Откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња може да се објават, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во врска со случајот што го објави “Призма” за ангажманот на 58 хонорарци
Имињата на 58 хонорарци, кои Владата првично реши да ги чува во тајност, ќе бидат достапни за јавноста од понеделник.
Ова го најави портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во вечерашната емисијата „360 степени“.
„Не ни паѓа на памет во Владата да криеме какви било податоци и можам да кажам дека откако се направени сите консултации и анализи е востановено дека преовладува јавниот интерес и овие имиња може да се објават. Од понеделник, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе може да се добијат овие имиња, бидејќи се работи за јавни пари и нема потреба да се крие ништо“,
вели Арсовски.
Хонорарците, како што откри БИРН, биле ангажирани преку Генералниот секретаријат на Владата кој има над 250 вработени, но при нивниот обид да ги добијат имињата на овие лица и основите за кои биле ангажнирани добиле одговор дека се работи за лични податоци.
Но, по јавниот притисок, Владата ја промени одлуката и како што најави портпаролот, од понеделник тие имиња ќе може да се добијат на увид на јавноста, следејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Целото истражување на БИРН може да се прочита ТУКА.