави и со информации кои можеби понатаму ќе наштетат на процесот.
кажа министерот за здравство Азир Алиу.
Индиректна потврда
Предметите што се стигнати и кои министерот очекува да стигнат, веќе е познато дека ги проверува интерна 15-члена комисија составена од доктори, но и економисти и правници. Министерот очекува улога да игра и Лекарската комора.
Баравме од Лекарската комора да оди во државните и приватните институции кои нудат таков тип на сервис, кардиолошки, кардиохируршки сервиси, за да може ад-хок да проверуваат по пет-шест случаеви за секоја година, почнувајќи од 2023-тата година. Се надевам дека комбинацијата на стручната комисија и на Лекарската комора ќе ни дадат јасна слика за тоа како понатаму и кои политики да ги применуваме.
вели Алиу.
Понатаму, објасни министерот, по извештаите на интерната комисија и Лекарската комора, мислење ќе даде и комисијата од странски експерти. И не само мислење, туку веројатно и препораки.
Но, говорејќи за улогата на странците во процесот, министерот Алиу индиректно потврди дека веќе се утврдени злоупотреби при кардиохируршки интервенции, говорејќи дека ќе се бара начин како системот може да се стабилизира.

Имајќи предвид дека странските експерти се пребукирани со работа, тие се врвни експерти во нивните земји, сакавме како претходница на таа анализа да направиме една внатрешна експертиза, којашто исто така знаете дека со составот на оваа комисија, која е составена од врвни експерти од нашата држава, и се надевам дека тој документ, произлезен од оваа комисија ќе биде добар почеток за таа трочлена комисија којашто е надворешна. Тука нема да застанеме. Ако тие ценат дека дополнително треба да се анализираат или процесуираат некои случаеви, ние ќе продолжиме. Значи, нема да има притисок ни за време, ни за начинот, за методологијата. Целта не е таа. Целта е да имаме јасна слика како можеме понатаму да не се повторат, ако има таков тип на, ај да кажеме, злоупотреби, и како може системот да се стабилизира.
„360 степени“: Штом велите да не се повторат, значи дека веќе имате најдено дека нешто се случило?
Да го почекаме извешајот. Мислам дека за кратко време ќе имаме извештај.
Има можност во државно, но препраќаат на приватно
Пред интервјуто со министрот Азир Алиу, „360 степени“ направи анализа на податоците за кардиохируршки интервенции кои ги плаќа Фондот за здравствено осигурување. Некои од заклучоците беа дека приватните болници успеваат да потрошат и 100% од парите кои за таа намена на годишно ниво им ги одвојува ФЗО, а државните болници не успеваат да потрошат ниту 50% од парите за истата намена. Услугите, независно дали се во приватно или јавно здравство, Фондот ги плаќа по иста цена.
Уште од почетокот побрав да се формира група, која заедно со надворешни експерти, ќе дефинираме национална стратегија на човечки ресурси, предиктивна, за 10 години, поврзана со епидемиолошки методологии со која ќе знаеме точно во кој дел од нашата здравствена инфраструктура колку доктори и медицински сестри ќе ни требаат понатаму. За жал, тоа е точно, овие две институции, Кардиологија и Кардиохирургија, имаат недостаток и на кадар но исто така морам да кажам и недостаток на соодветна инфраструктура за да може да сервисираат поголем број на пациенти.
„360 степени“: Дали има проблеми со упатувањето? Односно, дали кардиолози од друга краеви на земјата ги праќаат пациентите на коишто им е потребна кардиохируршка интервенција пред сè кон приватните болници наместо кон државните установи кои можат да ги направат тие интервенции? Зборуваме за сметка на Фондот.
Се анализира и тој процес. Знаеме, таа нова методологија што ја зборуваме ќе биде базирана и на сервис и на буџет. Фактички, нема да има веќе буџет дефиниран за институцијата без притоа да имаме предвид колку сервиси, колку услуги таа институција нуди кон околината кон којашто треба да нуди. И таа нова методолигија буквално ќе ги поврзе услугите со буџетите. Да, во моментов имаме институции коишто помалку нудат услуги кон граѓаните коишто живеат во тој регион, отколку финансиите коишто ги бараат и ги имаат од државата.
изјави министерот за здравство Азир Алиу.